Илинден 1903-та и Народноослободителната војна на Македонија 1941-1944: Континуитет и традиција

Oваа 2023 година одбележуваме 120 години Илинденско востание, но и 80 години од разгорувањето на Народноослободителната војна на Македонија. Накратко да видиме која е поврзаноста на Илинден со македонските партизани, односно колку биле силни илинденските традиции во текот на Народноослободителната војна на Македонија.
Илинденските традиции добиле особено голем израз во периодот на Народноослободителната војна 1941-1944 година, кога се создале најпогодни услови за реализирање на целите на илинденците од 1903 година за создавање македонска национална држава. Во периодот на Втората светска војна, Покраинскиот комитет (ПК) на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, подоцна ЦК на Комунистичката партија на Македонија (КПМ), како и военото раководство во многубројните прогласи, писма и повици, се повикува на Илинден и ја поврзува Народноослободителната војна со илинденската борба на македонскиот народ.
Од побитните настани во 1941 година треба да се издвојат Илинденските демонстрации во Битола, Скопје, Прилеп, Велес на кои се изразиле револтот и незадоволството на македонскиот народ против бугарската окупација. Во септември 1941 година, македонското партиско раководство упатило проглас до народот, во кој се повикува на втор Илинден. Имено, меѓу другото, во прогласот се вели: „Земјата што дала еден Илинден – таа ќе даде и друг…“
Во текот на 1942 година, раководство на организацијата на ПК за Македонија издало повеќе прогласи и писма со кои новите борци биле нарекувани наследници на илинденските востаници, а во повикот од април се вели дека КП била вистински следбеник на илинденското револуционерно минато на македонскиот народ и „во нејзините редови се правите следбеници на Делчев, Тошев, Сандански, Влахов…“. Во 1942 година, посебно за одбележување е материјалот од ПК по повод 39-годишнината од Илинденското востание под наслов „Илинден и денешната борба на македонскиот народ“. Во овој материјал бил изнесен краток историјат на Илинденското востание, причините, текот и последиците од него.

Кон крајот од материјалот бил направен осврт на моменталната состојба во Македонија и повикувајќи се на Илинден било потенцирано: „… национално ослободителната борба на македонскио народ добива денеска нови возможности и поучена и поткрепена од Илинденското искуство, ги има сите надворни и внатрешни условија за да ја постигне својата цел.“
На 2 август 1942 година, на годишнината од Илинденското востание, ПК за Македонија упатил проглас до македонскиот народ. Во прогласот, меѓу другото, биле повикани старите илинденци да се вклучат во борбата, со уверување дека партизаните биле продолжувачи на нивното дело.
Следната година на 2 август, сега веќе новоформираниот ЦК на КПМ, издал посебен документ под наслов „40-годишнина од Илинден“. Овој материјал, всушност, претставува кратка историја на Македонија и македонскиот народ за периодот од втората половина на 19 век до август 1943 година. Кузман Јосифовски-Питу бил автор на текстот што бил прочитан на преспанскиот состанок одржан на 2 август 1943 година во непосредната близина на Отешево. Притоа на советувањето биле донесени важни одлуки, меѓу кои и повикување на единство меѓу старите и новите борци.
И во Манифестот на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизански одреди на Македонија (ГШ на НОВ и ПОМ) од октомври 1943 година била истакната потребата за поврзување на Илинденското востание со целите на народноослободителната војска на Македонија и за чување и негување на борбените илинденски традиции и бил упатен апел кон учесниците на Илинденското востание за што помасовно учество во Народноослободителната војна.

Овој манифест имал силен одраз кај старите илинденци, што овозможил нивно натамошно активно вклучување во Народноослободителното движење (НОД). Вклучувањето на илинденските борци и илинденските фамилии во НОД претставувало природно продолжување на борбата од 1903 година за ослободување на Македонија. Во Западна Македонија, дури, како и во некои други градови, поради силното влијание на Илинден, формираните народноослободителни одбори како привремени органи на народната власт во илегала биле нарекувани народноослободителни комитети по комитетите МРО од илинденското востание.
Илинденската визија за создавање македонска национална држава најде свој одраз на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, кога се одржало Првото заседание на АСНОМ. Со одржувањето на заседанието било извршено конституирањето на македонската држава. Со овој чин се остварило поврзувањето на првиот со вториот Илинден, што претставувало симбол на единственоста на историскиот развиток на борбата на македонскиот народ за национална слобода. Во манифестот на АСНОМ, во директното обраќање до илинденците се потенцирало дека биле исполнувани целите за кои се бореле.
Годишнините на Илинденското востание биле одбележувани и преку илегалниот партиски печат, чии публикации биле широко распространувани во повеќето населени места. Тоа го правеле и многубројните весници.
Тесната поврзаност и оддавање признание на Илинден и илинденските борци била најзабележителна и се манифестирала преку именување на партизанските одреди, како и преку земањето псевдоними на значајните личности од илинденскиот период.
Најголемиот дел од партизанските одреди формирани во 1942-43 година биле именувани според истакнати херои и организатори на Илинденското востание. Така, во 1942 година биле формирани одредите: „Пере Тошев“, „Даме Груев“, „Питу Гули“, „Димитар Влахов“, „Јане Сандански“, „Ѓорче Петров“, а во 1943 биле формирани „Гоце Делчев“, „Добри Даскалов“, „Сава Михајлов“. Во 1944 година била формирана 14-та бригада наречена „Димитар Влахов“, 19-та го носела името „Гоце Делчев“, а во Пиринска Македонија била формирана бригадата „Јане Сандански“, која национално-фронтовската влада во Бугарија набргу ја расформирала.

Во 1942 година, командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, Михаило Апостолски, за одбележување на годишнината од Илинденското востание ја прогласил „Илинденската недела“. Планот се состоел од започнување воени акции од 2 август 1942 година против окупаторската власт. Во текот на 1943 и 1944 година продолжила практиката за одбележување на Илинденското востание преку оружени акции, а имињата на илинденците биле користени и како псевдоними на борците на НОВ и на ПОМ.
Како што имињата на илинденските борци станаа важен дел од мозаикот на славната илинденска епопеја така истите тие станале важен дел од илинденските традиции, кои силно се манифестирале во текот на Народноослободителната војна на Македонија. Илинден останал и останува во колективната меморија на македонскиот народ како ѕвезда водилка за остварување на целта – создавање македонска држава, која се реализирала токму во текот на Народноослободителната војна, но на само еден дел од македонската територија.