Сечиј живот си има свое време

Во стара „Нова Македонија“, кога бев млад новинар, беше традиција за новогодишниот број на весникот да не се пишуваат политички теми. Но главно место на првата страница заземаше Титовото редовно обраќање на крајот од годината, со пораки до југословенските народи и работничката класа. Ние новинарите објавувавме репортажи од Македонија и од светот, патописи, текстови за човечки судбини, за успех на некој работник или културен деец и слично. Откако го немаше Тито, откако Република Македонија стана самостојна страница, откако се смени општествениот систем, од социјализам во капитализам, и весникот од година на година добиваше нови поинакви содржини. Имајќи ја предвид таа традиција сега, во млада „Нова Македонија“ на прагот на 2020 година, на старост, пред вратите на моите 75, решив да напишам неполитички текст, да не ја доматувам и онака матната вода што се разлева низ политичкиот и партискиот живот. Барем за овие празнични денови.
Навистина не е лесно да се пишува за одбележувањето и славењето на Нова година, кога речиси сѐ е познато, напишано и објавено за овој прастар религиски, племенски и културно-забавен ритуал, кој вообичаено ги симболизирал крајот на зимата и почетокот на пролетта и имал врска со Сонцето и со Месечината. Точното време на традицијата на одбележувањето на Нова година како ден на пресврт на природата, не е со сигурност утврдено, но се смета дека тоа го правеле Вавилонците уште пред четири илјади години. Тој ден го пречекувале на различни начини, а оттогаш многу обичаи се промениле и луѓето низ светот на свој начин ги одбележувале тие промени. Колку земји, толку обичаи, колку народи, толку разлики. Во основа слични по основниот религиски предзнак што го носат, а многу различни по начинот како се одбележуваат.

Историчарите нѐ учат дека со текот на времето, како што се менувале религиските системи, царствата, римските папи или владетелите така се менувале и календарите и начините за сметање на времето. Римјаните ја славеле Нова година, но нивниот календар се менувал со секој нов владетел, сѐ додека римскиот сенат во 153 година пред новата ера не го востоличил 1 јануари за почеток на новата година. Христијаните по вера доаѓањето на новата година почнале да го одбележуваат, според некои извори, дури во 12 век. Во христијанскиот свет, во земјите во кои мнозинството се католици, и во оние земји каде што повеќебројни се протестантите, евангело-методистите и други христијани што не се под власт на римскиот папа, го практикуваат грегоријанскиот календар. Како што е познато, кај нив приоритет има одбележувањето на Божиќ како божји и семеен празник, наместо Нова година што во поголем дел се сфаќа како забава. Кај православните, кај Русите, Србите и Украинците, освен на божиќните празници, големо значење ѝ се дава на и кај нас познатата Стара нова година, која се одбележува ноќта меѓу 13 и 14 јануари, по јулијанскиот календар. По овој календар, кој е поназад 13 дена од грегоријанскиот, празниците ги одбележува и Васеленската патријаршија во Истанбул. Во православните календари постои и Црковна нова година, која со разни литургии се одбележува во храмовите секој 14 (1) септември.
Според еврејското верување, во септември или октомври, господ ја отвора „Книгата на животот“ на 10 дена. Тие 10 дена, кои се викаат и „десет дена каење“, се најсвети во еврејската традиција. Верниците Евреи ги користат тие денови да им простат на своите најблиски, но и сами да побараат прошка, ако некому му згрешиле. Во Библијата овој ден е означен како ден на собирање и дување во труби. Славењето како почеток на новата година има свое потекло во Талмудот, бидејќи таму овој ден се смета за ден кога е создаден светот. За разлика од обичаите на другите народи, кај Евреите овој празник не се слави со музики и џумбуши, туку со присетување на гревовите и со покајание за нив. Традиционалниот јудаизам знае за обичај, според кој, во текот на првото попладне од овој празник се оди на некоја река каде што има риби. Се кажуваат молитви, а во вода се фрлаат трошки леб со што се симболизира отфрлањето на помислениот или сторен грев.

Сите муслимани во светот, значи и оние кај нас, според лунарниот календар, кој е поврзан со месечинските мени како почеток на годината, го имаат денот (времето) кога Мухамед со неговите следбеници од Мека се префрлил во Медина во 662 година по Христа. Оттогаш ги бројат годините, односно почетокот на нивната ера. Хиџретската година има 12 месеци, но трае 354 дена. Пократка е за 11 дена од сончевиот календар. Доаѓањето на хиџретската нова година нема точно утврден датум, тој е менлив од година на година, а и не се слави со помпи. Хиџретскиот календар е службен официјален календар во многу исламски земји. Но во поново време повеќето држави за административни, цивилни и практични потреби, за да може да го следат развиениот свет, го користат грегоријанскиот календар, а хиџретскиот за традиционални и верски потреби.
За разлика од муслиманскиот календар, кој е назад, кинескиот е многу напред. Тој е еден од најстарите календари на светот. Во кинеската астрологија во употреба се два календара – лунарен (месечев) и соларен (сончев). Поделен е на 12 месеци по 29 или 30 дена. Годините се поредени во циклуси од по 60 години. Секоја година добива наизменично име по едно од дванаесетте животни: стаорец, бивол, тигар, зајак, змеј, змија, коњ, овца, мајмун, петел, куче, свиња. Доаѓањето на новата година, која уште се нарекува и празник на пролетта или пролетен фестивал, секогаш е на различен датум, но во рамките меѓу 21 јануари и 21 февруари, сметано по грегоријанскиот календар. Трае од недела до две, во Кина тие денови речиси сѐ е затворено. Празниците се слават во родното место каде што патуваат сите без разлика каде живеат и работат. Во земјата за Нова година речиси сè е во знакот на црвената боја.
Значи, разни времиња, разни луѓе, вери и обичаи. Сепак, сѐ си има свое време. Секој човек, сечиј живот и секоја работа има свое време. Време кога ќе се родиш и време кога ќе умреш, време кога садиш и време кога го корнеш насаденото, време кога се боледува и време кога се лекува.

Време кога се урива и време кога се гради, време кога се плаче и време кога се смее, време кога се тагува и време кога се игра, време кога љубиш и време кога љубовта ја губиш. Време кога се прегрнуваш и те прегрнуваат и време кога те одбегнуваат. Време кога се добива и кога се губи, време кога се чува и време кога се растура. Време кога се раскинува и време кога се сошива, време кога се молчи и време кога се зборува, време кога се сака и време кога се мрази, време за војна и време за мир. Има и време на невреме, како што има случки и појави во невреме. Една вистина вели: во време на добро – злото се заборава, во време на зло – доброто се заборава.
Секој човек си има свое време, свое место под сонцето и ѕвездите, како што има мало место за вечен живот кога ќе му дојде време да замине од своето време на овој свет. Затоа, она време што го има да го користи секој миг, да се поздравува секој нов ден, да се радува на ситници, да слави што е за славење. Новогодишните и божиќните празници се време кога злото се заборава, а доброто се памети. Честита и среќна Нова година за сите читатели, а и за оние што не читаат.

[email protected]