Љупчо Давчев
Тони ми е другар од детството. Заедно израснавме. Отиде во Австралија да докторира, нашиве му ветија дека поради неоспорните квалитети, честитост, ќе го стават асистент на Електротехничкиот факултет, но си ставија свои. Докторира во Австралија, се врати во Македонија, се ожени и пак отиде во Австралија и таму остана со жена му и трите деца. Целосно се исполни во секој поглед. А тука не дека беше финансиски немоќен, имаше доволно, дури и повеќе, но немаше почит кон него, немаше никаква сигурност и тоа што сакаше да го направи ги загрозуваше помалку интелигентните, лицемерните, злобните, дека ќе им го земе местото. Понекогаш ќе дојдеше да ги посети родителите и нас пријателите. Татко му и мајка му се постари луѓе, 75-80 години, тие се тука, сами.
Харбин работеше во едно од министерствата, претежно водеше проекти. Исклучително способно момче. Почнаа замки, превари да му прават, тие неспособните, партиските, ботовите, грамзивите, заостанатите. Ене го сега со жена му и децата во една европска земја. Таму се оствари целосно.
Снеже ми е бивша колешка. Излезе од работа и почна да работи со маж ѝ во приватен бизнис. Им тргна. Направија куќа од 400 квадрати, со базен, сауна, одмори по егзотични места… Ја гледам пред некој ден, оди по улицата сосема изгубена, те гледа и не те препознава. Јас ја застанувам, очите и изразот на лицето кажуваат сѐ. Двете деца ѝ одат во странство да студираат, заминуваат можеби засекогаш. Таа и маж ѝ остануваат сами. Попусто и брат, сестра, другари, колеги, куќа, пари, јахти, ордени, награди, сѐ е попусто, кога душата и срцето ти се некаде далеку.
Стевче џудистот ја омажи ќерка му за нашинец во Белгија. Му дадов книги македонски на кирилица напишани да им прати на децата и црковно календарче да им дадат име на внуците што ќе произлегува од старата македонска традиција.
Во мојата улица има 32 куќи. Пред поголем број години од секоја куќа се слушаше детски џагор. И сега бројот на куќи е ист, но претежно живеат пензионери и само од две куќи се слуша детска смеа, и тоа пингпонгарската фамилија што има едно деветгодишно момче и Марко со жена му (тој и жена му се со посебни потреби), кои имаат три ќерки (од пет до осум години), значи вкупно четири деца до 15 години во цела улица. Во секој двор во мојата улица и тогаш и сега имаше дрвја преполни со плодови од црешни, вишни, кајсии, крушки, праски, сливи и што ли уште не. Порано комшиите чуваа стража да не им крадеме од овошјата (имавме посебна технологија со долги тутурутки и ќесе), а сега сето тоа скапува. Нема кој да ги собере, нѐ молат нас што сме сѐ уште мошне далеку/блиску до пензија да набереме, да ги посетиме, да им направиме муабет.
Иван живееше на крајот од улицата. Направија куќа со свои раце од околу 250 квадрати, со свој пот, сами. Имаше две ќерки, зетовите дојдоа домазетовци и сите заедно со децата беа фамилија од 11 души. Продадоа сѐ и си заминаа надвор од Македонија. Сега и брат му на Иван, кој живееше пет куќи погоре, се спрема со цела фамилија (осум души) да се отсели. Ноќта кога Иван се селеше, некаде средина на јуни, беше спарна и врнежлива. Јас обично не спијам до 2-3 часот и како што врнеше и загрми погледнав низ прозорецот. Го гледам Иван на тој дожд без чадор оди по улицата, еднаш, двапати, повеќепати. Улицата е долга околу 80 метри. После застанува од другата страна на улицата отспротива од неговата куќа, ја гледа куќата и ги пушта солзите сами да се слеваат, 65-годишен маж што поминал многу во животот. Во 2.40 часот излегувам по тој дожд без чадор, да видам да не му треба помош. Доаѓам до него, ме прегрнува и не ме пушта да се мрднам. Плачеме заедно, разликата меѓу нас е некои 20 години. Ме носи до кајсијата, какви плодови имаше, го прегрнува дрвото, го бацува, ги прегрнува и јаболката и сливата, клекнува на колена, со свои раце ја размрдува земјата за што повеќе дожд да навлезе во коренот.
Јадеме од плодовите, а секоја голтка пелин во устата. Ми вели: „Tи барем знаеш каков џем за палачинки даваат овие плодови“. Во тој миг доаѓа жена му загрижена дека го нема. А телото и фацата во некоја згрчена поза, како одеднаш да остарела. Не ѝ се сели, но мора. Околу 5 часот, веќе е разденето, тргнуваат со колите. Нема никој од комшиите да ги испрати, не им кажале за да не се растажат, за да не им биде потешко. Само јас и уличното куче што го раневме сите заедно. Се враќаат по две минути, излегуваат сите заедно од колите, ги прегрнуваат оградата, тревата, влезната врата. Луѓето што одат на работа се чудат што се случува. Страшна глетка. Пак се качуваат во колите и заминуваат. Прават еден круг и на цел глас викаат, свират со сирената и како што се оддалечуваат така е сѐ помирно и помирно. Единствено нешто што ги држи среќни е дека сите одат во една држава, во ист град.
Шести август е денот кога е извршен најголемиот геноцид над еден народ. Тогаш е фрлена атомската бомба над Хирошима, убивајќи над 120.000 луѓе. Мене кога ме прашуваат кој датум е денес кај нас, за сите денови на сите им велам дека денес е 6 август. Името на денот во неделата може да се менува, да биде понеделник, вторник… петок… недела, но датумот стои, 6 август. Нашиот македонски секојдневен 6 август е многукратно погеноциден од јапонскиот 6 август, затоа што е секој ден, секој момент, особено од 2017 год. па наваму, а удира со таква жестина, сѐ појако и појако, не престанува. Туку да ве прашам нешто – КОЈ ДАТУМ Е ДЕНЕСКА?