Дали Македонија го пропуштила првиот бран на проширувањето поради бојкотот на опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија) во 1994 година? Дали Македонија имала шанси да почне преговори со ЕУ во 1995 или 1996 година? Дали Македонија ја пропуштила „Агендата 2000“? Одговорот на сите овие прашања е мошне едноставен и директен – НЕ. Петтото проширување на ЕУ, во својата сегашна најразвиена форма, почна вистински да се формулира дури со усвојувањето на Амстердамскиот договор во 1997 година и обелоденувањето на „Агенда 2000“, а самите преговори со посткомунистичките држави почнаа во 1998 година со петте најнапредни земји, односно во 2000 година, кога во преговарачкиот процес влегоа и преостанатите пет посткомунистички земји што го сочинуваа петтото проширување од 2004 и 2007 година (во меѓувреме овие пет земји, секоја со свои посебни проблеми, беа дел од нешто што се викаше „аналитичка анализа на европското acquis“, односно истиот преговарачки процес, но под друго име, па затоа потоа лесно се синхронизираа со првата петорка од 1998 година). Инаку, од тој период потекнуваат и познатите извештаи за напредок на Европската комисија, кои сѐ уште добиваат во опфат и содржина со секоја измината година, како и со зголемувањето на искуството на комисијата за недостатоците на посткомунистичките општества. Пред Амстердамскиот договор нема извештаи за напредокот, а ни јасно дефиниран процес за влез на посткомунистичките држави во ЕУ. За жал, овие извештаи стануваат беспредметни и бесмислени кога процесот на европската интеграција ќе се одолжи, како во нашиот случај, па веќе нема догледен крај, конечност и завршница во форма на полноправно членство.
Така што, целосно се промашени дебатата и основното прашање што владејачките СДСМ и ДУИ се обидуваат да ги постават во изминатите неколку дена. Македонија не можела, ниту теоретски, а уште помалку практично, да започне преговори со ЕУ во 1994, 1995 или во 1996 година. Всушност, кога сме веќе во сферата на историјата, нужно е да се објасни дека првата фаза на европскиот ангажман со посткомунистичките држави започна преку програмата PHARE и европските договори во периодот од 1989 до 1993 година. Овие договори предвидуваа влез на посткомунистичките држави на европскиот пазар, а во себе ги содржеа и првите никулци на демократската условеност, додека, пак, PHARE требаше да ја олесни економската и политичката преобразба на посткомунистичкиот простор. За жал, поранешна Југославија требаше прва да го изоди овој пат, а и да послужи како „експериментално зајаче“ за другите земји од реалсоцијализмот. Тогашниот југословенски премиер Анте Марковиќ и тогашниот југословенски министер за надворешни работи Будимир Лончар веќе го преговараа првиот европски договор за СФРЈ кога се распадна југословенската федерација во крвава граѓанска војна (во македонската дипломатија има и живи сведоци на тие процеси во ликот на тогашниот портпарол на југословенското МНР, амбасадорот Срѓан Керим, еден од врвните југословенски дипломати во делот на економските и финансиските прашања со земјите од „Западна Европа“, амбасадорот Ристо Никовски, како и со тогашниот југословенски дипломати при амбасадата во Брисел и подоцнежен прв македонски амбасадор при Европската Унија, Јован Теговски). Југославија уште кон крајот на 1980-тите се подготвува за влез на заедничкиот европски пазар во 1992 година, а безмалку сите главни југословенски весници и неделници отвораат свој подлисток за Европската Унија (тогаш Европската економска заедница), вклучувајќи ја и нашата „Нова Македонија“, каде што двонеделната рубрика се вика „Ревија 92“ и критички ја анализира подготвеноста на македонското стопанство и на тогашната СР Македонија за приспособување кон Европа.
Втората фаза на европската интеграција почна во јуни 1993 година со формулирањето на четирите копенхашки критериуми и првата претпристапна стратегија, а третата веќе ја опишав. Меѓутоа, вистинската тема за историска дебата е промашената македонска деценија во 1990-тите. Тогаш земјата покажа дека, всушност, и не е вистински заинтересирана (освен декларативно) за жесток исчекор кон внатрешната демократизацијата, а уште помалку кон интеграција во западните алијанси. На јавноста тоа ѝ беше сервирано како преокупираност со други суштински теми на надворешната политика (меѓународното признавање, војните на балканскиот простор и така натаму), но, за жал, тогашната политичка елита својот труд го вложи во окупирањето и трансформацијата на сите институции по својот партиски образец, што имаше катастрофални последици за развојот на македонската демократија. Ако дебатираме, пак, за концептите на диригирана демократија или за општествен инженеринг, тогаш историското дно на македонската преобразба (1994-1998) е безмалку совршено балканско приближување до идеалниот теоретски модел.
На Балканот постои едно многу јасно правило – секогаш кога балканските самодршци излегуваат на избори со геополитика, секогаш кога еден лидер, една партија или една коалиција ги претставува престојните избори во митски димензии, како одлучна борба на силите на доброто и силите на злото, како пресуден момент за победа на европската интеграција над злите корозивни сили на туѓинските геополитички влијанија, во суштина станува збор за обид да се стави „смоквин лист“ над грдата реалност дека „царот е гол“. Европскиот фронт на СДСМ и на ДУИ е токму една шминка, еден параван и една фасада што се обидува да ги затскрие забеганоста на апсолутната власт, политичките затвореници, злоупотребата на службената должност, сеприсутната корупција, етничкото националистичко дивеење, партизацијата на сите сфери на општеството, арамилакот, разорувањето на институциите, непотизмот и сите општествени зла на кои сведочевме сиве овие години. Владејачката партија ќе се обиде да ја поларизира јавност на темата европска интеграција, да се претстави себеси како корифеј на македонскиот пат кон Брисел, а опозицијата како кочничар и скриена рака на некои туѓински интереси. Меѓутоа, и покрај тоа што европската интеграција има пресериозна геополитичка црта, за македонските граѓани ЕУ значи нешто многу повеќе и оцената за способноста на актуелната влада да ја приближи земјата кон Брисел не ја темелат на гола реторика, „враќање на часовници“ и потпишани штетни договори, туку исклучиво на успехот или неуспехот земјата содржински да заличи на европска држава. „Европскиот фронт“ ги губи своите европски бои во редиците на граѓаните пред службите за вадење пасоши, во пуштањето насилници да тепаат контролори за летање во М-НАВ, во предложените закони за цвет од марихуана, игри на среќа или измените на Кривичниот законик, во набавките во РЕК „Битола“, во зделките во четири очи, во неизградениот автопат кон Охрид и во срамниот договор со „Бехтел и Енка“.
Оттука, не, опозицијата не е кочничар на европската интеграција. Исто така и отпорот на македонските граѓани против договорот „Ковачевски – Петок“ не е производ на туѓи влијанија, пропаганди и лажни вести, туку легитимна грижа за клучните столбови на македонскиот идентитет, државност и суверенитет. Меѓутоа, ми останува нејасно како е можно сè уште во Македонија да се занимаваме со ретроспективна историја, со налудничави толкувања на лесно проверливи историски факти, како и со целосни измислици на непостојни историски настани. Тажна е приказната на македонската европска интеграција, од Бадинтеровата комисија, па до денешни дни, но смешни се и бедни се обидите да се ретушира најсовремената и моменталната македонска историја, онаа што сме ја проживеале, за ситни дневнополитички цели. Во мај годинава македонските граѓани ќе го дадат својот суд за многу прашања, меѓу кои ќе предничи и клучното прашање кој ќе продолжи да ги води македонските европски интеграции, по кој пат и по која цена. Секако дека и овој пат граѓаните правилно ќе одмерат!
Ивица Боцевски