И ова Европско првенство ќе биде „претресено“ надолго и нашироко деновиве, по завршувањето на настапот на Македонија, и јасно е дека, како што се случува најчесто, сега следуваат лекциите, овој пат од Дебрецин, за анализа со студена глава. Чести се подемите и падовите во спортот. Има примери за тоа и во Македонија и во соседството, јасно, и пошироко, во многу спортови. За враќање на победничките патеки, секако, мора да се работи на сите нивоа, оти ништо не доаѓа прекуноќ, како што, на пример, прекуноќ не стигна петтото место на Европското првенство во 2012 година или, пак, шестото место во светот во 2017-та на младинците
Ново европско првенство во ракомет за Македонија. Ова е можеби најчестата реченица употребувана во спортот во Македонија, откако македонската репрезентација настапи на своето 14-то големо натпреварување (вкупно црвено-жолтите имаат учества на по седум европски и светски првенства), 11-то во низа, секоја година од 2012-та, секое со своја приказна, но секогаш за сите исполнето со возбуда, на теренот и околу него со неизбежните нервози, следено со успеси или со неуспеси…, но, најважно, со постојано присуство меѓу најдобрите во тој спорт. Само како нова потврда на статусот на спорт број еден во Македонија, граден со години, со децении, со единственоста меѓу екипните спортови со постојаност од настапите на големата сцена (покрај континенталните и планетарните шампионати, во два наврата и учество во квалификациите за пласман на летни олимписки игри), но и со постојаноста во работата во базата, од каде што се дополнува системот.
И ова Европско првенство ќе биде „претресено“ надолго и нашироко деновиве, по завршувањето на настапот на Македонија, и јасно е дека, како што се случува најчесто, сега следуваат лекциите, овој пат од Дебрецин, за анализа со студена глава, но не само за игрите на натпреварите во Унгарија туку со поглед подалеку.
На овој необичен континентален шампионат, првпат игран во екот на пандемијата на коронавирусот, се замина со доза оптимизам и без пораз во подготвителните натпревари. Но македонската репрезентација предвреме се враќа од првенството, а и покрај слабиот пласман, а со тоа и покомплицираниот, не и несовладлив, пат што следува до настапот на следното Светско првенство, во 2023 година, си има и свои назнаки, наравоученија. Секако, за остварениот пласман на Европското првенство годинава не треба да се заборави и влијанието на коронавирусот, поради кој имаше отсуство на повеќе играчи од мечевите на ова првенство, секако, нешто со што се соочија и сите други репрезентации на натпреварувањето.
По сѐ, и по овој циклус е јасно што треба да се случува, сега и на подолг период, за да остане континуитетот од настапи на големата сцена. На пример, неизоставните вложувања, а во овој период и поголема помош за клубовите, дополнителни ангажмани за кревање на нивото на сите ракометни центри, школите и камповите да добијат посилна поддршка, потоа вложувања во условите, во инфраструктурата, да се смени концептот на странски играчи… Сите тие и многу други работи се меѓусебно испреплетени, се дополнуваат и даваат резултанта.
Базата е како погонското гориво за секоја репрезентација. Младите репрезентации со своите резултати во еден период беа во голем налет, со врвот со освоеното шесто место во светот, генерација од која сега во сениорската репрезентација има повеќемина, па очигледно е дека тој фокус треба да продолжи, да се засили. И во овој циклус натпревари видовме промоција на млади играчи, како нормален редослед на нештата, како што во одредени периоди на големата сцена првпат стапнуваа и Кирил Лазаров, Дејан Манасков, Филип Кузмановски, Филип Талески… Македонија има уште талентирани ракометари за добра минутажа и за соодветен придонес, подоцна можеби и за носителска улога. Но само со трпелива работа.
Сето тоа и веројатно и многу повеќе му треба на ракометот, за европските и светските првенства да останат една рутина, нешто за што веќе не станува збор дека нема да се случи, иако само во тој спорт знаат како е да се дојде до тоа високо ниво без поголеми проблеми и секоја година да се доаѓа во центарот на вниманието и на светската спортска јавност. За сѐ да биде вака само навидум лесно, клучен е континуитетот, не само од настапите туку во многу области, категории, чекори… Ниту еден од тие сегменти не може да се развива без таа постојаност, без посветеност, конкуренција, сеопфатна анализа, синтеза… на теренот и со, на пример, натпревар со себе за подобрување на сопствените перформанси денеска, во споредба со вчера, како локомотива на напредокот, потоа уште повеќе вложување во тренерскиот кадар итн.
Чести се подемите и падовите во спортот. Има примери за тоа и во Македонија и во соседството, јасно, и пошироко, во многу спортови. За враќање на победничките патеки, секако, мора да се работи на сите нивоа, оти ништо не доаѓа прекуноќ, како што, на пример, прекуноќ не стигна петтото место на Европското првенство во 2012 година или, пак, шестото место во светот во 2017-та на младинците.