Може да ги забранувате бугарските клубови, истовремено преговарајќи за историјата и менувајќи ја во учебниците, може да се правите мутави дека со Грците ги закопавме проблемите и сега љубовта меѓу двете нации процвета, сѐ додека се поклонувате на споменикот на Тито во Скопје и сѐ додека со носталгија се сеќаваме на неговото време, оваа Македонија нема да има иднина. Можеби северна ќе има со југоносталгичарите, но таму не припаѓам
Како што одминуваат годините, сѐ повеќе сум убеден дека Македонија како независна држава е креирана од југоносталгичари, за кои Тито сѐ уште е синоним за времето кога ние сме се чувствувале „најмногу признаени и ни било најдобро“. Ова го изјави млад „државотворен“ политичар, кој се крсти во Европската Унија и кој не ја вади од уста и е подготвен заедно со неговата партија да направи сѐ (буквално сѐ) да стане член на таа Унија. Секако, по цена и да ја изгуби државата. А Тито му е идолот на обожавање. Е, затоа имаме килава и хермофродитна држава. Да, за повеќето Македонци, Тито е најдоброто од двата света што македонската држава ги живее. Комунистичкиот и оној посткомунистички денес. За нив сѐ уште уништувањето на Југославија не се случи како резултат на спонтано етничко согорување и Југославија не умре: беше убиена. Уште кога знаеш дека во Македонија народот мисли дека Тито е најзаслужен за создавањето на македонската држава, сѐ повеќе се прашувам каде тука реално е спорот со Грција и Бугарија. Зарем овие две држави тврдат поинаку? Македонија и триесет години по својата независност им оддава почит на архитектите на смртта на југословенската држава. Живее со култот за личноста на маршалот Тито. За жал, живее со селективна и погрешна историска меморија.
Гледам дека системот што го изградија југоносталгичарите во Македонија е склеротичен клиентелизам, каде што одговорноста беше и остана на второ место по политичката припадност. Најтрагично е што овие југофанатици не гледаат дека системот што го изгради Тито, кој го величаат и кому му се восхитуваат, имаше малку контроли и рамнотежи или простор за дијалог и беше лесно вооружен од луѓе на југословенската комунистичка партија за да го поттикнат шовинизмот и брутално да се справат со несогласувањата и неистомислениците. За политичките затвореници изгледа е ерес да се зборува во оваа држава „создадена“ од Тито. За жал, токсичните делови од наследството на Тито се покажаа поотпорни од социјалистичката позлата. Репресијата, контролата на медиумите со железна тупаница, етикетирањето и сатанизирањето на политичките противници како предавници и недостигот од суштинска политичка дебата им се пренесени на неговите наследници. Ставот на комунистите на Тито дека политиката е за наметнување одредени вредности, без разлика дали се либерални или конзервативни, на непросветленото население сè уште е вообичаена тема во нашиот политички дискурс. Особено на „државотворните“ премиери за кои Македонија кога-тогаш ќе стане членка на ЕУ, со Македонци или без нив. Поверојатно за оваа влада без нив.
Сѐ додека нашите лидери, кои со своите државнички одлуки, како што е потпишувањето на Преспанскиот договор и оној за добрососедство со Бугарија, го постигнале за државата она што Тито го направил во СФРЈ, се поистоветуваат со „големината“ на Тито и неговата улога во создавањето на македонската држава, Македонија не треба да се грижи за својата иднина. Ако воопшто ја има. Кога младоста на оваа држава го мисли и зборува тоа, што остана за преостанатите, родени во таа Југославија. Каков дипломатски одговор можеш да подготвиш и да се одбраниш од ова во расправите за југословенскиот карактер на македонската држава. Веќе никаков. Се разголевме самите себеси. Не треба непријателите на македонската држава да ги бараме надвор. Македонската држава е погребана однатре. Може да ги забранувате бугарските клубови, истовремено преговарајќи за историјата и менувајќи ја во учебниците, може да се правите мутави дека со Грците ги закопавме проблемите и сега љубовта меѓу двете нации процвета, сѐ додека се поклонувате на споменикот на Тито во Скопје и сѐ додека со носталгија се сеќаваме на неговото време, оваа Македонија нема да има иднина. Можеби северна ќе има со југоносталгичарите, но таму не припаѓам.
За големо разочарување на младиот лидер во најава на „државотворните“, кој не ги виде самракот на Југославија и пламенот на нејзината имплозија, ќе мора да живее со фактот дека нема да ги доживее придобивките од титоистичката ера во која уживале неговите родители, на кои со носталгија се сеќаваат. Ние другите се сеќаваме на една поинаква Југославија. Зашто сакаме да се сеќаваме на Македонија. Можеби еден ден ќе ги види и живее придобивките од членството во Европската Унија, ослободен од бремето на својата припадност на македонската нација, но и тогаш, како денес, нема да може да избега од илузијата дека создавачот на таа држава бил неговиот возљубен лидер – Маршалот Тито, а не онаа плејада Македонци што живееле, се бореле и гинеле за Македонија. И нека се подготви, наближува месецот кога ќе го слави неговиот и на таквите како него „создавач “ на македонската држава. Оној што се уште гордо стои пред гимназијата со неговото име, за да нѐ потсеќа да не забегаме од неговиот пат. А ние никако да скршнеме. Можеби оваа година Владата треба да размисли за некакво заедничко чествување со нашите соседи. Којзнае.
Проф. Звонимир Јанкулоски