Повторно, не треба да сте генијалец за да погодите кој е најголемиот добитник во целата ситуација? Русија со својата политичка несмасност којзнае по кој пат потфрла, а Европа не успева по третпат во остварување на вечниот геополитички сон за „пробив кон Исток“! Барем не засега!
Во првиот дел од оваа анализа на руско-украинскиот конфликт низ призмата на германскиот геополитичар Карл Хаусхофер ја поставивме методолошката рамка преку која ќе може да се гледа на импликациите од овој конфликт. Како што веќе рековме тогаш, според овие континентални геополитички идеи, силна Европа е невозможна без блиска соработка Берлин – Москва. Тоа, горе-долу е во суштината на европските геополитички теории и тоа постојано лебди како можност над овој географски и политички простор, како помеѓу теоретичарите така и помеѓу политичарите. Така, внимавајте, човекот што ја предводеше Франција во борбата токму против нацизмот, кој ја предводеше слободна Франција од 1944-1946, француски претседател од 1959-1969, еден од „татковците“ на современа Европа и инспиратор на идејата за обединета Европа, а со тоа и на ЕУ…, Шарл де Гол, заговараше една „Европа од Атлантикот до Урал“! Не постои искусен европски политичар во Европа, кој и тогаш и сега (сега поретко, оти денес ретки се „Деголовци“), не сфаќал дека обединета Европа е можна само во блиска соработка со Москва, но, кој наедно и не сфаќал дека тоа не е можно со силно надвиснатата сенка врз континентот, од онаа страна на Атлантикот! И токму тука треба да се навратиме на споменатите „теории на заговор“ во претходната колумна, кои денес, во ерата на апсолутната доминација на хегемонот отаде Атлантикот, веројатно е опасно дури и да се споменат. Но сепак, да ризикуваме. Да ги споменеме „маките“ на САД за време на Втората светска војна. Еве само еден пример како илустрација на нивната клучна „дилема“ во тој период: на 24 јули, 1941 година, тогаш сенатор, а подоцна и претседател на САД, Хари Труман, во „Њујорк тајмс“, дава ваква изјава: „Ако видиме дека Германија ја добива војната со Русија, тогаш треба да ѝ помогнеме на Русија. Ако победува Русија, треба да им помогнеме на Германците, за на тој начин да се испоубијат меѓусебно што е можно повеќе“! Не треба да ве потсетувам кога САД влегуваат во војната!? А и не треба да сте генијалец за да сфатите кој најмногу профитира по таа војна, нели? Доволно е да констатираме дека по Втората светска војна, САД дефинитивно ја напуштаат политиката на „изолационизмот“, влегуваат во војната и оттогаш, до ден-денес ја фрлаат својата дебела, длабока и ладна сенка над помалиот брат – Европа.
Се враќаме во 21-от век. Минхенската безбедноста конференција во 2007 година, веројатно, беше последниот тест за Европа. Во денес веќе антологискиот говор на Путин, централна позиција заземаше токму хегемонијата на САД. Веројатно тоа беше лакмус, тест за европската подготвеност, а можеби дури беше и глас на европското алтер его, кој прозвучи премногу опасно затоа што доаѓаше од устата на автократскиот гласник од Исток!? И тоа, веројатно, беше основната грешка – демократска Европа немаше уши за сопствената идеја изречена низ автократска уста. Русија и САД се вкопаа во своите ровови! А Европа во меѓувреме и дотогаш? Европа од 1945 г., ако сакаме да бидеме брутално искрени, останува само еден окупиран континент: Западот под САД, Истокот под СССР. А по падот на СССР? За тоа сами донесете суд!
И тука, полека се приближуваме до денешните настани навестени погоре: од Грузија, Мајдан, брегзит и конечно Украина. Рековме, идејата за Европа од Атлантикот до Урал никогаш не се изгуби во Европа, туку само некогаш повеќе, некогаш помалку срамежливо се појавуваше на површина. Но секогаш срамежливо, затоа што таа идеја за „пробив кон Исток“, по Втората светска војна остана засекогаш сатанизирана како нацистичка, заради поврзаноста со концептот Lebensraum, како централен во книгата на споменатиот Карл Хаусхофер, Geopolitics of the Pacific Ocean.
По првите настани во Украина во 2014 година се интензивираа релациите Москва – Париз (кои траат и денес – Макрон е единствениот од ЕУ што е на директна линија со Путин). При една посета на Париз, во 2014 г., од страна на претседателот на руската Дума, Сергеј Нарјашкин, се потсетуваше силно токму на идејата на Шарл де Гол за Европа од Атлантикот до Урал, во светло на тогашните санкции кон Русија по повод анексијата на Крим. Да ве потсетувам ли за поновите инсистирања токму на актуелниот францускиот претседател за нова безбедносна политика на Европа? Макрон се надеваше дека токму тој и Франција ќе успеат да го преземат „ризикот“ на таа идеја по заминувањето на Меркел. Мудро, се разбира, затоа што таа стара континентална геополитичка идеја веќе беше извалкана од Германците. Од друга страна, пак, фрау Меркел беше умна дама, која знаеше две работи: од една страна не губеше од вид дека на нејзината територија од 1949/53 се наоѓа Рамштајн, но од друга страна знаеше и дека без блиска соработка со Русија не е возможна Германија без Рамштајн. Полека, мудро, со низа проблеми, со „падни-стани“, со опструкции, со прислушувања, со бегалци, со „мултикултурализми“… го заврши „Северен тек 2“! Берлин – Москва конечно поврзани директно – со „цевка“! Но овој пат, не воена! Англосаксонците го вклучија алармот. „Природниот носач на авиони“ на САД зазеде страна одамна пред „конечната пресметка“, а финалниот маневар го направи на 23 јуни 2016 кога рече одлучно „да“ за излегување од ЕУ. Меркел замина… сцената е поставена, позициите се заземени.
Резултатот? Некои би рекле третата светска војна е во тек! Да не креваме паника, јас би сумирал поблаго: нема евтин гас за Европа од Русија, туку поскап течен гас (САД, Австралија и Катар се најголеми производители на истиот тој), НАТО од „клинички мртов“ чудесно воскреснува, Запад дополнително се наоружува, Европа повторно се прибира под сенката на поголемиот брат и се збогува од идејата за независна европска безбедносна политика, руската економија колабира, европската е на работ, а американската… (повторно заклучете сами), „судирот на цивилизациите“ инјектира свеж здив во уморниот неолиберализам, редовите се збиваат, единствениот идеолошки дискурс што ни се чинеше истрошен, повторно триумфира, а глобалниот наратив – демократски Запад vs. автократски Исток – добива ветер во грб, затоа што го чека нова битка со „змејот“, далеку пострашна…
Повторно, не треба да сте генијалец, за да погодите кој е најголемиот добитник во целата ситуација? Русија со својата политичка несмасност којзнае по кој пат потфрла, а Европа не успева по третпат во остварување на вечниот геополитички сон за „пробив кон Исток“! Барем не засега! Барем додека од Истокот не се појави сенката на змејот! Но и тогаш, тоа нема да биде „пробив КОН Исток“, туку „пробив НА Истокот“, со што Европа повторно ќе биде под нечија сенка. По сè, изгледа ние Европејците и не сме толку големи, колку што се замислуваме!? Дали историјата ја прегази идејата за големата европска цивилизација – засекогаш!?
Автор:Трајче Стојанов