Билатералните договори што ја ништат неприкосновена Македонија

Во недостиг од национална развојна стратегија и здраворазумски политики, како држава и општество три децении ги затвораме очите пред лагите и невистините дека „познатите билатерални договори“ со соседите се творба на нашите државни „мудреци“, кои воделе сметка за македонските национални интереси. Но вистината е многу посурова, билатералните договори, како што се Преспанскиот договор и т.н. Договор за добрососедство, се добро осмислена махинација на Атина и на Софија, во пакет со уште некој, за остварување на нивните стратегиски цели. Некој може да глаголи дека нашето искажување не суштествува во реалноста, но не смееме да го заборавиме искажувањето на Никос Коѕијас, еден од потписниците на Преспанскиот договор, дека во Македонија се „роди нова нација“?!

Медитацијата се практикува во голем број религиозни традиции, особено во џаинизмот, будизмот и хиндуизмот, а нејзината суштина е достигнување смиреност и безгрижност, изградба на внатрешна енергија и животна сила. Понекогаш медитацијата вклучува и повторување одредена мантра (магична формула или свет звук) и затворање на очите, со намера преку оваа практика да му се овозможи на човековиот ум да се ослободи од негативните мисли и грижи. Македонија како општество, држава и нација подолг период е сведок на една карактеристична мантра, која се состои од постојано повторување на зборовите: „Преспански договор, Договор за пријателство и добрососедство, Европска Унија, Брисел и сѐ така до бесконечност!“
Личностите што напамет ги кажуваат овие зборови, како да веруваат во нивната магична моќ, но постојаното повторување една иста флоскула нема да ни ги реши егзистенцијалните комплексни прашања, како што се корупцијата или нефункционалната администрација, нешта што се суштински за секоја држава или општество. Во недостиг од национална развојна стратегија и здраворазумски политики, како држава и општество три децении ги затвораме очите пред лагите и невистините дека билатералните договори со соседите (се знае за кои) се творба на нашите државни „мудреци“, кои воделе сметка за македонските национални интереси. Но вистината е многу посурова, билатералните договори, како што се Преспанскиот договор и т.н. Договор за добрососедство, се добро осмислена махинација на Атина и на Софија за остварување на нивните стратегиски цели, како што е грчката крајност за создавање нова северномакедонска нација или софиските стремежи за бугаризација на Македонија преку т.н. француски предлог. кој веќе е составен дел од нашата преговарачка рамка со Европската Унија. Некој може да глаголи дека нашето искажување не суштествува во реалноста, но не смееме да го заборавиме искажувањето на Никос Коѕијас, еден од потписниците на Преспанскиот договор, дека во Македонија се „роди нова нација“.
Очигледно е дека со Преспанскиот договор и со т.н. Договор за пријателство се нарушува македонскиот државен суверенитет, но преседан беше направен со Привремената спогодба меѓу Република Грција и Република Македонија од 1995 година, како што ни беше посочено неодамна. Споменатата спогодба беше потпишана на 13 септември 1995 година во Њујорк, притоа македонската страна се согласи на името Поранешна Југословенска Република Македонија, како наше име за употребна во Обединетите нации и другите меѓународни организации, нешто што го нарушуваше македонскиот суверенитет. Оттогаш до денес, преку билатералните договори со Атина и со Софија, Македонија како држава и општество малку по малку губи од својата надворешна и внатрешна независност.

Но како се доведовме во оваа ситуација? Логичната кохерентност вели дека нашите „мудреци“ во надворешната политика се ориентираат според принципите на т.н. реалполитика или прагматична политика, меѓутоа реалполитика пејоративно се користи за имплицирање на политики што се восприемаат како принудни или аморални. Политичкиот прагматизам е неразделно поврзан со расудувањата на Николо Макијавели дека „целта ги оправдува средствата“, нешто што е особено видливо во дипломатските махинации на Метерних, австриски државник и дипломат, еден од творците на Виенскиот конгрес од 1815 година, дипломат што расудувал дека „во политиката е потребно да се комбинира целта со средствата и да не се забораваат средствата додека се следи целта“.
Во 20 век, реалполитиката како доктрина се пројавува во ликот и делото на Хенри Кисинџер, американски политичар, дипломат и геополитички консултант, кој ја вршеше должноста државен секретар на САД. Кисинџер за првпат ја внесе реалполитиката во современоста со својата докторска дисертација „Мир, легитимност и рамнотежа“, како студија за политиките на Метерних, и оттогаш прагматизмот е составен дел од дипломатските надмудрувања. Реалполитиката наједноставно може да се разбере преку искажувањето на Атанас Лозанчев, кој вели: „Кога некој ми должи 100 гроша и ми дава 10, јас ги прифаќам тие 10 гроша и останувам негов кредитор со 90 гроша“, а овој македонски револуционер велеше и дека „језуитската формула – целта ги оправдува, е наполно прифатлива од мене“.
Тука повторно сме принудени, веќе по илјадит пат, да ги повториме мудрите мисли на филозофот Никола Милошевиќ дека „гледиштето според кое целта го определува средството од праксеолошки аспект е целосно неодржливо. Пред да можеме да тврдиме дека целта го оправдува средството, мора да знаеме дали навистина средството за кое станува збор води кон таа и таква цел. Единствената исправна формулација би требало да гласи: целта го одредува средството“. Нашите билатерални договори со соседите треба да бидат средства што ќе водат кон неприкосновена Македонија, а не обратно. Секој договор помеѓу две страни може да биде замка за една од страните, а тоа совршено се согледува од Англо-ирскиот договор од 6 декември 1921 година. Ирските водачи водени од максимата дека целта ги оправдува средствата го потпишаа договорот со Обединетото Кралство, верувајќи дека договорот е привремен, договор што предвидуваше создавање на слободна ирска држава. Меѓутоа шест окрузи во северниот дел од Ирска добија право да одлучат дали ќе останат во новоформираната ирска држава или ќе се отцепат од неа. Договорот во суштина овозможувал во иднина да се создаде целосна независна ирска држава, но де факто и опција за поделба на Ирска, што и се случи. Ирските водачи, како Мајкл Колинс, верувале дека поделбата е привремена, но 103 години подоцна Северна Ирска сѐ уште е составен дел на Обединетото Кралство.

Билатералните договори треба да ги решаваат проблемите, а не да ги удвојуваат, како што е сегашниот проблем со именувањето на Македонската православна црква, проблем што произлегува од Преспанскиот договор, или можноста од изучување бугарска историска содржина во македонските учебници. Нашите државни „мудреци“ треба да го напуштаат реалполитичкото расудување и на нештата да гледаат низ призмата на реалноста, која вели дека е потребно внатрешно видоизменување на македонското општество преку суштински реформи, како што е владеењето на правото или доброто образование. Ова е решението, а не мантрата дека Преспанскиот говор и Договорот за пријателство ќе нѐ внесат во Европската Унија.