Камче по камче и ете ти историски мозаик за Македонија од турско време до денешно. На 3 јули 1908 година младиот офицер Ахмед Нијази-бег, кој бил командант на турскиот гарнизон во Ресен, ја почнал Младотурската револуција, познатиот Уриет, бунт за воспоставување уставен режим во Турција. Една година подоцна е симнат од престолот султанот Абдул Хамид Втори и прогонет во Солун. На пат кон Солун, соборениот султан на еден младотурски офицер наводно му рекол: „Македонија е една убава роза со големи боцки. Откако ме отстранивте од престолот, соседните држави меѓусебно ќе се убијат по оваа роза“.
По што друго е познат овој долговечен султан апсолутист? Според веродостојни извори, по барање на руските дипломати, тој го забранил терминот Македонија за каква било службена употреба во турските државни тефтери и преписки со странски земји. Таа одлука за името Македонија, дали да го има или да се брише, одѕвонува низ Балканот и Европа до денешни дни.
Во 1905 година го признал влашкиот Милет со помош на Кралството Романија и надворешни сили, особено Австроунгарија и Германската Империја и им дал право на Арманите да имаат свои цркви и некаква автономија над образованието на нивниот јазик. Повеќе од триесет години датумот на признавањето е прогласен за национален празник на Власите во Република Македонија.
Негова заслуга е изградбата на железничката пруга од Истанбул до Виена, која минува низ Гевгелија, преку Велес, и продолжува низ Србија. Фотографската колекција на султанот Абдул Хамид II се смета за една од најголемите колекции на црно-бели фотографии во светот направени во 19 и почеток на 20 век. Има илјадници фотографии од Скопје, Штип, Битола и други места од географска Македонија, денес претставени во музеј во Истанбул. Денес пругата е во иста возна состојба како пред век и половина, ако не и во полоша, дел од фотографиите може да се видат на интернет.
Познат е и по голем број обиди за атентати врз него. Еден од нив е неуспешниот атентат што го планирале, а не го спровеле неколкумина млади македонски анархисти, добар дел од гемиџиите, кои подоцна извршија неколку диверзии во Солун. За Солунските атентати се знае речиси сѐ, за истанбулскиот сосема малку.
Мојот поранешен генерален директор на НИП „Нова Македонија“ Панче Михајлов во 1991 година ја објави книгата „Павел Шатев – живот и дело“, во која ги опишува младите години на кратовчанецот Шатев, обземен од револуционерни анархистички идеи. Тој бил член на македонски терористички кружок во Солун, во кој биле Тодор Богданов, Илија Тричков, Владимир Пингов, Јордан Поп-Јорданов, Константин Кирков и други лица. Групата била против кревање општонародното востание. Млади идеалисти биле приврзаници на индивидуален терор и саможртва како придонес за националното и политичко ослободување на земјата од турското ропство и промена на очајната положба на Македонците во болната империја.
Во групата било договорено да се направи обид за убиство на турскиот султан. Во 1900 година во Истанбул заминале на таа задача Саве Мерџанов, Петар Манџуков и Павле Соколов. Таму се сместуваат и се подготвуваат како да го изведат атентатот или, доколку не им успее тоа, да изведат некоја покрупна терористичка акција што би одекнала во Европа. Неколку месеци ги проучуваат условите и локациите и констатираат дека чинот може да се изврши со бомба или адска машина, односно вид темпирана бомба. Да биде пречекан на патот од палатата до џамијата во која се клањал, во џамија во Топкапи или џамијата „Хамидие“.
Меѓутоа мерките на безбедност биле толку обемни и силни што никому не му давале никакви шанси да се најде во близина на султанот, тој секогаш бил опколен со свита од околу илјада војници, пешадија и коњица поставени по сите улици по кои минувал. Таму, како помош стигнал и младиот Шатев. Така, по неколкумесечно набљудување, се увериле дека нивната идеја, а уште повеќе намерата била наивна, односно неостварлива.
Сепак, останало нешто што имало смисла да се започне, а тоа било минирање и уривање на цариградската Отоман банка. Требало да се ископа канал за да се дојде до огромната зграда, да се стави по темелите големо количество динамит и да се крене во воздух главната државна банка во која имало англиски и француски капитал. Да одекне и да се чуе таа експлозија на македонското незадоволство во тие важни земји. Меѓутоа потфатот нема да успее бидејќи во последен момент, при прокопан тунел и набавен динамит, диверзијата ќе биде откриена од турската полиција, а актерите притворени. Шатев, во недостиг од докази, е депортиран назад во Македонија и она што не го оствари во Цариград го направи во Солун (април 1903), кога го запали и потопи францускиот брод „Гвадалкивир“. Главниот истанбулски организатор Мерџанов ќе биде фатен од турските власти и јавно обесен кај Едрене.
Во Цариград имало уште еден атентат врз Абдул Хамид. Во 1907 година ерменски и македонски револуционери–терористи организирале нов обид за ликвидација активирајќи подметната темпирана бомба. Обидот бил неуспешен поради големото растојание меѓу пајтонот на султанот и местото на поставената бомба. Главните актери, главно Ерменци, успеале да побегнат.
Споредувајќи ја Македонија со роза со боцки околу која соседните држави меѓусебно ќе се убијат, султанот Абдул Хамид како да ги предвиде пророчки настаните што се случуваа на Балканот и во географска Македонија по неговото растоличување. Набрзо Балканот стана буре барут за Европа, а Македонија буре барут на Балканот. И јаболко на раздорот исто така. Балканските држави Србија, Бугарија и Грција водат војни и ги шират своите територии на сметка на Македонија, по што следува и поделбата на територијата на географска Македонија и се случува најголемиот погром на Македонците, чиј идентитет е оспоруван од соседите.
Денешна Република Северна Македонија, сакала–нејќела, живее меѓу минатото и иднината, меѓу амбициите и можностите, меѓу заблудите и реалноста, меѓу уцените од Европа и својата национална заштита, меѓу сопствените достигнувања и странските притисоци, соседските територијални амбиции и внатремакедонските дилеми, меѓу стремежот и неслогата, меѓу вчера и утре, меѓу силата и немоќта. Речиси обезимена, дури и како „таква – никаква“, таа и натаму е таа една убава роза со големи боцки за која соседните држави меѓусебно ќе се убијат. Наше е да ја одгледуваме и чуваме.
































