Врската мајка – бебе може да се тренира

Родителството е посебна улога во животот, особено за мајката. Покажано е дека родителството се пренесува трансгенерациски, но и се учи и ова последното е многу битна карактеристика. Родителските практики низ светот имаат три главни цели: обезбедување здравје и безбедност на децата, подготовка на децата за живот како продуктивни возрасни и пренесување на културните вредности. Многупати сум пишувала дека емоционалната врска помеѓу мајката и детето е многу битна за севкупниот развој на личноста понатаму, особено поради фактот што претставува база за невролошки развој на десната орбитокортикална регија во мозокот. За значењето на емоционалното поврзување помеѓу мајката и детето најголема заслуга има психологот Џон Боулби.
Теоријата на приврзаност се фокусира на врските (особено долгорочни) меѓу луѓето, вклучувајќи ги и оние помеѓу родителот и детето, но и поврзувањето меѓу романтичните партнери. Тоа е психолошко објаснување за емоционалните врски и односи меѓу луѓето. А многупати сум кажала дека емоциите се тие што нѐ прават вистински луѓе! Приврзаноста претставува емотивна врска со друга личност. Боулби верувал дека најраните врски што ги формирале децата со нивните мајки/старатели имаат огромно влијание што продолжува во текот на животот. Тој сугерирал дека приврзаноста служи и за задржување на доенчето блиску до мајката, а со тоа ги подобрува шансите на детето да преживее. Познато е дека малите деца, за разлика од животните, без помош од возрасен старател не можат да преживеат во надворешна средина.

Додека бихејвиоралните теории за приврзаност сугерираат дека приврзаноста е научен процес, Боулби и неговите поддржувачи предложија дека децата се раѓаат со вродена желба да формираат приврзаност со старателите. Низ историјата, децата што одржувале блискост со фигурата на приврзаност имале поголема веројатност да добијат утеха и заштита, а со тоа и поголема веројатност да преживеат до полнолетство. Преку процесот на природна селекција, во еволуцијата се појавил мотивациски систем дизајниран токму да ја регулира приврзаноста.
Централната тема на теоријата на приврзаност е дека примарните старатели што се достапни и одговараат на потребите на доенчето му дозволуваат на детето да развие чувство на сигурност. Детето учи дека старателот е доверлив, што создава сигурна основа за тоа потоа да го истражува светот. А токму желбата за истражување е основа на понатамошниот развој!
Истражувачите опишаа различни стилови на човеково родителство – начини на кои родителите комуницираат со своите деца – со повеќето класификации што варираат во однос на димензиите на емоционалната топлина и контрола. Четирите главни стила на родителство се – попустливо, авторитативно, занемарувачко и авторитарно.
Секој стил на воспитување има различни ефекти врз однесувањето на децата и може да се препознае според одредени карактеристики, како и степени на реагирање (степенот на кој родителите се топли и чувствителни на потребите на нивните деца) и бараност (степенот на контрола што родителите го ставаат врз нивните деца, во обид да се влијае на нивното однесување).
Докажано е дека речиси една третина од мајките не се поврзуваат добро со своите бебиња по раѓањето, што предизвикува интензивна емоционална вознемиреност и на мајката и на бебето. Сега истражувачите открија дека можат да ги обучат идните мајки што се изложени на ризик подобро да ги препознаваат и регулираат емоциите, потенцијално намалувајќи го нивниот ризик од постпородилна депресија. Студијата за емоционален тренинг на мајките е презентирана во октомври 2023 на ЕЦПН-конгрес во Барселона, посветен на истражување на мозочната функција, а штотуку е објавена во рецензираното списание „Применета невронаука“ (Neuroscience Applied).

Истражувачите ги обучиле идните мајки, особено оние со висок ризик од постпородилна депресија, подобро да ги препознаваат и да реагираат на емоциите на доенчињата. По тренингот, тие жени покажале подобрена способност да препознаваат среќни детски изрази и самите покажале посреќни изрази на лицето.
Прелиминарните резултати укажуваат на потенцијалот да се намали ризикот од постпородилна депресија и да се зајакне врската помеѓу мајката и детето преку емоционална когнитивна обука. По обуката, жените во групата со висок ризик биле значително подобри во препознавањето среќни бебиња; жените самите можеле да покажат повеќе среќни изрази на лицето и помалку реагирале на знаци на вознемиреност кај доенчињата.
Познато е дека луѓето генерално имаат автоматска тенденција да гледаат позитивно или негативно во секоја актуелна ситуација. Во претходни студии е покажано дека одредени идни мајки имаат тенденција да перципираат претежно негативни емоции во однос на бебињата. Тоа имало неколку форми. Во некои случаи идната мајка ги гледала бебињата и погрешно мислела дека се вознемирени или несреќни, а всушност не биле.
Во други случаи кога бебето било вознемирено, тие емоционално не можеле да се справат со тоа. Затоа, истражувачите си поставиле задача дали можат да ги обучат идните мајки, да им помогнат да ја избегнат оваа негативна пристрасност и нивната сопствена реакција за време на мајчинството.
Студијата за доказ за овој концепт опфатила 45 идни мајки од болниците во Копенхаген. Дваесет и три од нив биле изложени на висок ризик од постпородилна депресија и потенцијално не се поврзувале со своето дете, бидејќи веќе претрпеле депресија. Преостанатите 22 немале историја на депресија и биле класифицирани како со низок ризик.

Сите биле тестирани на почетокот на студијата за да се види како тие реагираат на различни „бебешки емоции“. Жените со висок ризик потоа поминале низ серија компјутерски сесии за обука за да им помогнат да се справат со тешките емоции, а по две недели биле повторно проценети.
Со ризичните жени истражувачите се обидувале да комуницираат преку различни работи. На пример, да ги натераат загрижените идни мајки да се фокусираат на тоа како бебето навистина се изразува, а не само на она што мисли дека го видела, а потоа да реагираат соодветно. Тие се обиделе да се уверат дека жените можат точно да ги препознаат емоциите што ги покажува бебето и ги натерале да визуализираат како правилно да одговорат на тие емоции.
По обуката, жените во групата со висок ризик биле значително подобри во препознавањето среќни бебиња; самите жени можеле да покажат повеќе среќни изрази на лицето и помалку реагирале на знаците на вознемиреност кај доенчињата.
Истражувачите откриле дека перцепцијата на учесниците за изразите на лицето на доенчињата значително се променила по обуката. На пример, пред тренингот, тие ги сметале двосмислените изрази на лицето на бебето како негативни. По обуката, таа перцепција станала позитивна, означувајќи 5 отсто поместување кон позитивна перцепција на скалата за рејтинг. Поважно е тоа што оние што покажале најголемо подобрување во препознавањето на среќните детски изрази имале помалку индикации за депресија шест месеци по породувањето.
Тоа значи дека ако можеме да ги обучиме мајките што очекуваат да бидат почувствителни на радосни изрази и да им ја вратиме контролата врз нивната емоционална реакција на вознемиреноста на бебето, тоа може да го намали ризикот од постпородилна депресија. Тоа не само што ѝ користи на мајката туку придонесува и за поздрав емоционален развој на бебето.
Ова е прелиминарна студија, затоа треба внимателно да се толкуваат овие резултати. Во моментов се презема поголемо испитување, кое ќе вклучува контролна група. Сепак, овие првични резултати се ветувачки.
Авторите на студијата нагласуваат дека се меѓу првите групи каде што навистина истражувале како може да се искористат емоционалните когнитивни процеси за да ги спречат оваа значајна ментална болест и проблем со поврзаноста помеѓу мајката и детето.

Само во ЕУ има околу 4 милиони раѓања секоја година, што значи дека повеќе од еден милион мајки и бебиња ќе имаат проблеми со поврзувањето. Веќе сигурно е потврдено дека несврзувањето може да има сериозни влијанија врз мајката и детето и семејствата генерално.
На децата може да им биде тешко да развијат сигурна приврзаност во подоцнежниот живот, иако тоа зависи и од тоа што се случува во раниот живот. На мајката може да ѝ биде тешко да се поврзе поради различни причини, како што се хормонални промени, стрес или трауми од минатото.
Тоа може да доведе до чувство на срам или несоодветност, при што многу мајки одбиваат да ги признаат своите тешкотии. Многумина реагираат со емоционално затворање, создавајќи маѓепсан круг на отуѓување.

Важно е да се препознае дека предизвиците за поврзување, надвор од постпартална депресија или други ментални болести, можат да произлезат од различни фактори. Недоживувањето непосредни чувства на поврзување како што може да се очекува, инхерентно не сигнализира проблем. Мајката можеби нема моментални чувства на поврзување, но сепак може да реагира чувствително и соодветно на емоциите и знаците на своето доенче. Од друга страна, постпарталната депресија е сериозна состојба, не само што ја погодува мајката туку и нејзиното дете.
Затоа, оваа ветувачка студија не само што ја нагласува важноста на раното поврзување меѓу мајката и детето туку и ги обучува идните мајки во ризик како подобро да ги препознаат позитивните емоции кај бебињата. Зајакнувањето на позитивната интеракција мајка – бебе на крајот може да ја спречи и постпородилната депресија.
Веќе видовме дека непрепознаена постпородилна депресија може да биде кобна, но за идниот развој на детето особено е битно таквата состојба прелиминарно да се спречи.