Кога доаѓате од мала земја како Македонија, геополитиката е далечна како можеби ракетната наука, но баш поради малата големина, и политички, и економски, и демографски, и воено, Македонија мора со внимание да ја следи геополитиката. Позната американска изрека вели „кога слоновите се борат, страда тревата“, на што Ли Куан Ју, основачот на Сингапур, додал „но и кога (слоновите) водат љубов, пак тревата страда“. Се чини овие изреки одлично ја отсликуваат важноста на геополитиката за малите земји.
Со започнувањето на војната во Украина, неколку геополитички коментатори, како Велина Чакарова, сметаат дека започнува „втората студена војна“, каде што на едната страна е Западот предводен од САД, а на другата страна е „змејот-мечка“ (Dragonbear) или Кина и Русија. Со почетокот на годината, „Ле фигаро“ објави интервју со водечкиот француски интелектуалец Емануел Тод, кој стана познат во 1976 година, кога само на 25 години во свој есеј го предвиде колапсот на СССР врз основа на демографски показатели. Според Емануел Тод, третата светска војна започна со војната во Украина. Тој вели „очигледно е дека конфликтот, кој започна како ограничена територијална војна и ескалира до глобална економска конфронтација, меѓу целиот Запад од една страна и Русија и Кина од друга страна, стана светска војна“. Иако и јас самиот во неколкуте последни годишни осврти најавувам голем геополитички инцидент, тешко е прифатлива изјавата за трета светска војна поради нејзината тежина. Од друга страна, многу други светски коментатори не се согласуваат само дали војната во Украина, или пак војната во Сирија, на чие тло има и војска на САД и на Русија, е почетокот на третата светска војна.
Емануел Тод смета дека војната е погрешна калкулација и на двете сили Русија и САД. Првата грешка е на Русија. „Путин направи голема грешка рано, а тоа е во пресрет на војната, кога не ја гледаше Украина како млада демократија, туку како општество во распаѓање и ’пропадната држава’. Мислам дека пресметката на Кремљ беше дека ова општество во распаѓање… би се урнало при првиот удар. Но она што го откривме, напротив, е дека општеството во распаѓање, ако се храни со надворешни финансиски и воени ресурси, може да најде во војна нов вид рамнотежа, па дури и хоризонт, надеж“. Тука многумина ќе се согласат дека војната е катализатор за Украина како нација.
Но Емануел Тод смета дека и САД прават грешка. Тој се согласува со Џон Мершајмер, водечки американски реалист. „Мершајмер ни кажува дека Украина, чија армија беше преземена од војници на НАТО (американски, британски и полски) од најмалку 2014 година, затоа и беше де факто членка на НАТО и дека Русите најавија дека никогаш нема да ја толерираат Украина во НАТО. Од нивна гледна точка, Русите затоа се во војна што е одбранбена и превентивна. Мершајмер додаде дека нема да имаме причина да се радуваме на евентуалните тешкотии на Русите, ова за нив е егзистенцијално прашање, колку потешко ќе биде, толку потешко ќе удираат. Се чини дека анализата е вистинита“. Но сепак, тој има одредени критики за Мершајмер: „Мершајмер како добар Американец ја преценува својата земја. Тој смета дека ако за Русите војната во Украина е егзистенцијална, за Американците во основа е само една „игра“ на моќ меѓу другите. По Виетнам, Ирак и Авганистан, што е уште еден дебакл? Основната аксиома на американската геополитика е: „Можеме да правиме што сакаме затоа што сме заштитени, далеку, меѓу два океана, ништо нема да ни се случи“. Ништо не би било егзистенцијално за Америка. Емануел Тод смета дека тоа е „недоволна анализа, која денес го наведува Бајден да продолжи безумно. Америка е кревка. Отпорот на руската економија го турка американскиот систем кон пропаст. Никој не очекуваше дека руската економија ќе се спротивстави на „економската моќ“ на НАТО. Верувам дека самите Руси не го предвиделе тоа. Ако руската економија се спротивстави на санкциите на неодредено време и успее да ја исцрпи европската економија, а самата опстане, поддржана од Кина, американските монетарни и финансиски контроли на светот ќе пропаднат, а со нив и можноста САД да го финансираат својот огромен трговски дефицит за ништо.
„Затоа, оваа војна стана егзистенцијална за Соединетите Американски Држави. Исто како и Русија, тие не можат да се повлечат од конфликтот. Ова е причината зошто ние сега сме во бескрајна војна, во конфронтација чиј исход мора да биде колапс на едното или другото“.
И доколку ваквите оцени на Емануел Тод за трета светска војна се претерани, бидејќи, и покрај сѐ, уште постои воздржаност за директна конфронтација, сепак во најмала рака доколку не може да се говори за трета светска војна, може да се говори за втора студена војна. Тогаш прашањето за нас е што значи тоа за Македонија. (продолжува)
Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични