Претседателе Бајден, помилувајте го Џулијан Асанж!

Каде се брани слободата на изразувањето во новиот дваесет и први век? Џулијан Асанж, основачот на мрежната страница Викиликс (Wikileaks), се наоѓа во озлогласениот британски затвор „Белмарш“ каде што го очекува конечниот крај на сагата на британското правосудство околу одлуката за негова екстрадиција во САД, каде што е обвинет за шпионажа, едно од најтешките казнени дела во кој било кривичен законик низ светот, за што е предвидена казна од 175 години затвор.
Дигиталните технологии од корен променија многу дејности, но сферата на новинарството уште не успева да најде точен одговор на прашањето што се медиуми во новата ера и кој е новинар. Публицистиката, дневните весници и магазините се во тешка криза на идентитетот и лутаат да пронајдат вистински модел за опстанок во светот на новите технологии, а притоа да ги зачуваат основните вредности и стандарди на слободниот печат. Покрај тоа, живееме во свет кога социјалните мрежи се во сопственост на неколку (главно) момчиња од мојата генерација, кои се претворија во барони–разбојници на дигиталното време, многу побогати и помоќни од индустриските барони–разбојници од „позлатената ера“. Денес во пикторескното калифорниско гратче Пало Алто, во околината на универзитетот „Стенфорд“, се наоѓаат неколку огромни фарми со сервери каде што се складирани сите дигитални животи на секој поединец од планетата Земја, поточно дневните навики, текстовите што ги чита, комуникацијата со колегите, пријателите и семејството, скриените мечти и најдлабоките тајни на приватната интима. Благодарение на нашиот секојдневен од по интернетот и на нашето доброволно разголување на личната интима, овие дигитални барони–разбојници заработуваат неброено богатство што се мери во милијарди и трилиони долари. Во самата зора на интернетот се надевавме дека дигиталниот океан може да значи конечно отелотворување на идеалот на бесконечна човекова слобода на изразувањето. Меѓутоа, како и секогаш „патот до пеколот е поплочен со добри намери“, па државите многу брзо пронајдоа начин да го следат интернетот, а дигитализацијата на комуникациите даде уште поголема способност државниот Левијатан да ги набљудува активностите на секоја личност, и тоа во реално време. Социјалните мрежи, пак, одеднаш се претворија и во приватни цензори на слободата на изразувањето со цензорска моќ досега невидена во историјата на човештвото.
Единствено нешто полошо од државната цензура е приватната или приватизираната цензура. Пред неполна деценија се изроди една изопачена „идеологија“, ако воопшто може да се нарече така, на американските универзитети наречена „култура на поништување“ (cancel culture) каде што младите активисти „поништуваа“ личности што не се во согласност со нивните политички, морални или филозофски претстави, па започна вистински „лов на вештерки“. Се случуваше редовни универзитетски професори да бидуваат отпуштани од работа, да се откажуваат предавања на видни општественици пред академската публика, па дури и да се протестира пред домови на автори што објавиле „погрешни“ ставови, според протагонистите на „културата на поништување“.

Сите овие изблици ќе му ги припишевме на типичниот ентузијазам на универзитетската младина доколку оваа култура не се пренесеше и во сферата на социјалните мрежи, па сведочевме како платформите Јутјуб, Твитер, Фејсбук и ним слични измислуваат цели алгоритми за да промовираат еден тип гледишта и да цензурираат други што не одговараат на идеологијата на „разбудените“ (една друга социјална патологија на сегашноста) и на „културата на поништеност“. Така се роди цензурата на 21 век, орвеловска творба, втемелена на алгоритмите на компаниите од Пало Алто и на еден круг на самоповикано „високо свештенство“, кое си зема за право да определува што е морално подобно, што е политички коректно и што може да види светлост на денот и да биде објавено.
Израсна и една цела индустрија на самонаречени „експерти“ за области што дотогаш не постоеле, но одеднаш станаа високоплатени професии, од типот на „вистиномери“, „проверувачи на фактите“, „стручњаци на онлајн безбедност“, „борци против дезинформациите“ и слични егзотични титули. Веројатно целото ова племе ќе има сериозна душевна болка ако бидат наречени со нивното вистинско име – цензори. Дури и во Македонија разбравме дека социјалните мрежи на дигиталните барони–разбојници ангажирале некои фондации и слични „експерти“ за да го цензурираат македонскиот дел од интернетот.
Токму во овој дистописки и орвелијански свет постои нужност од одбрана на правото за слободно изразување, како од нараснатите дигитални државни разузнавачки агенции така и од приватните социјални мрежи.
„Слободата е секогаш и само слободата на оној што мисли поинаку“ е одредницата за мерење на слободата на изразувањето дадена од Роза Луксембург, која е многу тешко да биде спроведена на дело затоа што секогаш е на удар на непријателите на слободата. Како што вели познатата досетка, дури и Гебелс се залагал за слобода на изразувањето на тие што мислат како него, но треба да се вложи огромен напор за да се истрпи критиката, да се сослуша спротивставеното гледиште и да се соочи со непријатни факти. „Разбудените“ и приврзаниците на „културата на поништувањето“ се „црвеногардејците“ на сегашницата што ја водат нивната верзија на „културната револуција“. Само тоталитарни умови може да смислат концепти како „деплатформирање“, „поништување“, „онлајн срамотење“ и слични манихејски концепти.
Оттука борбата за слобода на изразувањето денес се прекршува врз судбината на Џулијан Асанж. Новинарот објавува текстови од јавен интерес за да го информира граѓанинот. Благодарение на откритијата на Викиликс, глобалните медиуми со денови, со месеци и со години објавуваат сознанија за тоа како нараснала државата, како се вклучила со сите сегменти на нашето живеење и како ги следи сите наши активности. Посебно значајно е да се согледа и колку драстично се кршат клучните уставни начела за заштита на човековите права и слободи, секојдневно, поточно во секоја секунда од моќните државни агенции и од нивните алгоритми. Благодарение на Викиликс, меѓу другото, човештвото се свести од убавиот сон за „крајот на историјата“ и за конечната победа на либералната демократија. Пред нашите очи изнедрил нов државен Левијатан, без никаква демократска контрола, скриен од очите на јавноста, на академската заедница и на слободниот печат.

Оваа седмица угледните светски медиуми „Њујорк тајмс“, „Дер Шпигел“, Ел паис“ и „Гардијан“ објавија заедничко писмо каде што го повикуваат американскиот претседател Џон Бајден да го помилува Џулијан Асанж. Јас се придружувам кон овој апел. За мојата генерација, САД беа и остануваат земјата на слободата и демократијата, земјата на првиот амандман, делот од планетата со отворени раце за секој имигрант што бара подобар живот, слобода и „потрага по среќата“. Помилувањето на Џулијан Асанж за глобалното граѓанство ќе значи дека Америка повторно си ја пронајде својата совест и дека пак ќе си го заземе централно место на пиедесталот каде што тече борбата за слободата на изразувањето во дваесет и првиот век. САД успешно се справиле со индустриските монополи на бароните–разбојници за да ги одбранат јавниот интерес, слободниот пазар и правата на сопствените граѓани. Следниот чекор би бил борбата со дигиталните барони–разбојници и со нивната чудовишна моќ да ги контролираат нашите читателски навики, мечти и сништа. А убеден сум дека Америка многу полесно ќе се справи со претерувањата на „разбудените“ и на „културата на поништувањето“. Нема да им биде првпат да ги поразат ловците на вештерки, само што ќе биде подобро овој пат да нема невини жртви како пред неколку века во Салем, Масачусетс. Иако навидум се чини дека слободарските сили се сега во малцинство дури и во „арсеналот на демократијата“.
Претседателе Бајден, помилувајте го Џулијан Асанж!

Ивица Боцевски