Животот трае 90 минути

Насловот е изваден од романот „Милан – Ливерпул 3:3“, кој е во фаза на пишување и ќе биде готов кон средината на следната година

Додека лицемерството лажира повреда на теренот наречен политика, да споделиме неколку грди и нефудбалски пасови. Урсула фон дер Лејен, госпоѓата што сака да менува национални идентитети, можеби поради чудните амбиции на некои нејзини предци што смислувале конечни решенија за одредени нации, не знам, не ѝ го знам семето, се истрча да каже дека досега загинале 100.000 украински војници и 20.000 цивили. Јас искрено, ништо не им верувам на евробирократи, ама се јави и Весли Кларк да соопшти дека, ако продолжи вака, ништо добро не ѝ се пишува на украинската армија. Нормално, тука влета и Шолц, па објасни дека Русија веќе не може да победи воено, токму во мигот кога се случува касапницата околу Бахмут. Лудилото од различни информации го дополни Столтенберг, кој ѝ порача на Украина да не се занесува по НАТО, оти прво мора да си ја ослободи државата. Нормално, со војска на која ѝ се случува масакр и оружје што Западот сѐ помалку планира да ѝ го дава, оти веќе го снемува во складиштата. На крајот мораше да се јави Зеленски за да каже дека ќе преговара со Русија откако таа ќе се предаде. И оди сега остани нормален. Фала му на Бога што освен фаци како Зеленски, постојат и зелените терени.
Во моментов кога ја пишувам колумнава, петок наутро, останува непозната само уште разврската во последните две групи. Данска, Германија и Белгија сосема разочараа. Од Данска многу очекував. Одлична репрезентација предводена од фудбалскиот феникс Ериксен. Одиграа исклучителни квалификации, Лига на нации и Европско првенство. На тоа исто Европско првенство, судиите ги упропастија во полуфиналето. И одеднаш…

Што? Сакате политика? Доста ви е фудбал? Добро, бе, политика… Германскиот претседател дојде во кратка посета на Нордистан. Како што Германија беше во кратка посета на Катар. Не поминаа квалификациска група. Исто како во Русија. Пред четири години си реков, добро, се случува, криза во формата, сеедно што дојдоа како бранители на титулата. Ама еве ги, повторно не минуваат. А цел Баерн Минхен им игра за репрезентација. Немам објаснување. Можеби исто како и Данците, и Германците дојдоа во Катар носејќи премногу политика во багажот. А, да, политика… германскиот претседател… И тој дојде со багаж во Нордистан. Кажа дека Германија ќе го отвори Уставот за да ги внесе Турците во него. Не, а? Не знам, не следам политика, фудбал има.
Овие денови дури и изгрејсонцата ми личат на фудбалски натпревар. Постоењето ја деганжира жолтата огнена фудбалска топка на небото, воздишки се слушаат од трибините на вселената, а животот трае 90 минути. И како човек сега да се плетка со политика? Знам, политиката сака да се плетка во фудбалот. Најважната споредна работа на светот нападната од најсамољубивата работа што му се сере на светот.
А светот наречен Нордистан, тажен и депресивен. И Сорос си замина од него. Изгледа се намалија буџетите за шарени револуции. Ама си завршија работа. Македонија стана Нордистан. Соросовото граѓанство луѓенца беше лош декор во сето тоа, но си ја одработи и наплати нормата. Лажната авангарда што глумеше антифашизам, ни донесе антимакедонизам, а тоа е мутирана форма на изопачениот нацизам. Ама не тагувај, интелектуална бижутеријо, ако треба, чичко Сорос пак ќе дојде. Доволно е некој политички субјект да го врати македонизмот на сцена и… „Свирчињата во уста!“
Судијата отсвири крај и јас им викнав „Браво!“ на американските фудбалери. И покрај сета политичка хистерија што со сите сили се обидуваше да го силува натпреварот меѓу САД и Иран, фудбалерите останаа достојни и си ја тркалаа својата приказна. Американците победија и влегоа во осминафинале. Веќе напишав, ми се допаѓа нивниот пристап, креативни и полетни, сакаат да се натпреваруваат, иако мислам дека оваа репрезентација својата кулминација ќе ја доживее на следното светско првенство. Ми се допадна и потегот на американските фудбалери по натпреварот. Стресно е за секој фудбалер да не ја помине групата, оти цела кариера сонува да заигра на мундијал. Стресно беше и за Иранците. Американските фудбалери им ја дадоа својата утешна прегратка.
А политиката, секако, се обиде да им се посере. Некој исфрустриран лик од американската фудбалска федерација го тргна иранското знаме од кајроните во САД, па Иран реагираше до ФИФА. Пробав да го замислам хистеричниот. Само што ја прочитал изјавата на Бајден дека САД имаат право воено да интервенираат во Иран, оти САД не се Русија, па можат што сакаат да прават и овој возбуден, веднаш го избришал иранското знаме за да покаже кој владее со светот и фудбалот. Нормално, американскиот селектор Грег Берхалтер на прес-конференција им се извини на Иранците и на иранските фудбалери, велејќи дека не може да ги контролира сите глупости што ги прават некои ликови. И во право е. Негова работа е контрола на теренот и тоа добро му оди.

Туку, кога веќе се нервирам околу политиката што се меша во фудбалот, оти неа мора секаде да ја има, сакам да им поставам едно прашање на сите овие западни човекољупци што себе се нарекуваат меѓународна заедница, а не се ни една петтина од планетата. Кога купувате гас од Катар, се занимавате со состојбата на човековите права во таа земја? Не, а? Немам солзи да ве исплачам, колку лицемерство имате за исфрлање од себе.
Затоа Левандовски се расплака. Го постигна својот прв гол на светските првенства. Иако, според мене, Полска не заслужи да влезе во осминафинале, се радувам за фудбалскиот гениј. Им се радувам на радоста, ми доаѓаат солзи кога тие не можат да ги сопрат своите.
Како и да е, на ова првенство има одличен фудбал и репрезентации што позитивно запрепастуваат. Зиеш, Хакими и другарите држат фудбалски лекции. На самураите очигледно фудбалското либидо им се крева само на моќни репрезентации. Хрватска покажа карактер, дури и кога не се форма, знаат како да се справат со ситуацијата. Србите допрва ќе ги видиме, оти, нели, колумнава ја везам по терен, петок сабајлечки. Важно, влегуваме во најнапнатиот дел од приказната, а јас сум од оние фудбалски фанатици што во финале сакаат да ги видат или оние што најмногу го заслужуваат тоа или Бразил и Аргентина, нормално.

П.С. Цела белгиска репрезентација ја пееше химната на Белгија, само Кевин де Бруине ја пееше шпанската химна. Кој разбра, разбра.