Каде исчезна огромниот евроентузијазам на македонските граѓани, односно стремежот за полноправно членство на Македонија во Европската Унија? Еден ден кога историчарите ќе се навраќаат на овој период, секако дека ќе има жестока расправа кога започна да се ситни, да се рони, да исчезнува високата поддршка на Македонците за европската интеграција. Меѓутоа, нема да има никакви дилеми дека последната шајка во ковчегот на македонскиот евроентузијазам го закова претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, со нејзиниот говор во Собранието за поддршка на „преговарачката рамка“, произлезена од предлогот Ковачевски – Петков, попознат и како „француски предлог“. Сенародниот и консензуален отпор на Македонците против оваа уникатна преговарачка рамка е сосема разбирлив. Македонија, со благослов на ЕУ, станува бугарска колонија, а македонскиот евроинтегративен процес се претвора во „бугаризација преку европеизација“. Срамниот серијал на плитко и површинско убедување на македонскиот народ дека треба да ја прифати рамката „за да го фати последниот воз“, „за да биде на правилната страна на историјата“, па дури и безобразниот коментар на еден дипломат Македонија „да замижи и да проголта“ не дава веќе резултати.
Јасно е дека нема никакви гаранции за заштита на македонскиот идентитет, култура, традиции, јазик и посебност. Зборовите немаат никаква вредност, а документите имаат обичај да ги надживеат нивните создавачи и да создаваат нови проблеми и цели децении и векови по нивното усвојување.
Македонија, на последната отсечка од нејзиниот европски пат, нема да биде оценувана преку квалитетот на нејзиното законодавство и исполнителноста на нејзините институции, туку преку брзината на усвојувањето на бугарската историја како сопствена, внесувањето на бугарскиот национален наратив во сите учебници, брусењето на споменичните обележја и којзнае уште кои други појавни облици на бугаризацијата.
Нема шанси да успее ова „превоспитување“ на Македонците преку бугарското вето на македонската европска интеграција, исто како што и Преспанскиот договор не резултира со примена на името на „Северна…“. Меѓутоа, Бугарите секако дека ќе се обидат да ги употребат алатките што ќе им ги дадат Владата и претседателот. Македонско–бугарските односи се влошени и се наоѓаат на најниска точка по независноста. Кога подобро ќе помислам, односите помеѓу Скопје и Софија се на најниска точка по крајот на Втората светска војна и дополнително ќе се влошат и усложнат кога ќе започне налудничавиот процес на „бугаризација преку европеизација“.
Но наскоро анкетите ќе започнат да бележат и драматичен пад на поддршката на македонските граѓани за европската интеграција, па ќе стане ужасно тешко да се работи на ова прашање во такви услови. Македонија со ништо не придонесе за таквиот развој на настаните и вината треба јасно да се стави во Брисел и во главните градови на стожерните земји–членки на ЕУ. Земјата што најрадосно се надеваше на европската интеграција стана лабораториско заморче на цела серија погрешни европски политики кон регионот, па конечно се прелеа чашата на Македонецот.
Јас отсекогаш сум сметал дека Македонија треба да стане дел од Европската Унија и натаму останувам посветен на таа цел, но како учесник во јавната дебата должен сум да предупредам дека отсега, па натаму, ќе биде ужасно тешко да се зборува за европската интеграција на земјата. Граѓаните ќе гледаат со огромна доза сомнеж, цинизам и неверица кога станува збор за која било иницијатива на ЕУ кон нас, а да не зборувам, пак, за изјавите на водечките европски политичари. Амбиентот и атмосферата во Македонија ќе се променат.
А, инаку, никој не треба да ги учи Македонците што е Европа. Доволно е да се направи еден скромен преглед на печатот од 1980-тите за да се увиди дека Македонија оттогаш, уште од СФРЈ и СРМ, се подготвува за влез во европската интеграција, тогаш во Европската економска заедница, а подоцна во Европската Унија. Дури и во тие времиња се зборува за приспособување на домашното (југословенско и македонско) законодавство кон потребите на заедничкиот пазар, а под европски вредности се подразбира демократија, човекови слободи и права, професионализација на институциите, воведување нови работни стандарди и така натаму.
За Македонците идејата за припадност на нивната држава во еден поширок контекст, исто така, е прифатлива и како дел од стремежите на националната интелигенција во периодот кога сè уште не постои македонска држава (балканската федерација на изворното ВМРО или потоа балканската федерација на победничките партизани од Втората светска војна). Но пресудно за македонската поддршка кон интеграциите е позитивното македонско искуство од здружувањето во југословенската федерација. За Македонците, СФРЈ беше рамката што овозможи изградба на национални институции, универзитет, академија на науките и уметностите, автокефална црква и сите други атрибути на македонската државност. Покрај тоа, македонскиот јазик беше признаен како еден од службените јазици на Југославија, а најдобар мој спомен од тие времиња е мојот детски црвен југословенски пасош, испишан на македонски и на француски јазик.
Службената идеологија на поранешната СФРЈ беше „братство–единство“, а органите на самата федерација и на сите земји–членки жестоко реагираа кога некој се обидуваше да го наруши суверенитетот на кој било народ и република.
Токму затоа, поаѓајќи од ова практично искуство, Македонците лесно ја прифатија и веруваа во европската идеја, врамена во крилатицата „обединети во различноста“. За Македонија членството во Европската Унија значеше и крај на долгиот македонски пат низ европската историја, крваво и мачно пробивање низ сите балкански и европски несреќи. При македонската независност се сметаше дека ЕУ ќе си остане доследна на своите основачки принципи, па ќе ги заштити македонската државност и македонската посебност, во еден далеку поширок и подинамичен политички, економски и културен мозаик.
За жал, стварноста ги демантираше овие македонски очекувања. Грчките негирања на македонската државност и самобитност ја држеа во заложништво македонската европска интеграција околу три децении, за на крајот сето да заврши со еден наметнат договор, референдумски одбиен од македонски народ и насила усвоен и применет. Победа на грчкиот шовинизам. Сето тоа ќе продолжи во недоглед со повампирувањето на бугарскиот шовинизам, но сега и јасен и недвосмислен европски благослов.
Затоа, сосема ми е јасно каде испари македонскиот евроентузијазам. Европската Унија ги погази сите свои прокламирани вредности, принципи и идеи во македонскиот случај. И онака балканскиот воз кон Европа стои на некој слеп колосек, па сосема е сеедно во кое купе се наоѓаат патниците во воз што одамна излегол од шините и му снемало гориво. Македонија може да биде дел од Европската Унија само како независна и суверена држава, со целосна заштита на македонскиот народ, неговата култура, посебност и јазик. Македонскиот народ ја научи својата лекција на најсуров можен начин. Македонската државност и македонската посебност не смеат да бидат жртва на ниту еден интегративен процес.
Автор: Ивица Боцевски