Охридската архиепископија укината од политички причини.
Охридската архиепископија вратена од политички причини.
Меѓу овие две точки во времето, многу лицемерен фарисејски квас.
Велат, црквата треба да се одвои од државата, од политиката. Во ред е тоа. Исус е доктор, Евангелието е совршена терапија за душата, нема тука место за политички игри, оти тие се валкани, а тоа е болест за срцето. Проблем е што државата, односно политиката, упорно се меша во црквата. Тоа очигледно им одговара на многу црковни водачи, оти удобен им е престолот на моќта, ама тоа не е Божји престол, туку нокширот на лукавиот. Фарисејскиот квас никогаш нема да ја победи Благата вест, ама со сите сили се труди својот гнасен ерес да го напика меѓу редови и така да ги соблазни оние што во верата се колебливи.
Етнофилетизам, односно ставање на националното пред духовното, на земното пред небесното царство е последната ерес преку која сатаната го напаѓа Христовото учење. Осудена е на Цариградскиот собор на 10 септември 1872 година. Но тоа е единствената ерес што, и покрај фрлената анатема, упорно живее и ровари низ Божјата црква. До ден-денес. „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен, нема машко-женско, зашто сите вие сте едно во Христос Исус“, пишува апостол Павле во своето послание до Галатјаните. Па така, кога денес зборуваме за Руска, Српска, Грчка, Бугарска или Македонска православна црква, ние зборуваме и веруваме во едно еретичко учење исто како ересите на Ариј, Несториј и други.
Оттука, за мене, ниту е катастрофа можното исчезнување на терминот Македонска православна црква, ниту пак ме фаќа радосна еуфорија од враќањето на Охридската архиепископија. И едното и другото се политичко еретички повраќаници, сосе византиските игри на цијашот Вартоломеј. Сѐ додека пред светлината на Христовото учење има национален предзнак, за мене тоа е ерес. Сѐ додека сите цркви (иако не смеат) имаат национален предзнак, а само на Македонците не им е дозволено тоа, за мене е политичка гомнарија. Ме разбирате? Како и да ја завртите, работава не чини, а тоа е така затоа што сме сите еретици.
Преку ноќта Павле имаше видение, стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни“. Така ви пишува во делата апостолски. Така во Македонија, преку Павле, стигна Христовата блага вест (Евангелието) до нашите предци. Преку нив стигна и до нас. Во меѓувреме, низ вековите, политичките нацисатанисти направија сè за да ги збришат Македонците сосе Македонија од мапата на светските народи. Многу од тоа им успеа дури денес, преку домашните квислинзи и мрзливиот конформистички, а демоноподобен (оти ни жежок, ни студен, ами млак) македонски народ. Дозволивме да нè нема, да станеме три коси црти, пифтиеста, безидентитетска маса без суштина, ама сега, еве, демек сме многу погодени што ќе ни го тргнеле националниот предзнак од храмот на Бога, во кого баш и не веруваме. Кога треба да сме жестоки, млаки сме, а кога треба да ја укинеме сопствената волја и да ја прифатиме Божјата, националисти сме. Сè правиме погрешно, наопаку, дали се разбираме?
Искрено да ви кажам, на сите овие политички национални предавства што ги дозволивме, црковниве муабети ми се како фрлањето на македонското знаме од страна на Андреа среде евровизискиот котел полн кич и политичко лицемерство. Ете, толку ми е небитно. Народ сведен на три коси црти може да добие и Охридска архиевровизија како „црква“ каде што ќе ги „пее“ своите гревови. Политички и духовни. Кај нас изгледа Павле го посеал семето на каменита почва. Тоа се оние срца што со радост го слушаат и примаат Словото, ама дојдат ли неволји, веднаш се откажуваат. Така чувствувам јас, грешниот, бедниот и погнасниот од сите вас.
Ние сме политичка гротеска. Се откажавме од себе за да влеземе во налудничав воен сојуз и да се напикаме во елитен клуб на изопачени вредности. Духовно пак гледано, сите ние, Македонци, Срби, Грци, Бугари, Руси и други, демек православни, сосе браќата ни по небесни промашувања, римокатолици, сме еретици. А кога душата е во ерес, кога е болна, раѓа изопачени концепти како комунизам, фашизам, нацизам. Последниов на голема врата се враќа среде западната разгалена и самобендисана цивилизација.
Осло, Норвешка. Ресторан „Мекдоналдс“. Пред него поставена реклама. На неа прикажан новиот продукт. Сендвич Бандера. Од ресторанот вреска музика, песна за Степан Бандера. Таква снимка видов. Степан Бандера е украински нацистички соработник. Нешто слично како Ванчо Михајлов, ама не толку мафијашка фигура. Норвежаните му направија бургер на Бандера, ние на Ванчота му отворивме културен клуб. Што е следно? Библиотека „Гебелс“? Правен факултет „Анте Павелиќ“? Детска градинка „Треблинка“? Автопат „Цветковиќ-Мачек“, како парафраза на „Братство-единство“? Студентски пленум „Мане Мачков“? ЛГБТИКјуН? Н за нацизам. Нацијунген како граѓанство луѓенца? Ова е моја свастика, апелираат од феминистичкото здружение „Ева Браун“? А? Што е следно?
Светот станува сѐ поизопачен. Се претвора во неподносливо место за живеење. Нацизмот го слави своето ново раѓање. Не дека беше погребан. САД прибраа едночудо нацисти по Втората светска војна. Ама беше онака изолиран и контролиран. Сега полека станува државна политика на Западот. Во морбидно модифицирана форма, но тука е, триумфира. САД и Украина одбија да гласаат во ОН резолуција против величење на нацизмот. Европските држави (сосе нас), како политички слуги на изопачената моќ, глумеа воздржани. Европската Унија му се посра на Денот на победата, преземајќи го 9 Мај за свој празник без смисла и суштина.
Онаа кутра марионета Зеленски вади азовски нацисимболи токму на тој ист 9 Мај. И не заборавајте, ама па и јас ќе си повторувам дури не ми спроведат цивилизиран погром! Лисабонската декларација на ЕУ во која пишува дека не смее да има држава со име Македонија, резолуцијата на СБ при ОН со која името Македонија станува безбедносен проблем, по што следуваа цијашката Тиранска платформа и Преспански договор, а во очекување сме и на оној бугарскиот, сето тоа е чист нацизам за идентитетски холокауст врз цел еден народ… македонскиот. А што правиме ние? Ние сме оригинални, од зомби-нацизам родивме мутант, па, така, веќе три децении ние спроведуваме себенацизам.