Отсекогаш во Македонија беа „тие“ и „ние“. Тие избраните, ние преостанатите. И во социјализмот, а потоа и во независна Македонија. Изгледа затоа никогаш не живеевме сите во иста Македонија. Тие ја имаа онаа нивната, ние онаа нашата. Тие и ние никогаш не ја гледавме и живеевме реалноста на ист начин. Тие ги гледаа, слушаа, мирисаа или вкусуваа работите што ние другите не можевме. Затоа понекогаш кога размислувам за Македонија размислувам како за психички заболено општество. На длабоко поделено општество во два контрастни сегменти од населението, кои претставуваат расцепување доволно значајно за да влијае на нејзиниот опстанок. Шизофрено општество во кое, колку и да расправаш со факти, сфаќаш една фрустрирачка вистина: фактите не го менуваат мислењето на оние другите. Особено кога тие на кои им се обраќаш се без самопочит, идентитет и припадност кон општеството што го делиме и кои секогаш себеси се гледаа како доминантни, „најдобри во светот“, а потоа и „државотворни“, и кои одржуваа и сѐ уште одржуваат предрасуди за оние другите надвор од нивната група.
Многумина меѓу „тие“ очигледно претпочитаат да живеат во земја каде што за нас преостанатите не треба да има место. Затоа секогаш сме биле „ние“ против „тие“ во македонското општество.
Секако дека последиците од ваквата поделба во општеството се алармантни. Кога ќе почнеме да размислуваме, а веќе размислуваме за поделено општеството и го усвоивме менталитетот „ние“ и „тие“, почнуваме слепо да ги прифаќаме фактите од изворот што ја поддржува нашата гледна точка и целосно ги игнорираме алтернативните мислења. Ризикувавме и, гледам ни се случува, да паднеме во стапицата на дехуманизација, да го соголиме сопственото општество од членовите на другата група и да почнеме да ги сметаме за недостојни за почит или мислење оние другите. Брзо се напаѓаме и се обраќаме со погрдни зборови. Најчесто поединецот од другата група се сведува на една карактеристика, наместо да се прикажува како личност со целосно сложен живот како преостанатите членови во групата. Тие и ние во македонското поделено општество почнавме да го рационализираме и оправдуваме однесувањето на групата во која припаѓаме за да ги направиме прифатливи сите форми на однесување, дури и ако се неморални.
Соочени со оваа реалност, многу граѓани се во искушение или да се повлечат подлабоко во нивните соодветни групни идентитети, или побожно да инсистираат дека таквите категории се ирелевантни и не треба да бидат важни. Ниту еден пристап не функционира. Барем не кај нас. Влошувањето на нашите разлики е еден од патиштата до катастрофа; негирањето е другиот. Гледаме, а не реагираме, дека меѓугрупниот конфликт влијае на нашиот секојдневен живот, бидејќи општеството, како и политиката, стана силно поларизирано. Прашањето за меѓугрупниот конфликт се рефлектира во секојдневниот дискурс, во коментарите на социјалните мрежи и на вестите. И го разјадува општеството однатре.
Овој импулс за поделба во македонското општество не е само за човечка агресија и потреба за конфликт. Најважниот фактор на поделбата е потребата на човечките суштества за идентитет. Едноставно, сакаме да им припаѓаме на групи, бидејќи тоа ни дава чувство на идентитет. За „нив“ денес „северен“, за нас другите македонски. Важен дел од идентитетот на групата е спротивставувањето на другите групи. Проблемот во Македонија е што групата на „северномакедонците“ го загуби чувството за идентитет на заедницата. „Тие“ и во социјализмот и сега ја немаа она силна поврзаност со македонската нација. Припаѓање без чувство на припадност. Заедничка особина на овие луѓе е тоа што никогаш не чувствуваа потреба од групен идентитет. Не чувствуваа потреба да се дефинираат во смисла на националност, религија или идеологија. Затоа лесно прифатија да бидат обезличени, зашто одамна ја имаа изгубено потребата за идентитет што ја носи поврзаноста со националното. Се чини дека дефинирачката карактеристика на сегашниот момент во Македонија е што тие „северните“ не се чувствуваат сигурно и комотно во македонскиот идентитет. Не гледам дека за нив е страшно и фрустрирачки да се чувствуваш странец во сопствената земја и да избереш живот без чувство на поврзаност со заедницата, која ги одразува вистинските вредности на македонската нација.
Не е тешко, особено денес, да се види како овој менталитет „ние наспроти нив“ може да биде деструктивен за сите, а најмногу за македонското општество како целина. Сѐ додека „тие“ и „ние“ се гледаме низ призмата на „супериорност“ или „инфериорност“, или се гледаме во конфликт, Македонија се распарчува, станува парализирано општество во кое сите заедно губиме. Ако веќе остана нешто што имаме да изгубиме.
Проф. Звонимир Јанкулоски