Медиумите – чувари на метафизиката во неметафизичката вселена

„Она што не поминало низ медиумите не постои“, постулираат ексцентричните медиумски еколози. Вистинскиот свет забрзано исчезнува, масмедиумските симулации се интензивираат, содржината повторно ја совладува формата. Неколку реда, тематски аспекти и потсетување од серијалот сочиненија „Хиперживот“.
Телевизијата и големиот број нови технолошки изуми, како производители и умножувачи на световите, се вистински модел на една нова состојба на онтолошка плуралност што и нашата, со перформанси и содржини, скромна реалност катадневно ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципи на информатичката ера. Оваа „нова состојба“ во нашиот (македонски) случај иако сè уште е во фаза на програмско-технолошка транзиција и еманципација, доживува бурен либерален развиток со сите последици што настануваат.
Видлива последица е главно телевизиската и пошироката медиумска понуда, еклатантен пример на „ниска уметност“ и забава што претежно е условена од економското устројство на мрежата. Во желбата и напорите за што поголема гледаност и присутност како логични медиумски функции се желбата да се привлече и задоволи гледалиштето и голем број други корисници и консументи, при што се прибегнува кон исползување нивна неотпорност на лесна возбуда, ниски страсти и забава на ниво на масовниот маркет.
Објективната состојба на нивото на развој на медиумскиот амбиент е привид, кој е изграден и зацврстен како зона на пресметка со стварноста, во кој, со постапката на т.н. фина медиумска регулација, на јавноста континуирано ѝ се вградуваат ментални катализатори што треба да го подобруваат и одржуваат нејзиниот имунитет и да ја преобразуваат нејзината емоционалност од рамнодушност, летаргија, апатија, во ентузијазам, бодрост, верба, надеж. Привидот создаден врз технолошко-жанровска разновидност ја институционализира псевдостварноста како етички базичен принцип и ја верифицира доминацијата на формата над содржината. Стварноста сѐ помалку ја има, и дали е тоа воопшто важно.
Но, наспроти првичните катастрофични предвидувања за зајакнување на тоталитаризмите од секој вид, многубројни се примерите каде што мали и анонимни субјекти прават силен продор ползувајќи го „умно“ демократскиот потенцијал што е скриен во мрежата, АИ и медиумскиот недоглед се наметнуваат и ги реализираат своите планови, остварувајќи ги притоа своите соништа и претворајќи го виртуелниот занес во реална придобивка.
Денес со сигурност може да констатираме дека медиумите сѐ помалку пренесуваат информации и вистини, што е нивна примарна онтолошка детерминираност. Тие главно се во рацете на матните идеолошко политички платформи, кои во рамките на својата стратегија на дејствување секојдневно го анектираат и злоупотребуваат медиумскиот видик и ја дезориентираат и парализираат јавноста во напорите на созревање, осознавање и правилна процена на политичките и световните реалитети.
Како моќно орудие за ментална навигација и манипулација со кое низ етерот се пласираат разновидни фрактални форми и илузии, составени еднакво од информации, забава, идеологија, надеж, политика, културни предрасуди, интереси на поединци и сл. со силата на естетско-информацискиот бараж, создаваат привид во кој е доминантно чувството на т.н. кафкијански синдром, каде што последиците во извесна смисла им претходат на причините.
Прифаќањето на масмедиумските обрасци и технолошки придобивки и алатки како реална содржина, стил на живеење и однесување, според теоретичарите, и онака веќе не се третира како симптом на психотично однесување, туку е знак на општествена психолошка оспособеност и нужност при распределбата на ролјите во светот во кој владеат медиумите.
Во иднина, во подем, според предвидувањата, ќе бидат државите со најголеми човечки ресурси и со високоразвиени технологии, а не со суровини во вообичаената смисла на зборот. Постинформациските општества ќе бидат мултиетнички заедници што ќе се базираат врз високотехнолошки профитни економии, во кои луѓето од најразлични меридијани ќе се движат слободно, носејќи со себе врзопи со високоинформатички знаења.
Современите технолошки достигања и во иднина ќе ги уриваат географските, идеолошките и културните бариери и ќе вршат силно влијание во начинот на животот и мислењето кај луѓето. Шансите за глобални тензии и судири ќе се намалат како резултат на интензивната комуникација, при што ќе преовладува и ќе се развива свест што ќе ја афирмира како нужност, обликувана од високоразвиените технолошки аспекти на цивилизацијата.

Аљоша Симјановски