Има анегдота за која не сум сигурен дека е вистинита, а се однесува на маестралниот сер Лоренс Оливие, кој во својата спална соба или во хотелите каде што престојувал секогаш имал огледало во близина, па кога се будел, се исправал во постелата, се погледнувал и велел: „Добро утро, сер Лоренс Оливие!“
И јас исто правам, сеедно што немам огледало во спалната. Се будам, зевам со ширум отворена уста полна застоена реа, неестетски бушав, нерасонет и пред да акнам кафе уз цигара, трчам во ходник, се бапнувам пред огледало, зјапнувам во својата небањата дебела појава и се дерам: добро утро, глуп и невоспитан популисту, ти, ужасен, грозен и токсичен племенски националисту полн омраза кон надворешниот свет, неспособен, но авторитарен клептоману, ем дијаболичен, ем ситна боранија, ти, милитантен, конзервативен предавнику задоен со самоубиствено токсична македонштина, ти, хомофобичен и ксенофобичен, религиозно конспиративен вмрону!
А не дека не сакам, не дека не замислувам, едноставно да се разбудам од нежни соништа, во свилена и скапа постела на мојата голема спална соба, урбано да зевнам и граѓански да се протегнам, па да излезам од прегратката на совршената убавица на која и фотошопот од вчера не ѝ се размачкува со шминката дури и кога е заспана и така, со нозе во меки топлинки, пред да му дадам поздрав на сонцето со смути во раката, да застанам пред огледало и тивко, но достоинствено да изговорам, добро утро, ти мек, можеби малку килав, но граѓански воспитан интелектуалецу, слободарски неспособен и невладино бирократизиран, ама скептичен либералу!
Но, едно е што сакам јас, а сосема друго каква е стварноста. Јасно е дефинирано кој каде припаѓа, оти таква е формата на суштината, односно суштината на формата, бидејќи фактите говорат дека во оваа земја луѓето им припаѓаат на два табора, едните се цивилизација што мириса на уредена цветна градина, а другите сме смрдлива племенска заедница. Така е, никако поинаку, оти со својот брилијантно недостижен ум, пресече и пресуди интелектуалниот џин, професор Фрчкоски, љубител на придавки, епитети, блондинки и паркинзи, творец на фриџез расштрафени устави, кои се толку генијални што и фабричките мани им се мирисливи и опојни. В лице ни ја фрли вистината за нас и нив, за тоа кои се небањати вмрони, какви што нè доживуваат тие, а кој е интелектуална бижутерија, какви што ги познавам јас.
Кога тој беседи, јас веднаш начулувам уши, сеедно што ми се валкани и влакнести, сеедно што неговата реч не може да стигне до мојот ум, бидејќи такво нешто во мене и не постои, ама го слушам како пука епитети и етикети, па веднаш добивам порив да се зачленам кај вмроните, да му станам миленик на Мицкоски и тој да ми даде дел од крадените пари со кои јас ќе отворам НАМА… не, НАМА значи народен магазин, а тоа е сељачки… ќе отворам ГРАМА, граѓански магазин, и во него ќе го вработам професорот да лепи етикети на производи.
И додека во своите скромноумни мисли го замислувам како низ ГРАМА шета меѓу гондоли и со тоа машинчето, шлап-шлап, лупа етикети на продукти, мојот изопачено измрцварен ум што не го ни поседувам веднаш го сместува, нормално, откако ќе заврши со шлап-шлап нормата, во „фаличниот пансион“ на интелектуалната ароганција, па му ја облекувам кецелата на Базил Фаулти, која му достигнува од нос до „ципела“ и го оставам да ме забавува додека им лепи етикети на купувачите со муабети: о ти, бабускеро со раштракани вилици што така грубо пипкаш лебови како да се образи на блондинки, а ти бе, цвикерашу со бестијален апетит и кромањонски нагони за сувомесни производи, ти мори, кратковида неинтелектуална опајдуро што со тоа антизападните тегли на разроките очи само зјапаш по гондоли за да најдеш чајна и руска салата, како ние тука да немаме американски бифтек, британска префинетост и европски вредности од меЏународни производители, а ти бе, исфрустриран конформисту со дегенериран патец и дилетантски бркови, до кога мислиш да се двоумиш каква шеќерна табла да ѝ купиш на твојата искомплексирана пачавра со трајно фрустрирана фризура над нецивилизираната фаца која не разликува што е ситна боранија, а што крупна сол, ајде фати си го за рака твојов бубуљичав, патетичен адолесцент со црно под ноктите кои никогаш нема да загребат по нежната кожа на префинетата енџиовштина и марш од граѓанскиов магазин двајцата!
Уф, ми отиде колумната низ фаличниот пансион на неспособната ароганција. А каде што се „Фаличниот пансион“ и Базил Фаулти, напишан и одигран од генијалниот Џон Клис, таму е и „Би-би-си“. Боже, какво бламирање! Направиле документарец за Трамп и чоп-чоп, си го измонтирале неговиот говор така што излезе дека токму тој повикува на насилство кое се случи во „Капитол“ при изборот на Бајден. Сечеле, лепеле и монтирале како што Вилма Русковска по нарачка на Заев, со нинџа зафати, сечкаше и монтираше говори за да склепа удбашки обвиненија против невини луѓе. Од „27 април“ до „Капитол“, од Вилма до „Би-би-си“, добре дојдовте во фаличниот пансион на арогантно изопачените „вредности“! Додуша, дека „Би-би-си“ се блади булшит мене ми стана јасно уште во 2020 година, кога ја забранија епизодата на „Фаличен пансион“ наречена „Германци“, поради сцената „Не ја споменувај војната“ во која Базил откачува пред германските гости малтретирајќи ги за нацистичкото минато на нивната држава. И како што сега „Би-би-си“ се вади со оправдувања а ла Болдрик, дека ненамерно го монтирале Трамп за да го направат злосторник, така тогаш трабуњаа дека таа епизода била расистичка, навредлива и слични воук-срања, иако, во суштина, изгледа длабоко ги заболе што меѓу редови откриле исмевање на гебелштината.
А да, уште ова! Кога сме кај фразата „Не ја споменувај војната“, се сретнаа Мерц и Зеленски, па Германецот ја спомна војната и му порача на својот украински колега, наместо младите украински мажи да бегаат во Германија, да ги задржи дома, затоа што ѝ се потребни на државата, читај боиштата, односно, жглаб-џглаб паричка за оружје и бенг-бенг, куршум в чело за Украинците со што и ќе се спроведе агендата, да ја браниме Украина до последен Украинец.

































