Во Скопје дојде новиот премиер на Бугарија, Петков, и добро е што дојде. Посетата воопшто не беше случајна. Односите меѓу двете земји се на крајно ниски гранки и досегашните нецивилизирани политики на Софија се рефлектираат и на нивниот меѓународен углед и на иднината на Македонија. Петков дојде со прецизни задачи и си отиде со повеќе отколку што се надевал. Македонија, пак, очигледно не знае што сака од Бугарија, а уште помалку кои се нејзините интереси и како да ги реализира. Софија е длабоко уверена дека сега е моментот, еднаш засекогаш, да го збрише македонизмот, бидејќи ние сакаме во ЕУ, а тие се внатре и, преку блокади, уцени и попречувања, имаат историска шанса да го постигнат тоа. Софија работи на долгорочна основа и тие, со директна и неспорна американска поддршка, навреме ни подметнаа да потпишеме нерамноправен договор, кој им отвори можности да ги постигнат своите нечесни и нелегални цели. Врз таа основа беше подготвена антиисториска платформа од страна на БАН, верификувана од бугарската влада и преточена во за сите обврзувачка декларација во Собранието, изгласана едногласно. Истата таа, која обилува со бесмислици, безумности и апсурди, потоа беше дистрибуира низ целиот свет, во вид на меморандум. Иако во него Македонија беше сатанизирана на крајно парадоксален начин, ние не реагиравме. Нашето молчење, светот можеше да го толкува само како прифаќање на бугарските националшовинистички измислици.
Петков успешно ја заврши првата задача: го намали силниот надворешен притисок врз Софија
Во такви услови пристигна Петков. Мора да ни биде јасно дека тој нема никакви услови суштински да ги промени меѓусебните односи, создадени одамна пред него, а сега само експонирани. Во неговата влада се четири партии, од кои другите три се закоравени душмани на македонизмот. Петков е секако свесен дека проблемот е нерешлив, барем во краток рок, поради крајно тесниот маневарски простор со којшто располага. Впечатокот е дека тој сака нешто да промени (така му се вика и партијата), не изгледа задоен со бугарските антимакедонски историски синдроми, иако ги почитува и, се чини, тргна по заобиколен пат да бара решение. Шансите да успее се речиси никакви и, барем за јавноста, сосема е неизвесно кои ќе му бидат следните чекори.
Петков успешно ја заврши првата задача: го намали силниот надворешен притисок врз Софија, против блокадата на нашите преговори со ЕУ. Иницијативите што тука ги отвори, беа најдобар можен начин за тоа. Со еден потег го задоволи светот, а нам ни ја затвори устата, која и така беше затворена. Сепак, тоа се негови краткотрајни успеси. Можеби до крајот на оваа година, Вашингтон и Брисел ќе ја толерираат блокадата на Македонија и Албанија, ама не и подолго. Таа нив ги прави нефункционални, бидејќи нивните планови можат да се реализираат само преку преговорите на Македонија. Затоа, Софија повторно ќе биде под притисок.
Наше е, меѓутоа, да прашаме: додека Петков влече мудри потези и добива поени, што прави Македонија? Според сите информации, нашата земја продолжува бесцелно да тапка во место. Го пречекавме Петков без никаква концепција, а за стратегија и да не зборуваме. Прифативме сѐ што предложи тој, а, се чини, не побаравме – ништо! А ние сме блокирани и бараме излез од тунелот.
Продолжува нашата опсесија со датумот за преговори
Силен е впечатокот дека и новата влада ставила до знаење дека е подготвена да голта кнедли, бидејќи продолжува нашата болна опсесија со датумот за преговори. Не може поинаку да се протолкува фактот што, без никаква потреба, и вицепремиерот Маричиќ изјави за судбината на македонското малцинство во Бугарија дека тоа е внатрешна работа на Бугарија и дека не сме сакале да се мешаме во нивните внатрешни работи!? Дури, на директно прашање на ТВ Телма, дали има македонско малцинство во Бугарија, Маричиќ не одговори и рече дека и стопати да го прашаат, тој пак нема да одговори! Неговото „ако има…“, може само да значи дека – нема! Зарем е можно на нашиве врвни политичари да не им е јасно дека кога се во прашање Македонците во Бугарија се работи за ЧОВЕКОВИ ПРАВА, коишто се одамна интернационализирани и не претставуваат внатрешна работа на која било држава. САД, на пример, секојдневно на таа линија ги бомбардираат и Русија и Кина и тоа за никого не е мешање во нивните внатрешни работи. Дури чинам дека Вашингтон му наметна и некакви санкции на Пекинг за третманот на ујгурското малцинство во Сингкијанг! А, ние?
Пендаровски: Македонци во Бугарија – има, а барањето на Софија да ги внесеме Бугарите во нашиот устав е мешање во нашите внатрешни работи
Уште понеразбирлив е претседателот Пендаровски. На ТВ 24 часа, во емисијата „Анализа“, на 18.1.2022, и тој тврди дека наш интерес за Македонците во Бугарија би бил мешање во нивните внатрешни работи! Сепак, тој кажа дека Македонци во Бугарија – има, и коректно оцени и дека барањето на Софија да ги внесеме Бугарите во нашиот устав е мешање во нашите внатрешни работи. Меѓутоа, кога новинарот Чадиковски го праша: Дали му го рековте тоа на Петков? Пендаровски одговори: „Не го побара тоа од мене“! Остана нејасно дали некој треба да го праша нашиот претседател, за тој да каже дека Бугарија се меша во нашите внатрешни работи!? Новинарот му рече дека во јавноста се шпекулира дека не ги примал Македонците од Бугарија за да не провоцира пред посетата на Петков. Пендаровски одговори со констатација дека како провокација може да се смета и нивното барање средба три дена пред неговата посета!? Тој додаде дека ќе ги прими на 28 јануари. Зарем може на претседателот на државата да не му биде јасно дека Македонците од Бугарија мора да ги прими пред да дојде Петков, за да можат тие, од прва рака, детално да го информираат за нивната позиција во земјата, за проблемите со кои се соочуваат и слично, та тој, евентуално, тие прашања да ги отвори на средбата со Петков? Таква средба требаше да бара тој, а не тие. Закажаната на 28 јануари е непотребна. Пендаровски би требало да се сретне со нив во Бугарија, при неговата посета што ја најавува. Исто како и Петков, којшто во Скопје се виде со малобројните Бугари. Пендаровски би можел да посети и неколку села во Пирин, населени со Македонци, што е веројатно незамисливо.
Токму игнорирањето на македонскиот народ, јазик, историја од страна на
Софија и Атина е директна безбедносна закана за Македонија
Дека едните знаат што и како сакаат, а другите се, во најдобар случај – збунети, зборува и фактот што, којзнае по кој пат, Македонија прифати еднострано да се резили и да прати нота во ООН дека нашето кратко име не рефлектира територијални претензии, без никаков чекор на добра волја од другата страна! Тоа е сериозна добивка за Петков и Бугарија. Тоа беше првото од бугарските барања 5 + 1, за што немаше никаква потреба да се согласиме, барем во овој момент. Тоа е игнорирање и на Резолуцијата од Собранието, која наложува односи на рамноправна основа, што ова секако не е. Ние цело време даваме некакви гаранции дека нема да ги окупираме соседите, коишто се воено над стопати посилни од нас, а тоа не го бараме и од нив. Игнорирањето на македонскиот народ, јазик, историја… од страна на Софија и Атина е директна безбедносна закана за Македонија. Тоа е класичен иредентизам. По нашата нота, единствено е позитивно што Б. Борисов за првпат мирно спиел дека нема да ги окупираме!
Во основата, идејата на Петков за петте комисии е само нова мутација на бугарската позиција. Тој нема можност да ги промени нивните бесмислени ултиматуми за нашиот идентитет, јазик… и, преку комисиите, создава нова слика за билатералните односи, која нема да ги реши сегашните проблеми. БУГАРИЈА НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ПРИФАТИ ИЛИ ПРОГОЛТА МАКЕДОНИЗМОТ. Ние само се согласивме да се вртиме во маѓепсан круг, при што ЕУ останува празен сон. Еве, за два месеца ќе воспоставиме авиолинија. По четири ќе ја прекинеме, бидејќи нема да има патници. До Софија има 235 километри и модерен автопат треба секако итно да се изгради. За два и пол часа си таму, а со авион ќе се патува барем три. Железничката пруга, пак, е приказна за себе. Македонија планира да потроши дури 600 милиони евра за нејзина изградба, што се огромни пари и за една Германија, а нема теоретска можност таа да биде економски исплатлива. Тоа ќе биде буре без дно и секоја година ќе носи огромни загуби, коишто ќе треба да се покриваат. Нормална држава не прави такви глупости. Црноморските пристаништа не се решение за Македонија. Економските и сите други врски, пак, треба и може веднаш да се развиваат, ама не при бугарска блокада во Брисел. Тоа мора веднаш и одлучно да ѝ се каже на другата страна. Соработка и блокада во никој случај и никаде не одат заедно. Ако Софија сака соработка, мора да ја прекине блокадата. Ако останат со намерата да нѐ разнебитат како народ, единствена опција е – конфронтација.
Логична беше средбата на Петков со Мицкоски, како главен опозиционер. Невообичаена, крајно непотребна, дури и провокативна беше таа со Ахмети. Македонија (сѐ уште!) не е федерација, а Ахмети втор претседател! Тој чекор само откри дека и Петков е во тек со тајната странска стратегија, која упорно се спроведува 30 години – Македонците да се фрлат во прегратките на Бугарија, а Албанците да живеат сите заедно, без промена на границите.