И тогаш кога е срушен, човекот може да биде најголем

Благородноста на семејството Белчовски ја разбуди свеста кај јавноста. Овој чин на неверојатна хуманост, како највисок степен на солидарност што во себе има неопислива вредност, направи со трансплантација на органите да се спасат животи на луѓе за кои пресадувањето била единствена опција за да продолжат да живеат. И тоа треба да биде доволна причина за секаква можна поддршка од државата. Примерот на Белчовски ни покажа дека човекот може да биде најголем и тогаш кога е срушен. Нивната одлука, која спаси млади животи, ја расплака целата јавност и речиси кај никого не остави простор за рамнодушност

Деновиве бевме сведоци на уште еден највисок акт на човекољубие и хуманост, кога семејството Белчовски, во моменти на најдлабока тага, поради прераното заминување на нивната најдрага Верица, одлучи да ги донира нејзините органи за да се спасат повеќе животи. Овој чин на неверојатна хуманост, како највисок степен на солидарност, кој во себе има неопислива вредност, направи со трансплантација на органите да се спасат животи на луѓе за кои пресадувањето била единствена опција за да продолжат да живеат. Семејството, во моменти на емоционален и ментален распад поради трагедијата што го снашла, помислило на луѓето што чекаат донор како единствена шанса за живот. Примерот на Белчовски ни покажа дека човекот може да биде најголем и тогаш кога е срушен. Нивната одлука, која спаси млади животи, речиси кај никого не остави простор за рамнодушност.
Добрината не се мери. Човекот или ја има или ја нема. Исто како што не се мери онаа на семејството Белчовски од Русиново, кое деновиве ја расплака и ја сплоти целата јавност. Но во исто време, јавноста беше и единствена во барањето да му се помогне на семејството, кое едвај крпи крај со крај, се бори за егзистенција и нема сериозна работа и приходи. „Ниеден политичар, ниедна влада никогаш нема да го достигне она што Белчовски го направија со само една одлука“, беше еден од коментарите што наидоа на широка поддршка од граѓаните, кои, со право, не престанаа да бараат грижа за овие херои на денешницата.

Благородноста на семејството Белчовски ја разбуди свеста кај јавноста. И тоа треба да биде доволна причина за секаква можна поддршка од државата. Семејството на Верица треба најпрво да добие бесплатна психолошка поддршка поради траумата и шокот по тешката загуба на најмилото. Освен тоа, здравствените услуги за нив треба да бидат бесплатни, а она што е неопходно да се направи е да им се даде шанса на луѓето да можат достоинствено да работат и заработуваат, а во тој процес поддршка да дадат токму институциите на системот. Институционалната поддршка за овие семејства од кој било аспект треба да стане системско решение. Тие заслужуваат пристојни услови за живот и затоа треба да им се возврати со најдоброто што може да се понуди.
Минатата година се случи првата трансплантација на срце на државната кардиохирургија, кога срцето на Емилија Динева продолжи да чука во градите на Иван Огненовски. Речиси една година подоцна, ова семејство што лани во мај доби признание за херојскиот подвиг буквално од целата јавност, денес, на големо разочарување на сите, живее во сиромаштија. Иако сите зборуваа дека не треба никогаш да им се заборават добрината и човекољубието, сепак, семејството добива негрижа и е заборавено од оние од кои сите ние очекуваме промени на подобро во третманот на овие херои за подостоинствен живот. На ова семејство не му треба милостина, туку шанса за пристоен живот со работа, од која сами би си ја заработувале платата, со сопствен труд. И затоа давањето таква шанса за нив треба системски да се реши. Ваква шанса им е потребна и на Белчовски, како и на сите други што одлучуваат да го дадат највредното, за да се спасат други луѓе.

Ова беше втора трансплантација на срце што беше извршена на државната кардиохирургија, институцијата за која имаше расправии со децении. Врвните имиња во кардиологијата по вторпат заборавија на минатото и направија историски исчекор, оставајќи ги суетите пред вратата на салата за операции и влегоа внатре за да спасат човечки живот. Државната кардиохирургија имаше медицински персонал и апаратура, но недостигаа органодарители за да се вршат вакви сложени операции. Оваа институција е од огромно значење за македонскиот здравствен систем, зашто околу 50 отсто од морталитетот им се припишува токму на кардиоваскуларните заболувања. Овој пат, за првпат на Клиниката за ортопедски болести, се изврши и пресадување коски и коскени ткива кај пациенти што имаат метастази.
Свеста за донирањето органи мора да се менува. Целта на органодарителството е бесценета. Да се има удел во промената на нечиј живот за кој нема многу надеж е неверојатен чин на најголемо човекољубие. Човекољубието на Белчовски, како и она на семејството Диневи, ни покажа дека меѓу нас има навистина благородни луѓе. И нивните одлуки никогаш не треба да бидат заборавени.