МИКРОДВОГЛЕД: Две мини колумни на Венко Андоновски

Научете најпрвин да мислите, а потоа да говорите на македонски

Слушам пред некој ден: „Имавме три прајдови (паради на гордоста), имавме толку хејтови, а толку лајкови… Зошто тој човек што говори така би бил Македонец? А на „високо положение“ е: некој специјалист за медиуми. Што ќе ни е македонски јазик ако така зборуваме? Тогаш, да го англиканизираме целосно македонскиот: наместо „водиме љубов“, да кажеме правиме љубов (to make love). И онака фабрикацијата е навлезена денес и во чувствата. Да кажеме „Жена ми испорача бебе“ (to deliver a baby), наместо – се породи. Фабрикацијата и испораката како две лица на консумеризмот се темелни вредности за англискиот јазик и неговото поимање на светот. Јазикот не се само зборови и реченици, јазикот е слика на комплетниот начин на мислење во една култура. Јазикот ги крои поимите преку кои ја перципираме стварноста, велат лингвистите (Луис Јелмслев). Затоа поимите во различни јазици имаат различни семантички полиња: англиското „stream“ не му одговара целосно на нашето „поток“. Дали некој овде уште мисли на македонски? И затоа што не мислиме на македонски, затоа и не зборуваме македонски, туку македоно-англикански.


Говор на омраза

И најнеуките знаат дека зад говорот стојат и мисла и емоција. Лингвистите определија и шест функции на говорот: меѓу нив најважни се поимната и емотивната. И секој народен а мудар човек знае дека мислата што мрази а не е изговорена е поопасна од онаа што е изговорена. Дури, изговорената омраза е почесна од неизговорената. Така што, говорот на омраза не се спречува со закон што замолчува или ве тера да внимавате што зборувате. Омразата ќе си постои и неизговорена. И да ја наполните устата со песок, душата што мрази останува. Затоа, бесмислица се ловците на луѓе што говорат со омраза. И поважно: како би постоеле протагонист и антагонист, како би постоела драма, како би постоела проза, кога омразата не би постоела? Како ќе постои Хамлет без желба за одмазда? Белосветскиве политички креатури почнаа да мешаат фикција со стварност. Посакуваат човештво што нема да мрази: тоа значи нема да оди напред, зашто револуциите ги поттикнува омраза. А од друга страна, полни им се устите со револуции, па ги бараат и поттикнуваат секаде.