(Бранислав Светозаревиќ: Македонци ‒ милениумски сведоштва за идентитетското име)
За едно „смачкано племе“ (Конески) какво што е македонското е важен и секој еден стих, нота, фрагмент од фреска или ќерамида од црква, секој знак што потоа станува архетип, а камоли книга како скапоцен храм на идентитетско благо. Има многу такви книги на нашиот идентитет, меѓу кои јас, драг читателу, ја вбројувам и книгата на Бранислав Светозаревиќ „Македонци ‒ милениумски сведоштва за идентитетското име“. Но за да дојдеме до неа, јас ќе ја изнесам мојата лична збита антологија на таквите книги. За прва во неа ја ставам (нескромно ли?) Библијата преведена на старомакедонски (како што мисли и Андре Вајан) на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Зошто? Затоа што таа далеку пред Мисирков и Конески е првата генијална кодификација на нашиот јазик, направена со брилијантниот превод на најважното религиозно, антрополошко и културолошко дело воопшто на западната цивилизација. Аналогно, сличен подвиг кај Германците направи Лутер, но по четири столетија од Кирил и Методиј, со неговиот превод на Библијата на германски.
Што е важно, пак, преводот на солунските браќа го официјализира старомакедонскиот како богослужбен јазик и во сите словенски, плус долг период и во Романската црква. Така тој легнува како златна легура во структурата на сите словенски јазици, како квасец за нивниот јазичен леб. А сега, прашуваш драг читателу, која е следната златна книга на македонскиот идентитет. Тоа е книгата на најгенијалниот ученик на светите солунски браќа Климент, неговите пофални и химнографски слова со кои тој се легитимира и како прв македонски и словенски поет чиј химниски магнет можеме да го видиме и во модерната македонска поезија. Особено кај Рациновите „Бели мугри“ и „силно светнатиот ден“ во „Копачите“.
Да. И сега во врзување на континуитетот на златните книги на македонскиот идентитет, драг читателу, правиме како ластовичино јато прелет од десетина столетија за да стигнеме до златниот XIX век на македонската преродба, престолна ружа на новата иницијациска свадба на неговиот, по многу темни премрежиња, екстатично разбуден идентитетски глас. Тука доаѓаме до колосалната книга на најкрупната фигура на македонската преродба Ѓорѓија Пулески „Славјаномаќедонска историја“. Едно фасцинантно дело во сите елементи, кое по патеката на она што во психологијата се означува како регресивна трансценденција нè води да пиеме животодавна вода на античкиот извор на нашата генеза.
Тоа. А по ова капитално дело следува уште едно такво: Зборникот на македонски народни песни на струшките браќа Димитрија и Константин Миладинови, дело во кое избива на показ лирскиот гениј на македонската душа, за што дава потврда и ракатката оригинални песни на Константин како увертира на поетската симфонија на модерната македонска поезија во ΧΧ век моќно најавена со Рацин.
Така, драг читателу. Стасавме со големите духовни камења, поголеми од оние на неолитскиот Стоунхенџ и на Велигденските Острови во Пацификот, во обновениот храм на македонскиот идентитет на ΧΧ век, со кои е кренат од темелот до централното кубе со Седржителот во него тој. Храмот (мала дигресија) што сега го уриваат „со свински копитца“, како што би рекол Конески во песната „Дон Кихот“, нашите/ненаши денешни политички ништодуши, гротеските кои можат да ги насликаат само Гогољ и Гоја. Постојат неколку златни дела, духовни аголни камења на тој храм на македонската идентитетска ренесанса на ΧΧ век. На самиот негов почеток тука се големите дела, и со мартирска содржина, на Мисирков и Чуповски. Кај првиот тоа е неговата златна книга на македонскиот идентитет и со карактеристичен наслов во таа насока „За македонцките работи“, а кај вториот неговиот весник „Македонски голос“ (Македонски глас) што го издава во Санкт Петербург, каде што и живее до својата смрт. Неговиот гроб од таму е преместен во Скопје, во Бутел, но е страшно запустен, што е голем и непростлив срам за сите нас. По сè изгледа поарно ќе беше тој да не се местеше од Русија тука.
И, конечно, по овие две колосални духовни новопреродбенски личности, Мисирков и Чуповски, што ја отвораат вратата на македонската идентитетска ренесанса на ΧΧ век, доаѓа христоликиот богомил Рацин, грнчарот од Велес, мартир и духовен гениј, кој со своите „Бели мугри“ на дело ги демонстрира моќта на македонскиот поетски гениј и енергијата на неговиот со милениуми длабок јазик. Да. И по Рацин доаѓа Блаже Конески, чии дела Граматиката, Историјата на македонскиот јазик, како и неговата поезија, се исто така непроценлива златна книга на македонскиот идентитет. Тоа е еден вид и златна синтеза, така го доживувам него јас, на целокупната македонска идентитетска историја, која има многу блескави, но и многу темни и негаторски историски мигови, почесто и со должина на цели столетија. Со трауматични и трагични помраченија.
За жал, пак, и сега ние, драг читателу, кога мислиме дека имаме своја држава и национален интегритет, живееме во едно такво тешко помрачение на негација на идентитетот не само од големите западни колонијалистички сили туку и од домашните политичари квислинзи, кои него го газат со „свински копитца“. Конески поет-пророк беше во право кога рече „Големо ни е името, ќе посегнат да ни го земат“. И ајде странците, ама и домашните котерулјевци, сега како заедимитроковачевци и други темни накази слични на нив. Оти парадоксално во таканаречената независна македонска држава сега се врши најголемиот идентитетски геноцид врз Македонците од странските и домашните сатрапи на злото. И, еве, во овој трагичен и најтрагичен миг на нашето идентитетско ништење се појавува новата златна книга на македонскиот идентитет, книгата на Бранислав Светозаревиќ „Македонија – милениумски сведоштва за идентитетското име“. Јас го имам нејзиното второ издание, а гледам сега излегла и на англиски, па ќе може да стигне на важни места кај нашите уривачи на идентитетот, странските амбасадори на големите европски сили, кои не го измениле мрачниот однос кон нас од 1913 до денес. Ќе стигне и во сите поважни центри на западната сега евроамериканска цивилизација што ни ја донесе нивната „демократска“ гилотина во Преспа 2018 да ни ја отсече со еден потег од Господ подарената, од никој друг, идентитетска глава. Безбожничка цивилизација.
И што е книгата, чисто злато, на Бранислав Светозаревиќ, драг читателу? Таа е како галички вез густ текст од стотици и илјадници сведоштва со божји царски печат на автентичниот македонски идентитет, почнувајќи од VIII век пр. н.е. Низ долгиот милениумски тек на столетијата сè до денес. Во неа е присутна археолошката муза, која го води авторот кон внимателно и фасцинантно акрибично истражување на археолошките културолошки пластови на македонскиот идентитет. И неговата потрага тука е апсолутно успешна, поуспешна и од онаа на митскиот Јасон во потрага по златното руно на човековата бесмртност. И, за разлика од Јасон, Бранислав Светозаревиќ го пронаоѓа златното руно на македонскиот идентитет, толку многу оспоруван од разни странски и домашни сеништа денес. А тоа златно руно, драг читателу, е Името. Големото име (Конески), големото скапоцено златно руно кон кое подале грабежливи раце не само балканските наши околни хиени, туку и целиот вашингтонобриселски Запад. Нешто што е колку страшно исто толку, можеби и повеќе, и фасцинантно за нас, за нашата анализа на овој феномен, која во еден добар дел, во отсуство на нашата екстаза, драг читателу, извонредно научно акрибично со „студена глава“ ја извел Светозаревиќ. Како на дланка пред читателот тече во стил на меандра и понорница од столетие до столетие, од премреже до премреже опстојбата на македонското Име како архетип, како стожерен столб на целокупниот македонски идентитет низ времето право во вечноста, која, имено, токму поради него никој не може да им ја одземе на Македонците.
Тоа. Ова е премал простор за да можеме нешто повеќе да кажеме за книгата на Бранислав Светозаревиќ, драг читателу, која ние и во насловот на нашата колумна ја дефиниравме како нова златна книга на нашиот идентитет. Мислам целосно заслужено. Приказната во неа, во еден континуален тек на историјата и судбината на Името, е раскажана во стилот на Шехерезада, без запир, а сè со цел, како што го кажа тоа и Иво Андриќ на церемонијата на примањето на Нобеловата награда во Стокхолм, да се избегне мечот на крвникот Шахријар. Да. Ама ние, за жал, не го избегнавме него, драг читателу. Нè заклаа во една темна обредна свеченост на темната цивилизација во Преспа на 17 јуни 2018. Тогаш, наместо на свадба, македонските свадбарски ружи беа однесени во мртовечница и на закоп.
Финито. Крај, драг читателу. Извини, а му се извинувам и на Бранислав, оти само што ја допревме неговата златна книга ја завршуваме нашата денешна колумна. Во друга пригода повеќе за неа. Вреди. Можеби и по повод вториот том што го готви авторот и со помош на Македонците од дијаспората, кои се помакедонци од нас тука спикани во глувчева дупка на рамнодушноста и стравот. Македонците кои му испраќаат илјадници сведоштва на Светозаревиќ за неуништливото македонско Име и идентитет.