Нов популистички предизвик за Брисел

Дали по застојот во преговорите за брегзит, кои запнаа за „ирската граница“, челниците на ЕУ ги очекува нова битка со европските популисти? Рим и Брисел ја продолжуваат битката околу буџетот

На Европската Унија ѝ се заканува нова криза, која може сериозно да го доведе во прашање опстанокот на еврозоната. Дали по застојот во преговорите за брегзит, кои запнаа за „ирската граница“, челниците во Брисел ги очекува нова битка со европските популисти? Овој пат предизвикот доаѓа, ни повеќе ни помалку, од Италија, една од основачките на Унијата. За тоа дека работите воопшто не се розови на релацијата Рим – Брисел доволно говорат два момента од изминатата недела.
Прво, тука се резултатите од најновото истражување на Евробарометар, кои не се воопшто оптимистички. Анкетата покажува дека помалку од половината од Италијанците, односно 44 отсто, би гласале земјата да остане дел од ЕУ. За тоа дека во Италија преовладува евроскептичниот дух доволно говори фактот дека дури и кај Британците, чија земја ја напушта Унијата, процентот на оние што сега би гласале за останување во европското семејство, е поголем и изнесува 53 проценти. Покрај тоа, само 43 отсто од италијанските испитаници сметаат дека нивната земја имала корист од членството во ЕУ, што е најнизок процент во споредба со другите 27 земји-членки, наспроти 45 проценти, кои изјавиле дека нема бенефиции од членството. Италијанците исто така се чувствуваат најобесправени во однос на другите земји, и дури 66 отсто од испитаниците сметаат дека гласот на нивната земја не се важи во Унијата.

За алармантноста на ваквите резултати говори и фактот дека се огласи и претседателот на Европарламентот, Антонио Тајани, кој го повика блокот да ги засили напорите за убедување на земјите-членки за важноста од членството во ЕУ.
Мораме двојно да ги засилиме напорите за да докажеме дека Унијата знае ефикасно да одговори на главните проблеми на Европејците, како што се имиграцијата, безбедноста и невработеноста, порачува Тајани.

Резултатите од анкетата говорат за големото незадоволство во Италија, каде што мнозинството од испитаниците исто така изјавиле дека земјата се движи во погрешна насока и оти не се задоволни од тоа како функционира италијанската демократија. Токму ваквото расположение кај италијанските гласачи доведе до формирањето на првата популистичка влада во Италија, составена од коалицијата помеѓу движењето Пет ѕвезди и Лигата. Коалициската влада, посебно сѐ подоминантната Лига, делумно и го формираше својот идентитет противејќи се на ЕУ, критикувајќи ги политиките на Брисел за миграција, обвинувајќи ги Франција и Германија за доминирање, како и не почитувајќи ги буџетските правила на Унијата. Поттикнати од антимиграциската партија Северна лига, Италијанците исто така стануваат сѐ повеќе фрустрирани од тоа што тие го сметаат за неуспех на ЕУ да го преземе својот дел од товарот во спасувањето и удомувањето на мигрантите што во голем број пристигнуваат од Медитеранот.

Истовремено, Рим и Брисел ја продолжуваат битката околу буџетот. И покрај предупредувањата од Европската комисија, италијанската влада не се откажува од предвидениот буџет за 2019 година, познат и како „народен буџет“. Па, така, популистичката влада предвидува зголемување на јавниот долг на 2,4 отсто од БДП, што се коси со правилата на ЕУ и на еврозоната. Зголемувањето на долгот во најголем дел се должи на народниот буџет, кој предвидува серија мерки за трошење, за пензиите и промени на даноците, кои ќе чинат 37 милијарди евра, од кои 22 милијарди ќе бидат покриени со зголемувањето на дефицитот. Првиот човек на еврокомисијата, Жан Клод Јункер, повторно го предупреди италијанскиот премиер Џузепе Конте за можните последници. Особено на несаканите и гневни реакции од другите земји од еврозоната, доколку ЕУ го прифати буџетскиот предлог на Рим, со кој бара повеќе задолжување од еврозоната за да ги финансира свои изборни ветувања.
Италијанците добро ги разбираат работите и тие знаат дека не може да продолжат да трошат повеќе од тоа што го имаат на државната сметка, без многу задржување ќе порача Јункер, кој веќе доби предупредување од италијанскиот вицепремиер за тужба за нанесување финансиска штета врз Италија.

Останува да видиме каква ќе биде разврската од сегашното „недоразбирање“ помеѓу италијанските популисти и евробирократите. Ако не се најде некое компромисно решение, недоразбирањето лесно ќе ескалира во отворен спор, со несогледливи последици. Челниците во Брисел не треба да заборават дека Лигата и Пет ѕвезди се под голем притисок да ги исполнат ветувањата од нивните манифести и тоа пред изборите за европарламентот во мај наредната година.