Уривање на системот и револуција на умот

Уривањето на правниот поредок во Македонија беше процес што го генерираа и предводеа Соединетите Американски Држави во содејство со Европската Унија. Тоа уривање беше преку воспоставување систем на поддршка на спрегата на политиката со правосудството, кои беа и сѐ уште се мотор на корупцијата во Македонија. Тоа не беше доволно, па суспендирањето на владеењето на правото САД и ЕУ го стимулираа како единствен инструмент и средство за менување на постојните општествени односи и, преку суспензија на законите, создадоа систем на инаугурација на власт подготвена да ги реализира нивните, основно, геополитички потреби!

Правниот поредок во Македонија го урнисаа Вашингтон, Брисел и нивните администратори во Скопје. Како инаку во држава со владеење на право и во демократски поредок ќе се случи 2001 година? Како ќе се направи нова политичка распределба на моќ со присилно вклучување на ДУИ во системот на парламентарно мнозинство? Како обвинети за воени злосторства ќе бидат амнестирани? Како ќе се замени легална и легитимна власт со нелегална и нелегитимна, уште одозгора без победа на избори? Како ќе се промени устав спротивно на секое право? Како ќе се носат закони и ќе се судат за тероризам граѓани што во други европски земји ќе бидат заштитувани од нивните судови како политички случаи? Како ќе се урива целиот систем преку воспоставување марионетска власт на чело со претседател на таа држава, кој јавно и недвосмислено ќе го суспендира владеењето на правото со изјава дека политиката е таа што го контролира правниот поредок, а не правото? Како, бре?!
Никако, ете никако! Како САД и ЕУ ќе воспостават систем на владеење на правото ако повеќе од три децении јавно, недвосмислено и со сите средства се столбот врз кој во Македонија се потпираат поранешните комунисти, нивните деца, внуци и трабанти, кои со нас владеат преку контрола на општеството со управување со тајните служби и длабоката држава? Никако, ете никако! Како САД и ЕУ ќе воспостават владеење на правото, а со тоа и воспоставување на демократски општествен поредок ако три децении финансираат и стимулираат општествени вредности со кои мнозинството во Македонија нема никаква, ама никаква идентификација? Никако, ете никако! Како САД и ЕУ ќе воспостават владеење на правен поредок ако во исто време поддржуваат вредности што треба да ги оствари една заедница во Македонија, а тоа се Албанците, а ја отфрлаат или оневозможуваат поддршката кон другите заедници, од Македонците до Ромите? Никако, ете никако!

И сега, што? Сега ништо. Сега молат и лелекаат некој да ги слушне и да им поверува дека тие поддржуваат создавање општ правен поредок! Глупости, никој не им верува. Никој. И никој нема ни да им поверува, без оглед на скапите кампањи со кои, најпосле, почнаа да кажуваат дека се платени со пари на нивните граѓани, кои од нив очекувале за нивните пари и да го направат тоа за што се платени. И колку и секој ден да создаваат перцепција во јавноста за нивното дејствување, ништо и на никаков начин нема да се промени, од проста причина што, повторувам, тој што го направил проблемот не може и да го реши. Ако САД и ЕУ навистина мислат дека ние не го знаеме ова и дека за распадот на правната држава кај и да е ќе го обвиниме Путин, Русија и војната во Украина, тогаш приказната е бесмислена и нема да биде раскажана, затоа што децата ќе заспијат пред да го слушнат крајот во кој убавицата Америка се зема со принцот Европа и заедно заминуваат да живеат во радост и среќа до крајот на светот! Со критика кон нив проблемот не се решава, туку се продлабочува, од причина што системот на владеење на правото и правниот поредок нема да се воспостават сами по себе. И не им се потребни ниту на Америка ниту на Европа. Тие ни требаат нам. Она што е уште пострашно и со кое ќе треба да се соочиме е фактот дека, и по војната во Украина, ќе мора да се живее со реалноста во која со новата поделба на светот, ние пак ќе сме дел од хегемонијата на САД и ЕУ.

Да му се сневиди, ќе мора да продолжиме да живееме со нив и нивните лаги дека тие многу се загрижени за нас и нашата земја! Тие ќе продолжат да нѐ лажат, ние не мора да им веруваме, тоа е! Така функционира светот на политиката, разберете го ова, еднаш засекогаш. Светот на политиката се состои од постојана проекција на лагите како вистини! Ова се факти и мора да се соочиме со нив здраворазумно и трезвено. Немојте да бидете наивни! Немојте од Америка и Европа да очекувате ништо повеќе од мир. Само тоа и само толку. Дали тоа е доволно за да го направиме она што ни е потребно нам, повторувам, нам, а не на Америка и на Европа? Да, секако, и ако го направат тоа, тогаш фала. Ама, фала многу! Без иронија. Инаку, да ми извинете, ги заболе газот и едните и другите тоа што уривањето на правниот поредок е основната и најголема причина за иселувањето на младите, особено на образованите. Тие млади Македонци се со бели кожи и кога ќе отидат во нивните правни и демократски земји, за една генерација ќе станат воведени во поредокот Европејци. Сѐ што можеме евентуално да направиме за владеење на правото и создавање демократска држава Македонија се две работи.

ПРВАТА. Тотален јавен притисок врз Америка и Европа да го намалат, внимавајте, тие никогаш нема да се откажат од тоа да го практикуваат својот интерес наводно законски, велам да го намалиме, да стане подносливо, да создадеме општествена атмосфера за да воспоставиме поредок. За таа цел треба да создадеме систем за постојано контролирање. Треба да бдееме 24/7 над нивните влијанија во правосудството, да ги детектираме и јавно да ги посочуваме. Мора да ја делегитимираме и ограничиме нивната поддршка на тајните служби, длабоката држава и црвената буржоазија и, полека-полека, со нивно инволвирање, да го решиме основниот и најголем проблем, кој е решение за сите други. Да бидеме реални, без нив нема да може да ги започнеме промените во општеството, преку втората работа, која е и предуслов за првата. Ете ја ВТОРАТА. Воспоставување дијалог со администрацијата на Америка во Вашингтон и Скопје. „F.ck EU!“ Тие и онака не решаваат ништо, Викторија Нуланд е во право. Во содејство со Јенките ќе мора да определиме ден Д кога ќе се распушти овој систем и ќе се воспостави нов. Планот треба да почне со мелоризација на македонското мочуриште, кое создава болести во правниот и политичкиот систем, а тоа е универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, преку негова сеопфатна и радикална реформа, која мора да заврши со поделба на повеќе одделни универзитети и факултети. Распуштање на обвинителството и судовите, со општ реизбор на судии и обвинители преку систем на изборот од листа на која доминираат обвинители и судии државјани, но и недржавјани од различните заедници на македонската дијаспора во странство.

Секако, можен е и систем на размена на обвинители и судии од Албанија, Србија и Македонија. Зошто да не? Ако може да соработуваат бизнисмени и политичари за нивен интерес, зошто не би можеле да соработуваат и обвинители и судии за интерес на мнозинството граѓани во сите три земји од она што тие го нарекуваат Отворен Балкан. Драги мои, не ми се допаѓа, ама ич не ми се допаѓа фактот дека сум дел од оние луѓе што јавно ја признаваат и прифаќаат состојбата на тотална контрола, која Америка и ЕУ ја имаат врз нас и нашите животи. Да му се сневиди, многу ми е тешко поради тоа! Ама, што да се прави? И другпат сум кажал, соочувањето со реалноста, таква каква што е, е единствениот начин да ја промениме. Тие промени во Македонија и кај Македонците се можни на еден начин – револуционерен. Можна ли е револуција? Да. Повикувам на револуција на нашиот ум. Станете и соочете се со себеси и почнете да се менувате. Денес. Тука и сега. Направете револуција во вашето поведение. Почнете да дејствувате. Бидете активни. Зборувајте. Пишувајте. Излезете на улица. Направете протести. Штрајкови. Демонстрации. Направете сѐ за да ги донесеме промените. „За.бете ја Европа. За.бете ја и Америка.“ Тие промени нема да дојдат сами. Не дошле ниту во Америка и Европа. Погледнете само што им донесе борбата на оние со црни кожи во Америка и во светот. Мислите ли дека тоа им беше дадено тукутака? Ги бесеа по бандери, драги мои, но тие веруваа и не се откажаа. Верувајте. Ете, тоа е првиот чекор кон револуцијата. Верувајте! Не дозволувајте да ве натераат на неверување во подобар и поправеден свет. Верувајте! Верувајте! Верувајте!

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и универзитетски професор