Гугл-авантура со полусреќен исход

Направив мало истражување на платформата „Гугл артс енд калчр“, доста посетувана за време на пандемијата, а поттикнато од мојата вродена љубопитност, која не е само и исклучиво професионална. Да бидам искрена, првично бев понесена од помислата дека можеби Македонија и воопшто ја нема на платформата, а резултатот од пребарувањето беше полузадоволувачки. На прв поглед вистинско богатство од извонредни фотографии со висока резолуција од културното наследство на земјава (носии, артефакти, археолошки пронајдоци, фрески…), но сето тоа нафрлано без некој ред…

Деновиве прочитав вест дека Министерството за култура и информации на Србија започнало презентација на културното наследство на познатата платформа „Гугл артс енд калчр“ и во моментов се поставени седум изложби на аудиовизуелен материјал, за манастирот „Студеница“, галеријата „Матица српска“, синагогата во Суботица, за тврдината во Смедерево… Во наредниот период, како што соопштуваат оттаму, се планира зголемување на страниците на оваа глобална онлајн платформа, преку која јавноста има можност да пристапи до содржини со висока резолуција, фотографии и репродукции, како и видеоматеријал на уметнички дела и културно наследство, собрани од културните институции и соработници од целиот свет…
Направив мало истражување, поттикнато од мојата вродена љубопитност, која не е само и исклучиво професионална, а да бидам искрена првично понесена од помислата дека можеби Македонија и воопшто ја нема таму. Инспирирана веднаш да седнам и да напишам критички текст, сфатив дека текстот што веројатно ќе го напишам нема да биде баш таков, затоа што веднаш по отчукувањето на зборот Македонија во полето за пребарување, се изненадив. А тоа ретко ми се случувало, особено кога сум тргнувала во слични „авантури“ на интернет со клучен збор Македонија.

На воведната страница прво е претставена државата како земја на Балканскиот Полуостров во Југоисточна Европа со краток историјат и географска положба. И што има таму? На прв поглед вистинско богатство од извонредни фотографии со висока резолуција од културното наследство на земјава (носии, артефакти, археолошки пронајдоци, фрески…) Но сето тоа нафрлано без некој ред. Очигледно фотографиите, 400 на број, се поставени по некој алгоритам, што ги издвојува оние дела во кои се споменува зборовите Македонија и македонски (дел од странски поставки и музеи, на пример, накит и носии – главно галички, од Балканот од колекцијата на Британскиот музеј). Меѓу нив има доста артефакти со предзнак „македонски“ што му припаѓаат на атинскиот „Бенаки музеј“, една бугарска изложба, како и експонати од Балканскиот Регион, кои практично не се поврзани со македонското културно наследство или современа уметност.
Со интенција, веројатно, се презентирани само онлајн изложбите: „Скопје – уметност на солидарноста“ со дела од полската колeкција на МСУ, како и виртуелната прошетка низ павилјонот на Македонија на 15. Венециско биенале на архитектурата со проектот „Ничија земја“, поставена во историскиот воен локалитет Арсенале. Може да се види и дел од богатството на црквата „Света Софија“ во Охрид, една фреска на св. Ѓорѓи од Курбиново, икона на Аврам Дичов од Тресонче. Од современите дела, презентирана е инсталација на Јане и на Христина Чаловски. Голем дел од преостанатите содржини нема никаква врска со Македонија и којзнае како се нашле таму.

Од сето погледнато добро е да се апелира до македонските ресорни министерства и културни институции да се ангажираат во организирана и достојна презентација на земјава на оваа платформа. Зошто е важно нашето присуство тука? Проектот „Гугл артс енд калчр“ му овозможува на секој што има пристап до интернет да прегледува колекции и изложби во музеи низ светот, кои немаат можност да ги посетат во живо. Исто така, професорите и студентите имаат можност да организираат виртуелни патувања, како и онлајн разговори со музејски експерти од други организации од областа на културата. Со достапност на ексклузивен материјал, платформата „Гугл артс енд калчр“ може да им помогне на граѓаните низ светот во разни истражувања, во академската работа и да им овозможи мултидисциплинарно и меѓуинституционално учење. Присуството на Македонија на оваа платформа претставува одлична можност за афирмација на македонската култура и нејзините вредности во меѓународни рамки, па ова наедно е и препорака да ја зајакнеме својата видливост на платформата на Гугл.

За сите вљубеници во уметноста и културата, пак, да поуживаат во светските културни и цивилизациски придобивки и современи уметнички текови, затоа што тука може да ги видат: Каменот на Розета или египетските мумии во Британскиот музеј, ремек-делата од импресионизмот и постимпресионизмот во њујоршки „Гугенхајм“, француските уметници во музејот „Д’Орсеј“ во Париз, „Портата на Иштар“ во најголемиот германски музеј „Пергамон“ во Берлин, уметничките дела од златната ера во Холандија, огромната колекција на музејот „Пол Гети“ во Лос Анџелес, археолошките артефакти од периодот на Маите во Националниот музеј за антропологија во Мексико Сити… Понудата особено се збогати по затворањето на музеите за време на пандемијата, кога почнаа да се овозможуваат бесплатни онлајн прошетки низ овие простори, па „Гугл артс енд калчр“, во соработка со повеќе од 2.500 музеи и галерии низ светот, поради новонастанатата ситуација, ги отвори своите врати и за виртуелни тури и онлајн изложби. Посетата на платформата, секако, ќе ни даде чувство, барем за миг, дека и ние сме дел, и тоа несомнено значаен и богат, од уметничката и културна мапа на светот.