Нема никаква дилема дека впишувањето други народи во македонскиот устав е израз на демократско, слободно и рамноправно општество, иако ниту едно околу нас не е баш такво. Речиси не постои граѓанин што би бил против да се впишат Црногорците, Хрватите, Торбешите, Ескимите и Абориџините. Што се однесува до Бугарите, стравот се заснова на историските трауми што ги доживеал македонскиот народ од нивната солдатеска, од сплетките низ вековниот спор, од деловите од споделената историја, каде што македонскиот народ бил само жртва на измами и прекршени договори. Тука лежи лавот што сака повторно да рика
Македонската актуелна политика, а со неа и јавноста, меѓу другите рески поделби, сега е поделена на два блока и околу прашањето за впишување на Бугарите во Уставот. На едната страна се партиите и гласачите што го поддржуваат тој предлог, на другата оние што се против. За трајно впишување упорно агитираат од Социјалдемократскиот сојуз, ДУИ и другите албански партии, за невпишување бијат битка од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и СПМ, партии што немаат на своја страна партнер и поддржувачи од албанскиот политички блок. За првите, решавањето на тоа прашање е отворање пат кон цветна градина и европска ладовина, за другите поле послано со мини и море со неброени подводни карпи.
Да се согласиме дека и двете страни се во право, ако нивните ставови се стават на кантарот на политичката реалност. Но ниту едните ниту другите не нудат пошироки образложенија, поедноставни приказни зошто едното решение би било добро, а другото лошо. Мантрата на СДСМ дека тоа е услов за вистински почеток на преговорите со ЕУ не е доволно убедлив аргумент за да се жртвува кралица за пешак. Всушност, тој услов, сам по себе, е демант дека преговорите се почнати, иако се води некаков скрининг, колку да се рече дека нешто функционира. Партискиот, владин и собраниски наратив за оправданоста од прифаќање на предлогот е поткрепен само со голи проевропски фрази. Фрази без суштина, кои го покриваат фактот дека бугарскиот услов, всушност, е ново вето.
Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ како владејачка коалиција немаат подготвено работен документ – платформа во која на граѓаните би им ги претставиле сите позитивни и сите критички точки што би ги донело решението за Бугарите во Уставот. Без нужни опсежни процени за користа од една страна и без предупредувања за опасноста од друга, сета стратегија би се потпирала на тавтологиите на Бујар Османи, на слепата верба и самоубеденост на Димитар Ковачевски и на ладнокрвноста на Бојан Маричиќ, за кого, како што се однесува, не е важно дали надвор е ден или ноќ. Премногу е ризично на оваа ударна тројка, тенка со историски познавања, дипломатски искусна и оспособена на ниво на трети клас гимназија, да ѝ се даде целосната моќ за решавање на едно од прашањата што ја одредуваат идната судбина на македонскиот народ во сопствената држава. Силната логистичка поддршка од Али Ахмети, кој визионерски си ја гледа голема Албанија на сметка на мала Македонија, е фактор плус за негово доближување до посакуваната цел.
На другата страна од уставниот фронт се ВМРО-ДПМНЕ, Левица и СПМ, главнината на сегашната опозиција. ДПМНЕ има изградено став дека не се согласува со уставните промени и тој досега не е променет, иако може да се начујат и други различни тонови. Познато е дека сегашните пратеници во Собранието имаат потпишано изјави дека нема да дадат согласност, но лебди во воздухот црното халовин-искуство од спогодбата од Преспа за името, кога токму најголемите вмровци потклекнаа на притисоците и гласаа нивната држава да се обезимени.
Кој може да тврди дека таа свежа историја нема да се повтори и во овој случај? Зошто би се исклучила примената на „балканските методи“, повторно да вртат закани, да се прават фалсификати, да се вршат подмитувања, потплатувања, помилувања, да се даваат парични награди или концесии и да се ветуваат ослободувања од затворски казни таму кај што треба и кому треба? Нотарските изјави на сегашните пратеници за држење цврст став прекуноќ може да ги одвее ветрот и да ги напласти на контото на СДС и ДУИ. И над нотарот има нотар. Една полноќна собраниска тајна бура е доволна, еден пуч извршен врз деловникот од оној што треба да го спроведува, и ете го новото утре во кое Бугарите се стари браќа. Таквиот епилог ќе го оддалечи ВМРО од власт најмалку уште десет години, ќе ги востоличи СДС и ДУИ како вечни владетели на она што ќе остане од Македонија.
Но, без разлика што ќе се случува, ако ВМРО и Левица го бранат својот став, треба да го бранат појасно и почисто. Да ги наведат причините зошто се против. Ако СДСМ наведе десет точки за, ВМРО и Левица ќе бидат обврзани да наведат најмалку 11 против, ако сакаат да добијат евентуална предност. И нивните тимови, заеднички или посебно, се должни пред граѓаните да се појават со општествена, политичка и правна декларација (или документ со кое било име) во која подетално ќе ги изнесат ставовите што не одат во прилог Бугарите да бидат впишани во преамбулата на Уставот. Без таков документ, сите наративи за заштита на националните интереси на Македонците, ќе бидат само утешителна приказна за голата топла вода. Од друга страна, без таков партиски документ, Христијан Мицковски, ако дотогаш не го урнат од чело на партијата, ќе биде дополнително присилуван и уценуван и врз своите плеќи ќе го има целиот товар, кој, секако, не ќе може да го издржи.
Прашањето за отворање на Уставот секогаш и во сите држави е премногу силна прачка за да се скрши преку колено. Во сите земји таква операција не им била оставана на поединци, особено не на аматери какви што беа првите уставотворци од македонската независност, кои го наполнија уставниот текст повеќе со дупки одошто со редови. Претседателот Стево Пендаровски, кој кариерата ја градеше слушајќи други политичари во високоадминистративни кабинети, не случајно изјави да не се брза со уставните измени. Иако во неколку наврати се покажало дека е склон нешто посилно да изјави, а потоа да се повлече или замолчи, и овој пат не доби соодветен одглас. Младите момци од Владата, вклучувајќи го и Артан Груби, брзо-брзо дадоа изјава со која ја обезвреднија и ја поттурија со пепел таа изјава на претседателот. Пендаровски не доби подршка од Владата, за што може да се постави прашањето дали му е кажано да не стиска погрешни копчиња или се повлекува да не се замери калкулирајќи околу втор избор.
Колку и да се глуми сигурност и опуштеност во владејачките кругови, нема маска што може да ја покрие вистината дека условот Бугарите да бидат запишани во Уставот е ново цврсто евробугарско вето за почеток на пристапните преговори на Република Македонија (Северна) со Европската Унија. Како два врзани садови се тие два врзани потписа, со удрен македонски мур. Во сегашната констелација, онака како што прифатиле македонските власти не е како ќе биде, туку – мора да биде. Решението е да се донесе решение што побрзо и што е можно полошо. Длабока е калта, речиси до вратот, жив е песокот во кој Зоран Заев и неговите наследници ја втурнаа сопствената држава. Оттаму, од тој извор извираат и неконтролираните, анационални и антимакедонски настапи на дел од министерскиот состав задолжен да ја спушти гилотината и од нивните медиумски слуги, кои се радуваат на таа сеча на главите.
Нема никаква дилема дека впишувањето други народи во македонскиот устав е израз на демократско, слободно и рамноправно општество, иако ниту едно околу нас не е баш такво. Речиси не постои граѓанин што би бил против да се впишат Црногорците, Хрватите, Торбешите, Ескимите и Абориџините.
Што се однесува до Бугарите, стравот се заснова на историските трауми што ги доживеал македонскиот народ од нивната солдатеска, од сплетките низ вековниот спор, од деловите од споделената историја каде што македонскиот народ бил само жртва на измами и прекршени договори. Тука лежи лавот што сака повторно да рика.
Да не заборавиме, Македонија не ѝ е непријател на Бугарија. Бугарија ѝ е непријател на Македонија. Само Бугарија, единствена во светот, ја смета Македонија за своја откината територија, не го признава, при живи луѓе, постоењето на Македонците како народ, не ги признава неговиот јазик и писмо. Дали со нивното впишување во Уставот ќе се смени тоа – е клучното прашање на кое треба да одговорат и оние што се за и за оние шо се против. Тука лежат лавот што сака повторно да рика и зајакот што е фатен во сопствената мрежа.