Добар ден! Што е потребно за да извадам пасош? Само треба да пишеш дека си Бугарин.
Не е проблем. Често се чувствувам и како изгубен Германец. По дома ми велат, „не се прави Енглез“. Поголем Американец сум од Американците, иако ме обвинуваат дека сум руски бот, а реално се однесувам како да сум паднат од Марс.
Ама треба да пишеш дека и твоите предци се Бугари.
Ма, пишете ги Бугари, туку чекајте… кога веќе потпишувам безумни документи, може ли сите во Нордистан да ги пишам Бугари?
Се разбудив жива вода испотен. И неколку минути подоцна, паниката уште седеше на работ од мојата постела. Боже Господе, какви хорори сонувам? Секако, освен забавниот дел кога сите ве пишав Бугари. Туку од каде овие кошмари? Да, знам, затворен сум во концлогор Нордистан. Така е тоа кога идиоти ќе си променат име и идентитет за да влезат во алијанса што ни Авганистан не може да го победи, а камоли Русија, но и во Унија што е толку „интелигентна“ што сама на себе си спроведе санкции мислејќи дека им спроведува на други, ама не дека не ми е познато седењето дома и пред да дојдеме на ова безумно дереџе. Па сигурно не ми дошло баш сега да фатам Халкидики, оти јас и во нормални услови не одам таму, не за друго, ќе мора да ги гледам оние што вообичаено одат на Халкидики. Да, да, јас и со валиден пасош најчесто сум затворен тука од финансиски причини и не ми е јасно зошто побогу сега се тревожам.
Ама не сум битен јас, ниту нордистанците заглавени тука со мене, оти што ние може корисно да направиме за европскиот фронт на Таче, Али и нивните коалициски партнери од западни амбасадори? Ништо посебно. Се разбира дека само нашите меѓународни пријатели може нешто корисно да направат за Нордистан и неговиот европски фронт. Е тука ме фати паника! Чекај малку, а што ако на овие наши меѓународни пријатели, инаку честопати од злобници нарекувани белосветски кримоси, што ако и ним сме им издале сега веќе невалидни пасоши? Што ако овие наши промотори на европски вредности, овие селебрити гангстери од меѓународни потерници, наеднаш се најдат заглавени среде ЕУ или, не дај боже, САД, со пасош што не води никаде? Уф, не сме направиле таква утка, нели? Тоа би било директен атак врз нашата евроатлантска иднина. Па знаете ли што сè може О’Брајан да купи од нив? Не, не, сигурно не сме направиле таква глупост што може светлата иднина на новата нормалност да ни ја направи морбидна сегашност од некои минати времиња.
А кога сме веќе кај новата нормалност наспроти мрачното минато, веднаш стана јасно како вмровците сакаат да нè вратат во иднината каде што тие практикуваат антиевропска диктатура. А-ха, по само еден ден власт на Тошковски си ги покажаа вмроовските рокчиња. Па така, ли министре во ЕУ? Со изолиран и отуѓен народ? Само еден ден пред да дојде мрачниот режим на вмроовскиот министер во МВР, нордистанскиот народ беше сплотен во љубов и заедништво… пред шалтерите на МВР. Ма како сплотен, тоа е слаб збор, народот беше вљубен, во прегратка, среде групна гушканција, секој секого допира како во интимна предигра, некои дури си се качуваа едни на други до таа мера што можеа да се оплодат, а тоа ни покажува дека власта предводена од СДСМ и ДУИ мислела и на наталитетот на нацијата. А сега, што? Што? Празно, штурци, жив петел нема, Тошковски го избрка народот од пред шалтери, нè отуѓи едни од други, па сами и осамени, како муви без глава, да талкаме низ вмроовскиот ќор-сокак, наместо да се возиме по автопатот Кич… по модерен автопат кон светла иднина.
Јас стварно не знам како ќе тераме понатаму. Мислам, ако вмровциве вака се однесуваат со еден-двајца министри, каков ли гаден сос ќе ни сервираат со цела влада од нивни редови? Сакате да ми кажете дека, еве утре, одам на лекар и што… стварно ќе добијам терапија наместо плацебо-ефект? Ало, ненормални, па ние сме навлечени на плацебо! Се вика Европска Унија. Ти изгореле живи луѓе во болница и веднаш добиваш ментална превенција преку плацебо-терапија со мантрата, да ама во ЕУ здравството ќе биде бесплатно за сите, а таму само преку СДСМ и ДУИ… и така натаму. Или си ја маваш главата како ќе прехраниш челад, оти домашниот есап ти вели дека на пазар можеш да купиш продукти со кои ќе најадеш половина семејство и трас, стига плацебо-лекот преку муабетот, со влегувањето во ЕУ сите ќе станеме толку богати што во секој дом ќе има изобилие од храна, секој секого ќе може да го здебели како вештерката што им правеше на Хансен и Гретел. Ама не само тоа, Европската Унија ви доаѓа нешто како фотошоп-магија, влегувајќи во неа преку европскиот фронт, толку ќе станете убави и згодни што сите мажи и жени на Унијата ќе се трескаат по вас и, секако, ќе можете да направите и парасемејство некаде во Малме, Пјаченца или Штутгарт, но и нив без проблем ќе ги храните, затоа што во ЕУ… и така во круг.
А корупција? Што корупција? Па, еве, вмровците тврдат дека сами можат да се справат со неа. Најстрашно е што веројатно и можат, ама така, веднаш ти станува јасно дека ја ставаат ЕУ во втор план… ма каков втор план, сосема ја исфрлаат од кадар, за разлика од досегашниве, кои на таа тема веднаш ни пикаат лажичка плацебо во перцепција и ти си знаеш дека корупцијата ќе се спречи кога ќе влеземе во ЕУ ама само преку европскиот фронт, кој извезе гоблен по грчки терк, па го врами во бугарска рамка и… и ми заврши колумнава.
А сакав да ви кажам, од сигурни извори, како во Кина, за половина час се вади возачка дозвола, во болница завршуваш работа за 45 минути, без врски, гужви и оние „само нешто да прашам“ муабети, додека околу тебе има 25 милиони граѓани, но стварно е глупо од моја страна да ви го рушам плацебо-матриксот во кој заглавивме бидејќи, нели, бевме многу откачени, па, хе-хе, името нека ви ги плаќа сметките, ама сега, кога ѓаволот и новото име дојдоа стварно да си ги наплатат сметките, затнете нос и голтајте!
А-ха, значи сакаш да кажеш дека таму, во комунизам…
Не, не сакам да кажам ништо за комунизам. Роден сум во факинг комунизам. Три години сум постар од смртта на Тито и гледајќи што ѝ сторивме на мајка Македонија, можам со сигурност да речам, згрешени сме, ние сме онаа генијална карикатура каде што еден сперматозоид се пробива меѓу „гужва пред гол“ сперматозоиди со муабетот, „извинете, само нешто да прашам“.
Да, да, ама веќе утре, во ЕУ, истиот тој сперматозоид…