Се разбудија ли македонските интелектуалци? Доаѓаат точки во историјата на еден народ кога е нужно повторно да се изложат на критика и беспоштедна дебата сите столбови на кои почива заедницата, со цел повторно да се постигне оној неопходен основен консензус на кој се темели секоја нација. Токму затоа последнава година ќе остане запаметена и по тоа што повторно оживеа интелектуалната дебата во Македонија. Сè започна со Промеморијата за државноста и за идентитетот на МАНУ од 15 ноември 2020 година, кога врвната македонска научна институција го крена својот глас против обезличувањето на македонската држава и чудовишните оспорувања на самобитноста на македонскиот народ. Веднаш потоа се појави и Македонскиот манифест на клучните македонски научни, културни и духовни установи, МАНУ, УКИМ и МПЦ. Тие потсетија на сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, посебно во однос на македонскиот јазик и на посебноста на македонскиот идентитет.
За среќа, постоеше и простор за јавна дебата, меѓу другото и на страниците со мислења на „Нова Македонија“, каде што беше овозможено да се дебатира на клучните теми, поврзани со загрозувањето на македонската државност и негирањето на македонскиот народ. Потоа конечно повторно се отвори дискусија за Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, како и Преспанскиот договор, посебно за начинот на кој овие договори ја променија македонската уставна и законска рамка, но и за проблемите со функционирањето на македонската демократија, кои произлегоа од овие три контроверзни документи. Состојбата со пандемијата ги забави дискусиите и оневозможи дебатата целосно да прсне во македонската јавност, но, за среќа, македонските интелектуалци веќе не се чувствуваат како изгубени гласови во една бескрајна пустина, туку како дел од еден нужен процес за обнова на македонската државност, преобмислување на македонската демократија и вдахнувањето нов живот на македонскиот идентитет. Не попусто се вели дека најдобрата теорија се пишува за време на кризи. Во нашиот случај најдобрата одбрана против одмакедончувањето доаѓа токму во овие моменти кога македонската државност е најзагрозена.
Првиот производ од новата македонска дебата дојде во форма на едногласната Резолуција на македонските црвени линии во спорот со Бугарија. Клучните точки од Промеморијата на МАНУ и од Македонскиот манифест беа дестилирани во консензуалните одредби на собраниската резолуција, каде што конечно се дефинира што не смее да биде предмет на преговори со Бугарија, но и со кој било друг. Резолуцијата гласно декламираше и каде се границите на европската интеграција, односно што Македонија не смее да изгуби во својот стремеж кон целосно обединување во европското семејство.
Редно време е сега полека да се кристализира дебатата и за другите критични точки поврзани со македонската државност и самобитноста на македонскиот народ, започнувајќи од внатрешните меѓуетнички односи. За жал, македонската јавност немо ги проследува и шовинистичките изблици на одредени етнички главешини во државата, кои внесуваат немир помеѓу граѓаните и ги будат духовите на етничките конфликти. Шовинизмот треба да се нарече со вистинското име, да се посочи, да се осуди и потоа да се победи низ една демократска дебата. Друга критична точка е состојбата со владеењето на правото и оваа рашомонијада во правосудството. Македонија не закрепна од срамниот пад на некогашното СЈО и не извлече поуки за продолжување на судската реформа. Трета точка е партизацијата на јавниот сектор, на националните институции, на образованието, науката и културата, на која мора конечно да ѝ се стави крај и институциите да се изборат за своја професионална автономија од политиката и посебно од партиите. Реформите се единствено можни доколку бидат производ на внатрешна интелектуална дебата, на домашни политички решенија и на јасно искажаната волја на нацијата за нивно спроведување. Токму затоа будењето на македонската интелигенција значи и дека конечно ќе може повторно да се помакедончи нашата внатрешна дебата.
Се разбира, воопшто не се помалку значајни и темите поврзани со економските реформи, зелената агенда, родовите теми и така натаму, но прво е клучно повторно да се постигне основниот национален консензус и заедницата да се обедини околу обновата на македонската државност, одбраната на македонскиот идентитет и продолжувањето на македонската демократизација.
Настаните од изминатите критични години ја разнишаа довербата на нацијата. Македонската интелигенција, со обновата на дебатата, покажа дека Македонија сè уште не го кажала својот последен збор. Посакувам интелектуалната дебата во следната две илјади дваесет и втора година да биде уште пожестока и Македонија повторно да се врати на врвицата на демократизацијата, на грижливото негување на македонската државност и на давањето нови содржини на македонскиот идентитет.
Среќна 2022 година!