Нордистанската влада го реши проблемот со аздисаните даскали. На нивно место доведе бугарски учители. Бугарија веднаш ни ги испрати. Конечно, малите нордистанчиња од мали ќе учат дека се Бугарчиња, а тоа е еден чекор поблиску до Европската Унија. Добра одлука на Владата, оти и онака ја живееме 1913 година среде 21 век.
Инаку, аздисувањето на даскалите кај нас е вековна традиција.
Ете, на пример, оној даскалон од Кукуш. Запнал да биде Македонец и поради него не можеме во ЕУ. А колку само датуми добивме. И што ќе му фали да биде Бугарин? Едночудо нордистанци не само што се пишаа Бугари туку и своите предци, без да ги прашаат, ги побугарчија. Ама оној Делчев не, морал тој да биде Македонец, па уште барал коските да му лежат во слободна Македонија, а не во Нордистан. И уште сонувал светот да стане поле за културен натпревар меѓу народите, а не боиште каде што сите заедно ќе ги мразиме Русите и ќе војуваме против нив до последниот Украинец.
Што се случи со аздисаните даскали откако дојдоа бугарските просветители? И тука Владата донесе мудра одлука. По казна ги испрати на фронт во Украина. Ќе ги предводи славниот нордистански Украинец, Талатиј Џаференко. За таа цел, даскалите мораа да поминат специјална, ем сериозна обука. Џаференко им рецитираше стихови од Степан Бандера додека не ги научија наизуст. Пред да заминат на фронт, со светиот нордистански нож, на грбовите им изрежа „Слава Украини“.
Две минути и дванаесет секунди по нивното пристигнување на украинскиот фронт, стигна депеша од Киев. Во неа беше спакуван и Талатиј Џаференко. Текстот на депешата гласеше: „И покрај неговото големо украинско срце, ви го враќаме Талатиј Џаференко. Стоп. Нашите психолози кај него открија професионална деформација. Стоп. Тие се убедени дека тој ќе дезертира. Стоп. Патем, не ни треба неговото воено искуство. Стоп. Ние го читаме Васко Евтов и откриваме дека ја правиме парче руската армија со тајните смртоносни оружја што ни пристигнуваат од цел свет. Стоп. Даскалите ќе ги задржиме, затоа што наскоро Русите сигурно ќе извршат геноцид врз нив. Стоп.“
Рано наутро, по неговото враќање, Нордистан го прогласи Талатиј Џаференко за народен херој. Потоа, попладнето, низ „Булеварот азовски одреди“ го прославивме поразот на Русија. Утредента нордистанската влада забрани нордистанците да приготвуваат храна ако во неа истовремено има шунка, кашкавал, компир, јајце, морков, грашок и мајонез. Вечерта, народната банка ја врати рубљата на својата берза.
Рубља е тајна американска валута. Им ја подметнале на Русите и овие мислат нивна е. Кога плаќаш со долари, тече мед и млеко. Кога плаќаш со тајните американски рубли, тече мед и гас. Целокупниот планетарен гас, исто како нафтата, им припаѓа на Американците. Тие, својот гас, најмногу го чуваат во Русија, а глупине Руси мислат дека го поседуваат. Исто како рубљата. Затоа сега, Нордистан со американски рубли ќе купува американски гас од складиштата во Русија и така нема да ја финансира руската воена операција во Украина. Сето ова мораше да се прослави, па затоа договоривме аранжман со ММФ, кои за сите нас ќе одржат свирка.
ММФ (скратено од male-male-female) е светски познат порн-панк бенд. Неговиот стил е жанровски некомпатибилен. На пример, ако свират во вмровско време, тогаш се раштимана катастрофа, но во време нордистанско, тие стилски стануваат музичка револуција.
Револуција е светски моден тренд што опстојува низ векови и секогаш е популарен. Започна како француска револуција на париската буржоазија, а заврши како шарена револуција на интелектуалната бижутерија. Првата ги изеде сопствените деца. Последнава симболично јадеше туѓи деца, односно се хранеше со нивната смрт, додека тоа им беше потребно како духовна храна за внатрешната злорадост. И на двете револуции заедничко им е сечењето глави. Кај првите буквално, кај последниве симболично.
Симболичното сечење невини глави е нордистанска ритуална традиција. Станува збор за комплексен ритуал во кој се жртвуваат голем број невини луѓе пред олтарот на боговите познати како меѓународни претставници, амбасадори, посредници, еврокомесари. Ритуалот опфаќа различни елементи, од кои најпознати се подметнување, инсценирање, монтирање, фарса, пресуди и на крајот жртвување. Низ него се вмрежени комплексни езотерични магиски зборовни формули. На пример, политичко-полициски монтиран процес, трас-трас судство отворено како пупка, вербален деликт, сведок на полпат меѓу бурлеска и гротеска, кафкијанско-орвеловска фарса и драконски пресуди. Во Нордистан, овој ритуал се одржува на 27 април.
Ритуалот на жртвопринесување, по кој незадоволството на народот се трансформира во страв и молк, има свои древни корени.
Во далечното минато бил познат како бронзен бик. Во грлото на големиот бик од бронза имало многу мали канали испреплетени меѓу себе. Грбот на бикот се отворал и во него се ставала жртвата. Потоа, под бикот се палел оган. Бронзата се вжештувала, а жртвата полека се печела. Врескањето на затворениот човек, поради каналите во грлото, од устата на бронзениот бик излегувало како песна и тоа ја восхитувало публиката составена од моќната елита. Во денешниве модерни времиња, вресоците на невино жртвуваните ги слуша и во нив ужива елита составена од меѓународна моќ, нивните октроирани марионети, судот и џелатите, интелектуалната бижутерија и граѓанството луѓенца од океанот убавина.
Тој океан убавина треба да го спаси светот, а не онаа грдата што ја пропагира Достоевски, кој, секако, е под директна контрола на руската пропаганда што доаѓа од Кремљ. Но сето ова е комплексна морбидна конструкција склопувана од Русите низ времето и просторот, преку која тие сакаат да го окупираат слободоумниот свет со својата безумност. Се нарекува рашизам. Што е рашизам? Тоа е крајно едноставен и нејасен ритуал. За такво нешто треба да си мајстор на нашето време, а не маргарита насадена среде вишнова градина. Еве еден пример за крај. Наеднаш, среде океанот убавина на новата нормалност, ти се појавува Ана Каренина со Лолита насмевка и хармсовска подлост на лицето, па со гогољовска прецизност почнува да те влече за нос додека сосема не те понижи и навреди и ти потоа, наместо да трчаш по вујко Сем, се трескаш по вујко Вања.