Кога размислуваме за настан што може да има траен емоционален и психолошки ефект, обично мислиме на војна, терористички напад или несреќа (природна катастрофа или сообраќајна несреќа). Но, иако раѓањето е можеби најсреќниот момент во животот на жената, породувањето сепак може да има ефект на вистинска траума. Токму таквото случување е познато како траума при раѓање и може да се случи кога мајката има физичко, емоционално или психолошко лошо искуство – кога се чувствува небезбедно кратко пред, за време или по породувањето, или во текот на самото породување. Партнерот на мајката исто така може да доживее траума при раѓањето, иако многу поретко.
Откако доживеале или биле сведоци на каков било трауматски настан, на некои луѓе може да им биде тешко да закрепнат и да се вратат во нормалниот живот. Како и да е, траумите доживеани од самиот породилен акт не се банални состојби, имаат сериозна манифестација, но најмногу од сѐ можат да остават долги последици по менталното здравје на мајката, а особено да го нарушат емоционалното врзување мајка/дете.
Овие сознанија беа мотив да се преземе систематско истражување на траумите поврзани со раѓањето кај жените од Република Македонија. Всушност, тоа истражување беше дел од Европскиот проект раководен од лондонската „Сити хоспитал“, под наслов INTERSECT (Интернационално истражување на траумите поврзани со породувањето), а во кој учествуваа многу европски земји, па и нашата.
Трауматичното породување претставува меѓународен јавноздравствен проблем, затоа што вакви искуства пријавуваат над 45 отсто од новите мајки. Интернационалните стапки за ПТСД (посттрауматско стресно растројство) како последица од породилни трауми се рангираат меѓу 1,5 и 9 проценти. Како породилна траума се дефинира случка што настанува во текот на породилниот процес, која подразбира актуелно или заканувачко оштетување на мајката и на нејзиното дете. Трауматичниот настан или ситуација креира психолошка траума што ја надминува индивидуалната способност за справување и мајката ја преплавува со страв од умирање, осакатување, уништување или дури предизвикува вистинска психоза. Студиите најдени преку пребарување во базите на податоци од областа медицината и психологијата, како публикувана интернационална литература за трауматичен стрес, објавени во последните 20 години изнесуваат повеќе од 8.000 на број. Тоа покажува колку е актуелен овој проблем.
Според некои автори, постојат неколку вида искуства што можат да претставуваат траума при раѓање. Физичка медицинска итна помош за мајката за време или кратко пред или по раѓањето е еден фактор поради кој некој може да доживее траума при раѓање. Тие итни случаи може да вклучуваат: индукција (методи за брзо породување), потребен итен царски рез, крвавење за време и по породувањето, еклампсија, плацентарна абрупција (одвојување на плацентата од матката пред раѓањето), непосредна потреба од голем медицински тим на начин што бил непредвиден пред породувањето итн. Траумата при раѓање исто така може да има форма на неадекватно управување со болката за време на царски рез, чувство дека околината за раѓање не е емоционално безбедна или чувство дека мајката се чувствува постојано „невидена или нечуена“ за време на процесот на породување.
Втората категорија на траума при раѓање е кога бебето е под медицински ризик, кога има мртвородено или кога бебето ќе умре кратко по раѓањето. Траума при раѓање поврзана со здравјето на бебето може да се појави и со: предвремено породување, откривање дека по породувањето е потребна интензивна медицинска интервенција, дијагноза на непредвидена медицинска состојба, продолжен престој во одделот за неонатална интензивна нега или каква било повреда на бебето за време на породувањето.
Партнерите честопати се изоставени од разговорот околу траумата при раѓање, но и тие можат да доживеат траума од тоа што ќе ја видат безбедноста на мајката или бебето како опасност. Кога бебето и мајката ќе се разделат по раѓањето поради медицински причини, фактот дека партнерот треба да избере до кого да биде во тој период може да биде исто така едно трауматично искуство. Друг тип на траума при раѓање настанува кога самиот породилен чин ја поттикнува мајката да се сети на минати трауматски настани, како што се сексуална злоупотреба, семејно насилство или емоционална или физичка вознемиреност.
Помеѓу три и шест проценти од жените доживуваат посттрауматско стресно нарушување поврзано со раѓање – но тоа е само регистрираната стапка и веројатно не ја прикажува целата приказна. На оние во полето на менталното здравје на мајките им е познато дека оваа стапка е многу повисока. Поголемиот број случаи на перинатално лошо расположение и анксиозно растројство не се лекуваат и не се дијагностицираат поради стравот, срамот и стигмата што ги опкружуваат.
Инаку, се проценува дека постпородилните депресии се присутни кај 10 отсто од породилките, што мојот тим и јас го докажавме во едно претходно истражување. Кај нас на овој проблем не се гледа со внимателност, па затоа се случуваат немили настани како скорашното самоубиство на една породилка.
Траумата при раѓање може да биде сеопфатна и во голема мера да влијае на транзицијата кон родителството, вклучувајќи и отежнување на чувството на поврзаност со сопственото јас, бебето, партнерот или сегашниот момент. Лице што доживеало траума при раѓање може постојано да доживува хипербудност, паника, анксиозност или преплавување со мисли за повторно доживување на настанот во будни моменти или во соништата.
Во случаи кога бебето е здраво, а породувањето било непречено, но третманот или настанот ги асоцирал искуствата од минатото, како што се сексуална или физичка злоупотреба, сеќавањата на овие минати настани може често да се појават во времето веднаш по раѓањето. Во таа насока, мајката може да се чувствува блокирано во самиот процес на раѓање, неспособна емотивно да продолжи со чинот на раѓањето. Кога ќе се доживее траума при раѓање или мајката ќе се потсети на трауми од минатото поради сегашното искуство со раѓање, може да биде тешко да се воспостави секојдневниот живот. Негирањето или минимизирањето на трауматичното раѓање исто така го одложува соочувањето со она што се случило, па затоа може повеќе и подолго да се чувствува болка. Поради тоа, ако траумата при раѓање не се открие навреме и не се лекува, може да ѝ отежни на мајката да се поврзе со бебето или со своето семејство или пријателите на начинот на кој порано функционирало тоа.
Анксиозност, хипервнимателност, чувство на исклучување, преоптоварени мисли или паника во деновите, неделите или месеците по раѓањето се само некои од симптомите што може да се доживеат како траума на раѓање.
Кога станува збор за минимизирање на симптомите, некои автори велат дека терапијата може да биде „многу ефикасна“. Таа терапија може да вклучува терапии за изложување, кога пациентите се охрабруваат да се соочат со своите стравови; когнитивна бихејвиорална терапија, терапија со разговор што може да помогне да се управува со проблемите преку менување на начинот на кој се размислува и се однесува; или десензибилизација и репроцесирање на движењето на очите. Ова се само некои од познатите терапевтски методи.
Симптомите на траума при раѓање ќе траат додека не се згрижи траумата. За да се надмине траумата, таа треба да се почувствува, обработи или да се овозможи тагување. За мајките е најважно е да имаат силен тим за поддршка – тоа може да биде терапевт, медицинска сестра, доверливи пријатели или членови на семејството, партнерот или група на родители што имале трауматично искуство на раѓање. Ако се чини дека сега се слуша многу повеќе за траума при раѓање отколку порано, тоа во голема мера се должи на зголемувањето на онлајн платформите и влијателните социјални медиуми што зборуваат јавно во обид да ги нормализираат овие трауматски искуства. Основно правило е дека „тие треба да се почувствуваат, признаат и тагуваат во заедницата“. Колку повеќе им се дава дозвола на жените да зборуваат за неуредните делови од мајчинството – солзите, вознемиреноста, предизвиците со доењето, исцрпеноста и преоптоварувањето – толку повеќе жените ќе се чувствуваат удобно да излезат и да ја кажат својата вистина.
Во нашето истражување на територијата на целата држава учествуваа 371 испитаничка. Од нив, 320 беа породени во државни установи, додека 51 во приватни здравствени установи. Испитувањето е направено во период од 6 до 12 недели по породувањето, а сите испитанички беа постари од 16 години и своеволно учествуваа во истражувањето. Средна возраст на мајките беше 29,99± 4,96 год. (17 – 49). На етничко мнозинство (македонско) припаѓаа 56,74 отсто, на малцинство 10,39 отсто, не беа сигурни 20,22 отсто, а без одговор беа 12,64 отсто од испитаничките. Тежината на породувањето е градирана од 1 до 10 и се добиени одговори што одговараат на минимална тежина кај 32,61%, а многу мал процент тежината ја рангирале со 10 (најтешка форма).
Како симптоми на породилна траума кај нашите испитанички беа регистрирани: репетирачки непријатни мемории за породувањето, анксиозност, обиди да не се сеќава на породувањето, особено да се заборават деталите, обвинувања на себе самата за случувањата, негативни емоции (страв, лутина, срам), немање интерес за вообичаените активности, отуѓеност од другите, чувство на иритираност или агресивност, самодеструктивност, проблеми со концентрацијата, проблеми со сонот. Сите овие симптоми одговараат на посттрауматско стресно растројство, кое, за среќа, не е силно изразено (1,5-7 отсто). Како и да е, 88,14 отсто од нашите испитанички одговорија дека самите тие и бебето не биле сериозно трауматизирани.
Добиените резултати од нашата студија се објавени во списанија и потврдуваат дека родилната траума не е редок феномен ниту во нашата земја. Тоа алармира за подобро разбирање на овој вулнерабилен период од животот на жените. Тоа наметнува поголема ангажираност на тимовите вклучени во родилниот акт за брзо препознавање на каков било проблем и брзо организирање поддршка и терапија.