Да се старее како река

Минатата недела се наврши една година од заминувањето на мајка ми. Недоволно време да се навикнам на отсуството, но доволно време да размислувам за онаа изрека дека староста почнува кога ќе починат родителите. За волја на вистината, мајка ми (останата сирак од мала возраст) се однесуваше инаку: секогаш кога ќе ѝ ги спомнев годините (а богами, длабока старост, 90 дочека), одговор ѝ беше: доста па ти со годините, ако сум стара не сум инвалид. Но, како врват деновите, а јас веќе се подготвувам за пензионерски денови, така се надоврзуваат разговори со пријатели и блиски околу тоа како да се старее, што уште нуди животот. Како е најдобро човек да ги мине последните години, или последните 13 милиони минути (ако се претпостават уште 25 години живот до евентуална длабока старост)? Дали е староста голем хендикеп, дали е зло, дали е грда и лоша? На сите овие прашања ме наведе и една статија објавена во лондонски „Гардијан“, која ми ја прати неколку години постар пријател со слични дилеми.

Всушност, централното прашање гласи: Кога е човек (официјално) стар? Некои држави тоа го решиле правно (на пример, во Австралија повозрасен граѓанин е секој над 65 години). Но, дали државата има право да определува кој е стар и колку (освен за вршење одредени задачи, професии, функции)? Тенденциите одат кон забрана на т.н. ејџизам, односно дискриминација по однос на години/возраст, но старите луѓе стануваат товар дури и кога не се признава тоа. Сиот тој склоп на прашања е флуиден, променлив, а и различно се третира во различни култури. Во нашата… хммм… не знам што би рекла за нашата култура кон староста? Навидум, ние се грижиме за нашите стари. Но, во главата одѕвонуваат стиховите на Конески за убавите жени во мојот народ: „Набрзо тие седнувале на порта/ со наведната глава и издадени коленици, /со нечујна издишка./ Убавите жени, несреќните жени/ тие брзо прецутувале/ како цут од кајсија/ како мајски јоргован“.

Се сеќавам на реакциите на мајка ми (која не ѝ се предаваше на староста, но сепак подлегнуваше на некои општествени норми) кога ќе видеше некој стар пар во Женева (во годината што ја минавме таму). Беше вџашена дека носат бели облеки, шапки и обувки, дотерани од главата до петиците, фатени под рака шетаат како сега да го започнуваат заедничкиот живот. Таа, останата вдовица на 50 години, се помири дека староста дошла и дека сè што ѝ преостанува сме ние, нејзините деца, внуците, а на крајот и правнуците. За неа беше невкусно облекување во светли и шарени бои, набаре сама си ја ускрати потребата да изгледа ведро и весело.

Јас сум, секако, и ќерка на мојата мајка, ама и чедо на друго време. На староста уште немам време да мислам многу, а кога си јавна личност неретко изложена на пизма и потсмев, веќе со години ме нарекуваа(т) „тетка биберче“, „баба“ или дури и „бабетина“. За нив тоа било начин да ме деградираат како жена и личност (за немање секс и менопауза и да не зборувам). Тоа го чинат/чинеле и мажи и жени (постари од мене и, простете, ама и понеугледни во ликот и умот). Нејсе! Се навикнуваш и на човечката злоба, дури и кога не е предизвикана од никаков личен чин/однос.

Битно е како се чувствуваш внатре, дали имаш енергија, волја и желба. Да, се разликуваме и по тоа: некои сакаат едно, други – друго. Среќата е многу интимна работа. По ова прашање потсетувам на татко ми, кој им се радуваше на пензионерските денови, планирајќи да учи, да ги пополни сите празнини (од некомплетираното формално образование) и да пишува, пишува, пишува… За жал, само три месеци по пензионирањето, сите негови планови и амбиции се претворија во пепел. Понекогаш личам на него: и самата се радувам на одењето во пензија како на време на платен „одмор“ во кој ќе пишувам, пишувам, пишувам. Можеби ќе ги напишам сите оние романи што лежат во мене, а кои останувале запретани таму длабоко, бидејќи некакви научни трудови, конференции и јавни ангажмани (за жална Македонија) имале предност.

Со стареењето на популацијата, особено во западните општества, не само што расте бројот на истражувачки центри за староста и се подигнува сензибилноста за дискриминацијата и нехуманиот однос кон старите, туку и младите луѓе се соочуваат со прашањето „што сакаш да станеш кога ќе остариш?“. Инстинктивниот одговор е: да не му бидам товар никому, да сум на нога, да не мора никој да се грижи за мене. Во минатото не било така, особено во традиционалните општества (на Балканот, но и во Азија и Африка); сега и таму/тука нештата се менуваат. Децата ни заминаа далеку, ние и натаму не сакаме да сме им обврска и грижа, па само се надеваме дека или ќе заминеме онака одеднаш, без многу „вовед“, или дека ќе имаме средства да си обезбедиме колку-толку пристоен старски дом.

Но, дотогаш… дотогаш има доста време. Што сакам да станам кога ќе остарам? Како и во некои други професии, и во мојата главна привилегија се мотивацијата и желбата да се биде продуктивен и општествено корисен. Сакам да патувам, сакам да пишувам, сакам да градинарам. Маркез беше во право кога опоменуваше дека не е точно дека луѓето престануваат да ги остваруваат своите соништа затоа што стареат; обратното е точно, тие стареат кога ќе престанат да имаат соништа. Тажно е кога ќе видиш наоколу толку млади, а веќе остарени луѓе – со изгубен поглед, без животна радост, без никаква желба. Самотијата е дел на староста, но како што велеше Ајнштајн она што е толку болно во младоста, станува толкаво задоволство во годините на зрелост. И кога е сам, човек не мора да е осамен, или барем е во добро друштво.

Уште не сум дала „отказ“, не сум ни формално пензионирана, но веќе ги прегрнувам добрите страни на староста. Станува сосема неважно дали сум дотерана, нашминкана, дали ми е средена косата итн. Околината, онаа вештачки налицкана и фина, станува товар и најдобро е да се избегнува. Конечно, човек (особено, жена) може да биде тоа што сака да биде, а годините се добар изговор да не се каже дека е тоа конечно освоената слобода да се биде автентичен, свој, а не општествено моделиран и вкалапен. Да не биде дека сум неразумна и наивно романтична, сосема сум свесна дека живеам во општество што не сака старост, кое не сака ни зрелост, од сериозноста и промислата бега како од чума. Меланхолијата и загриженоста (за светот и векот) се товар. На старите луѓе дури и во болниците не им се придава посебно значење; кога ќе ве прашаат колку години има пациентот, сметајте дека веќе (не)свесно му пресудуваат дали вреди да се потрудат околу тој (потрошен?) живот. Конески и денес е во право, и не само во однос на жените. Овој народ старее многу пред возраста, се предава и кога е време на борба, а амбиција… хмм, таа е сведена на најниско ниво, ниво на преживување.

Овој напис нека не ви се чини морбиден; се надевам дека не е. Бидејќи помислата за староста, за приближувањето до крајот (барем за нас што сме атеисти и не очекуваме друго полувреме), треба да е природна работа, а не извор на ужас. Затоа ми се допаѓа кажаното од Анре Жид, кој како да ги преточува моите мисли: „Помислата на смртта ме гони со чудно инсистирање. Секогаш кога правам некој гест, пресметувам: колку пати досега? Па пресметувам: уште колку пати во иднина?, и полн со очај, го чувствувам почетокот на годината како брза кон мене. И додека мерам како се провлекува водата околу мене, жедта ми се зголемува и се чувствувам помладо сразмерно со малото време што ми останува да ја почувствувам“. Тоа е она што Сартр ќе го каже на инаков начин: „Колку што повеќе истекува песокот од песочниот часовник, толку појасно можеме да гледаме низ него“. Конечно, убавата мисла на еден бесмртен човек, Бертранд Расел, за тоа како да се старее како реката: „Направете ги вашите интереси што пошироки и помалку лични, сè додека дел по дел не се урне ѕидот на егото, а вашиот живот постане сè поповрзан со универзалниот живот.

Индивидуалното човеково постоење треба да биде како река — најнапред мала, тесно ограничена од бреговите, а потоа страсно јури преку камењата и водопадите. Постепено, реката станува сè поширока, бреговите се повлекуваат, водата тече тивко, и на крајот без некој видлив прекин, таа се спојува со морето, безболно губејќи го своето индивидуално постоење“.