Позиција, опозиција, диспозиција – сите на избори

Ако се следи внимателно однесувањето на водечките партии и главните актери во политичкиот натпревар од почетокот на независноста до денешни дни, се наметнува прашањето дали ова што сега се претставува како власт, позиција, опозиција е вистинско или е само рефлекс, симулација и обид да се излезе од половина век политичка инерција од социјалистичкиот еднопартиски монопол.
Првата победа на ВМРО што се случи во 1990 година и беше волја на најголем дел на Македонците, беше победа пред сѐ на идејата за промени, во духот на промените што се случуваа на глобален план. Но таа промена во суштина ништо не промени во односот на силите во демократскиот плурален натпревар и амбиент при освојување на власта. Клучните позиции во власта останаа цврсто во рацете на политичката елита создадена во петдеценискиот еднопартизам и напластен непотизам во сите сфери на живеењето, размислувањето, развојот. Во таа рана фаза на плурализмот младиот бунтовен харизматичен, но пред сѐ неопитен Љубчо Георгиевски беше назначен и устоличен за потпретседател на претседателот на Република Македонија. Па, потоа следуваат серија политички збиднувања, манипулации, маневри и импровизации, при што опозицијата „доброволно“ без тормозење и притисоци се повлече и се евакуира од Собранието. Својот отпор и дејствување опозицијата одлучи да ги артикулира и води вонинституционално, надвор од законодавниот дом. Следува транзицијата и погрешната приватизација како нејзин најсуров дел, која трајно ќе ги наруши (изеде) судбините на илјадници транзициски работници, отпуштени во име на трансформациите на системот, со долгорочни економски, социјални и демографски последици, кои се продолжија и проширија на следните неколку генерации македонски граѓани, и затоа природно сме упатени да се навратиме, посетиме, анализираме, преоценуваме и споредуваме со актуелните случувања, однесувањето и улогата на носителите на тие и овие понови политики, кои оставија длабоки лузни, ги пренасочија историските текови и нѐ втурнаа во сурови премрежиња, но и, еве, одново нѐ водат во неизвесност, исчекувања.

Според редоследот на збиднувањата и внимателна анализа на дејствата и однесувањето на политичките субјекти од почетокот на независноста до денешни дни, се наметнува прашањето дали ова што се води сега, ова што сега се претставува како власт, позиција, опозиција е вистинско или е само рефлекс, симулација од силната политичка инерција од социјалистичкиот еднопартиски монопол, кој досега беше можеби помалку видлив на пошироката транзициска перспектива. Носители и протагонисти на овие бурни и сложени состојби беа главно политички профили – каста создадена во петдецениското едноумие, легална партократија, напластен непотизам, со привилегии во сите сфери на живеењето и дејствувањето.
Одговор на дилемата, според аналитичарите и проследувачите на политичките збиднувања, е мислењeто што е раширено и во високите кругови на СДСМ, каде што има неколку спротивставени и непомирливи и позиции и мислења. Според едната страна, СДСМ не е партија што може да се најде и снајде и да биде опозиција, за што се потврда неколкуте последователни изборни неуспеси во последниве десетина години. За потсетување, оваа партија не е формирана во и како опозиција, туку е формирана како власт и во сиот транзициски период се претставува како државотворна партија (што ли значи тоа навистина), која државата ја сака како наследство. Без неопходниот опозициски квантум и искуство, оваа партија не знае што е напорна работа, како е да се појде од нула, да се гради доверба, да се гради структура од човек на човек, да се гради политика што обединува различни категории граѓани, да се градат мостови и да се создава партија. СДСМ е наследство од минатиот систем, која по инерција функционира до денес. Таа партија е создадена за да биде власт, тие луѓе во раководството на СДСМ врз база на своето, но и врз база на искуството на своите претходници, сѐ уште се убедени дека ним по автоматизам им припаѓа правото да владеат и да одлучуваат. Сѐ уште не разбрале дека за тоа треба да се создаде доверба кај мнозинството од граѓаните. За нив самото постоење на СДСМ е доволна причина и СДСМ да биде власт. За жал, не ја реформираа својата колективна свест во новите услови на демократско уредување. Владеење со децении без никаков напор и никакви избори (во демократски услови имаат победено само еднаш, во 2002 година, и тоа по сериозна државна дестабилизација, чии корени, причини и поддржувачи до ден-денес не се сосема јасни). Проблемот е во политичката матрица – е еден од можните одговори.

Според мислењето и анализите од позицијата, лесно е да се биде лидер на опозициска партија. Еден одговор на сите прашања и блокирање на сите процеси. Тоа е визијата за цело политичко опозициско дејствување, сведено на деструктивно однесување, кое не му користи никому…
Удобноста исчезнува, стигнуваат генерации за вработување, кариера, кои ја немаат привилегијата за автоматизам во судството, дипломатијата, администрацијата, медиумите, културата. Сега сѐ е во суров натпревар за креирање позиција во живеењето. Во иднина сѐ помалку ќе има – од мама на тате, од тате на бате.
Што се однесува до заложбите за предвремени избори на оваа опозиција, ништо чудно и легитимно во политичкиот живот. Познато и веќе видено и во политичката историја и во развиените демократии. Опозицијата е нужна и треба да ја има. Но на планот на политичките перспективи и место и простор и за некои нови форми на артикулацијa на незадоволство од политичкото владеење, кои се наѕираат и со време ќе се окрупнуваат и ќе ја проверуваат својата политичка зрелост и вредност на избори и регуларни демократски процедури. И според (не)извесното од теренот, даденото и напишаното – сите на избори, и позицијата и опозицијата и неопределените од диспозиција.
Позиција, опозиција, диспозиција – сто тоа е во ред во општество со позначајни демократски традиции, од кои главна е владеењето на правичноста преку владеењето на правото. Инструментите на слободното политичко здружување не смеат да се користат за лична, групна или партиска корист – независно од формалната легалност на постапките.
Догодина некаква саглам трета опција може многумина да збрише и евакуира од политичка карта. Може да биде интересно…