Во држава на изгубени надежи осудени сме на неуспех во потрагата по среќата. Дали? Потрагата по среќата во Mакедонија нѐ наведува да ја гледаме тагата како неуспех. Среќата кај нас ja претворија во парадокс: колку повеќе посегнувате по неа, толку повеќе ви се чини дека ви се лизга низ прсти. Дали можеби ја бараме среќата на погрешни места? Дали мислиме дека среќата е она што го добиваме кога го добиваме она што го сакаме? Среќата отсекогаш била ценета како највисоко добро на човечките вредности и емоции, секаде, освен во македонското општество. Никогаш ниедна влада во независна Македонија не спомена дека основната цел на нејзиното постоење е промоција на среќата.
Идејата што не е нова и која нѐ навраќа на 18 век и англиското просветителство, кое се ширеше низ делови од континентална Европа и многу во Соединетите Американски Држави во тоа време, па дури и го формираше основното размислување зад американскиот устав, кај нас беше заборавена. Никогаш не беше откриена за да биде запишана во Уставот. А идејата е едноставна: најдоброто општество е она во кое најмногу луѓе се среќни, а најмал број луѓе се мизерни, па затоа работата на Владата е да воспостави услови каде што повеќе луѓе ќе бидат среќни. Декларацијата за независност на САД ги опиша „неотуѓивите права“ на „живот, слобода и потрага по среќа“ како права на сите луѓе. Во 18 век основачите на САД ја разбраа интимната врска помеѓу економскиот просперитет, политичката слобода и потрагата по среќата. Нашата власт единствено разбра како да ја разграба, опустоши и разнебити државата и нѐ направи мизерни во нашите животи. Не може да ја барате среќата во општество што не е засновано на доверба. А нашето не е и не гледам дека може да биде. Барем не во блиска иднина. Сепак!?
Не сакам да верувам дека македонските граѓани не се дизајнирани да бидат среќни, па дури и задоволни. Наместо тоа, годините на безнадежни очекувања нѐ дизајнираа првенствено да преживуваме и да се репродуцираме, како и сите други суштества во природниот свет. Состојбата на задоволство е обесхрабрена по природа бидејќи ќе ја намали нашата грижа од можни закани за нашиот опстанок. А тие се безброј. Всушност, нашата власт ни ја понуди депресијата како адаптација во време на неволја. Ни понуди и ја одржува депресијата како начин да се ослободиме од ризични и безнадежни ситуации во кои едноставно не можеме да победиме. Всушност, депресијата ни ја понуди власта како „лек“ за нејзината природно вродена неспособност да креира услови да уживаме во животот, па затоа треба да се тешиме со сознанието дека несреќата не е навистина нивна вина. Тоа е вина на нашиот природен дизајн. Или дизајнот на македонскиот граѓанин по желба на власта. Да, нѐ направија очајни, луѓе без надеж. Можеби лошо е чувството, но постојат начини на кои можете да живеете добро и без надеж. Вашиот живот сè уште може да манифестира убавина, љубов, среќа, па дури и хумор. Сè уште можете да направите многу добро во животот.
Додека надежта може да нѐ мотивира; безнадежноста може да нѐ ослободи. Очајните луѓе се тие што блокираат тенкови на улица, ги полагаат своите тела на запчаниците на уништувањето за да ги натераат да запрат. Ако сме осудени на пропаст, зошто да не проговориме? Зошто да не возвратиме? Што можат да ни направат? Што е важно во држава што се распаѓа? Која употреба на вашиот живот би можела да биде поважна од борбата за заштита на иднината и сè што сакате? Никоја.
Нашиот свет сè уште е прекрасно место. Всушност, на многу начини за многу луѓе, животот може и мора да биде поубав. Сѐ уште можеме да избереме да се фокусираме на убавината и среќата, наместо на грдотијата и тагата. Да не мислиме на духовната и материјална беда, туку на убавината што нѐ опкружува. За момент излезете од приказната за ова очајно и безнадежно општество што ни го креира политиката. Уживајте во празниците што доаѓаат. Побарајте ја личната среќа во луѓето што ги сакате и ве сакаат. Во нивната насмевка. Секој од нас има моќ да направи мали промени во нашето однесување, нашето опкружување и нашите односи во годината што доаѓа, кои можат да ни помогнат да го поставиме патот за посреќен живот. Велат дека кога ќе се чувствувате безнадежно, почнете да го менувате вашиот поглед. Среќата често се раѓа од благодарност; затоа ви препорачувам да направите рекапитулација за тоа на што можеме да бидеме благодарни.
Во новата година заборавете на таканаречените „мрачни“ емоции: тага, болка, разочарување, чувство на неуспех и загуба. Доста растевме и созревавме низ болката, која стана дел од македонскиот фолклор. Важно е да сфатиме дека можеме да ја избереме среќата, а потоа да ја следиме и дека не сме осудени на несреќа. И покрај сегашниот бран на лоши практики на оваа влада, вреди да се стремиме кон среќата. Ана Франк, која сигурно имала право да очајува, во една реченица нѐ потсетува на целата вистина за среќата: „Не мислам на целата беда, туку на убавината што сè уште останува“. Не чекајте пред да решите да бидете среќни. Направете го тоа во годината што доаѓа.
Затоа, среќна Нова година.