Сите сме свесни дека живееме во многу тешки времиња, да ги наречеме – кризни, особено за менталното здравје. Од друга страна, во нашево секојдневие информациите само за лоши случувања нѐ окупираат секојдневно. Читајќи ги дневните весници и неделниците и следејќи ги ТВ-емисиите, мислам дека сѐ што ни се пласира само ги нагласува стресот, стравот, малодушноста, апатијата и затворањето во себе. Речиси нема позитивни, оптимистички информации, информации за успешни млади, научници, спортисти, уметници. Можеби е така и во другите земји, не би знаела, но кај нас состојбата на менталното здравје на луѓето станува алармантна.
Според информациите што ги добивам од врвни научни списанија, депресијата станува животозагрозувачка болест на расположението, која напаѓа едно од шест лица во САД, а таа е само еден од ризик-факторите за самоубиство. Во силните капиталистички земји ваквите состојби веднаш се преведуваат во пари, па се пресметало дека економската цена на депресивното растројство што завршува со самоубиство чини 30-45 милијарди годишно само во САД?!
Причините за депресија се мултифакторски: семејна историја на депресивни роднини, склоност кон алкохол и дроги, силно изразена импулсивност, семејни случувања како развод, насилства, ментални проблеми и низа други.
Се смета дека депресијата инволвира промени во врската рецептор-невротрансмитер во лимбичниот систем на мозокот, како и во префронталната кора, хипокампусот и амигдалата. Серотонинот и норепинефринот се најинволвираните невротрансмитери, но и допаминот има голема улога во појавата на депресија. Се знае дека невротрансмитерите минуваат од неврон до неврон, се реапсорбираат или се разградуваат од ензими, особено од моноаминооксидаза (МАО) локализирана во клеточните митохондрии, или пак повторно се реапсорбираат од специјални невронски пумпи. Нарушената рамнотежа помеѓу овие трансмитери предизвикува разни видови депресија и склоност кон самоубиство. Околинските фактори (постојна хронична болест, алкохолизам или зависност од дроги) независно влијаат на појавата на депресија. Така, може да поедноставиме дека депресијата е резултат од хемиски промени, генско-околинска интеракција, како и ендокрина, имунолошка и метаболичка медијаторска улога на разни фактори.
Она што е цел на овој напис е да нагласам дека депресијата и самоубиствата се селективен убиец на младите. Тие се трета по ранг причина за смрт кај популацијата помеѓу 15 и 24 години и втора по ранг причина за смрт кај студентската популација. Според една понова епидемиолошка статистика, 2,8 отсто од индивидуи на возраст од 18 до 24 години се регистрираат како пациенти со депресија и склони кон самоубиства.
Бројот на деца и адолесценти што умираат поради самоубиство се зголемува секојдневно. Обрасците за тоа кој е под ризик се менуваат исто така, па една ревизија на превенцијата од самоубиство би можела да биде корисна во справување со овој алармантен проблем.
Многу деца доживуваат стравови и грижи и одвреме-навреме може да се чувствуваат тажно и безнадежно. Во текот на растењето не е ретка појавата на силни стравови, особено кога децата се разделени од родителите. Перзистентни и екстремни форми на страв и тага може да бидат резултат од анксиозност и депресија. Со оглед дека симптомите се поврзани со мисли и чувства, овие спаѓаат во таканаречени интернализирани растројства.
Разните видови анксиозно растројство кај децата вклучуваат: силен страв од разделба со родителите (сепарациона анксиозност), страв од животни, инсекти или од доктор (фобии), страв од училиште или други социјални средини (социјална фобија), загриженост за иднината или лоши случувања (генерализирана анксиозност), епизоди на ненадеен, неочекуван и интензивен страв со срцебиење, тешко дишење, слабост или потење (панични растројства). Анксиозноста кај децата може да се манифестира со соматски симптоми, како стомачни болки, несоници, главоболки, умор и сл., и да биде помалку видлива и за родителите и за лекарите.
Депресијата изразена како тага и безнадежност може да биде дел од секојдневниот живот на детето. Сепак, некои деца се тажни или незаинтересирани за сѐ што порано ги радувало, или чувствуваат безнадежност и беспомошност во ситуации што можат да се менуваат, па ги дијагностицираме како депресивни. Следните промени во однесувањето може да бидат сигнал за депресија кај децата: многу често чувствување тажно, безнадежно или раздразливо, немање желба за забавни работи, промени во обрасците на исхрана – јаде многу повеќе или многу помалку од вообичаено; промени во шемите на спиење – спие многу повеќе или многу помалку од нормалното; промени во енергијата – умор и тромост или напнатост и немир многу време; тешкотии во вниманието; чувство на безвредност, бескорисност или виновност; самоповредување и самоуништувачко однесување.
Екстремната депресивност може да доведе до самоубиствени мисли и план за самоубиство, особено на возраст од 10 до 24 години. Многу деца не зборуваат за чувствата и не изгледаат тажно. Депресијата предизвикува немотивираност, па затоа другите не можат да ги проценат проблемите што ги има детето. Затоа е битно со децата постојано да се разговара!
Зошто децата доживуваат депресија или анксиозност сѐ уште е непознато, па се вбројуваат многу фактори – биолошки или темперамент. Но она што е сигурно е дека некои деца многу почесто развиваат анксиозност и депресија кога доживуваат траума или стрес, или кога се малтретирани, кога се под булинг или отфрлени од другарчињата, или пак кога нивните родители исто така се анксиозни или депресивни. Ретко самоубиството е резултат на единствена причина или случка. Постојат индивидуални, релациски, социјални и општествени фактори што ја зголемуваат можноста детето да направи самоубиствен обид. Статистичките показатели велат дека суицидот од 2021 во 2022 година покажал пораст за 2,6 отсто.
Не би сакала да се задржам во објаснување на сите овие можни ризик-фактори за самоубиство кај децата, повеќе сакам да ги нагласам протективните фактори.
Лични протективни фактори би биле: ефективно справување и решавање на проблемите, потенцирање на резонот за живот (семејство, другари, миленичиња), строг осет за културен идентитет. Дополнително, здрави односи со другарите, симпатиите и семејството, како и чувство на поврзаност со другите, се многу важни. Поддршка од заедницата (училиште, маало, организации на деца и младинци) и можности за добра здравствена грижа се исто така протективни фактори.
Како протективни фактори во пошироката социјална средина би биле смален допир со информации за смрт, самоубиства и други неволји, културни, морални и религиозни учења за самоубиствата и сл.
Како алармантни знаци за суицидни намери би биле: зборување за тоа дека се товар на семејството, изолираност, зголемена анксиозност, зборување за чувство на заробена или неподнослива болка, зголемена употреба на супстанции, барање начин за пристап до смртоносни средства, зголемен гнев или бес, екстремни промени во расположението, изразување безнадежност, премалку или премногу спиење, зборување или објавување дека сака да умре, правење планови за самоубиство.
Токму поради сериозноста на овие проблеми кај децата и младите, денешницата налага скрининг на суицидното однесување кај педијатриската популација, процена на ризиците и третман кај оние кај кои се забележани такви однесувања.
Идентификувањето на ризикот од самоубиство е дел од превенцијата и за тоа е потребна едукација не само на здравствените работници туку и на родителите, педагозите, психолозите и социолозите.
Процената на ризикот од самоубиство може да има многу различни форми. Структурираните процени на ризик се состојат од специфични прашања што треба стандардно да му се поставуваат на секој клиент со помалку или без отворени прашања. Другите процени на ризик имаат повеќе форма на клиничко интервју со варијабилност во тоа колку се дадени насоки за тоа кои домени треба да ги покриваат давателите на услуги и имаат тенденција да вклучат поотворени прашања.
Многу ми е мило што во нашава заедница веќе почнаа сериозни едукации за откривање на врсничкото насилство и негово надминување, особено затоа што ваквата форма на малтретирање е голем ризик за самоубиство кај децата. Исто така, добро е што во училиштата сѐ повеќе се ангажираат психолози/психијатри за помош во надминување на тековните кризни ситуации (како во последниот случај со убиството на млада девојка во Скопје).
Сепак, моето мислење е дека за сѐ што им се случува на децата најголема одговорност имаат родителите! Детето расте, се воспитува, се поддржува или се омаловажува најмногу дома. Домот е најбитната средина за безбеден раст и развој и домот е најбитен во скрининг на ризик од какво било поведение/растројство кај децата. Затоа, да се вратиме кон традиционалните норми на функционирање на семејството, кои во нашава мала земја беа вкоренети, и да се чуваме од влијанијата што доаѓаат од „напредните, богати и демократски“ земји.