Просветителската порака на рамноапостолите, светите Кирил и Методиј

Најстариот син Методиј (околу 810) и најмладиот син Константин/Кирил (826/827) се две од седумте деца на таткото Лав, помошникот на воениот командант на солунската област, и на мајката Марија, жена од угледно семејство познато и на царскиот двор, кои историјата понатаму ги препознава како светите браќа Кирил и Методиј, сесловенски просветители, творци на глаголицата, писмо на кое е создаден старословенскиот јазик, најстариот словенски литературен јазик. Во славистиката, македонската теорија за народната основа на најстариот словенски јазик ја поставуваат Ватрослав Јагиќ (1838 – 1923) и Ватрослав Облак (1864 – 1896) и денес таа теорија претставува вистина што не подлежи на никакво проверување. Старословенскиот јазик е заснован на говорите од македонските Словени што живееле во околината на Солун во средината на 9 век.
Светите браќа Кирил и Методиј, раѓајќи се во стабилно материјално семејство, со високоценета позиција во општеството, можеле да ја продолжат инерцијата на комоцијата што им ја давала општествената хиерархија и да останат анонимни како и другите пет деца на Лав и Марија, задоволувајќи се со актуелниот државнички конформизам. Но напротив, со својата посветеност и пожртвуваност, тие ја напуштаат комфорната зона, ги поставуваат темелите на словенската книжевна писменост и со тоа го подигнуваат степенот на живеење на словенскиот народ, создавајќи услови за нова димензија на дејствување на словенскиот род и квалитативно збогатување на светското семејство на народите. Со други зборови, тие овозможиле второ раѓање на цел еден народ и тоа го прават преку културата, во чија, пак, основа е сместен јазикот. Од тој словенски род понатаму се изродиле словенските народи, денес класифицирани како источни, западни и јужни Словени, сите со свои јазици. Ова разгранување на Словените, всушност, претставува материјализирање на мислата од Борис Бошкоски (1915 – 2004), првиот ректор на Македонската православна богословија, дека „…народите имаат право да се ројат!“
Геополитичките процеси, кои никогаш не прекинуваат – затоа и се процеси, инаку би биле состојби – за луѓе подвижници, како што се светите браќа Кирил и Методиј, секогаш се поттик и инспирација за големи дела со историска димензија. Тогашниот наметнат елитизам дека само одредени јазици, латинскиот и старогрчкиот, ја имаат привилегијата да бидат носители на писменоста, науката, културата и религијата, за светите браќа се мотив да ги постават темелите на самостојно критичко размислување, а со тоа да бидат и авангарда на своето време.
Независно од моментот што во нивното дејствување има тогашна геополитичка основа, т.е. одбрана и зацврстување на државната формација на која ѝ припаѓаат, Византиската Империја, во сржта на нивното дело лежи просветителството, односно образованието како алатка за дејствување. Оттука ја гледаме и моќта на степенот на образование на еден народ и ден-денешен, кога повторно поради геополитички процеси има засилени обиди за оспорување на македонското право на постоење, т.е. културолошко потиснување!
Од крајот на 19 век до средината на 20 век, македонскиот идентитет добива стабилно теориско дефинирање, а македонските интелектуалци тогаш нагласуваат дека соперништвото меѓу балканските земји на темата Македонија не е толку за политичка или воена превласт колку што е за културолошка доминација врз неа. И сега, ако се направи споредба со просветителското дејство на делото на светите браќа, се доаѓа до заклучок дека образованието и културата, во чие средиште е јазикот како средство за разбирање, но и за пренесување знаења, вештини и мисли, е најмоќното орудие за раѓање и опстојување на еден народ, во случајов – македонскиот народ.

м-р Александар Јорданоски

Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство