Македонија никогаш не била поразена на фронт. Македонија била поразувана на маса. Не со тенкови, туку со протоколи. Не со армии, туку со „пријателски совети“. И секогаш од истите центри – од европскиот германско-австриски блок и од ориенталниот, неоосманлиски простор со седиште во Истанбул.
Берлин, Виена и германската архитектура на балканската нерамноправност
Берлинскиот конгрес од 1878 година не беше „грешка на историјата“, туку свесна геополитичка одлука. Германија на Бизмарк и Австро-Унгарија одлучија дека македонското национално прашање е опасно, затоа што не се вклопува во нивниот концепт за „баланс на силите“ на Балканот. Македонија не беше признаена не затоа што беше слаба, туку затоа што беше непогодна. Од тој момент, Виена стана центар од кој Балканот се уредуваше како тампон-зона, а Македонија – како простор што треба да остане нерешен, подложен на поделби и контроли. Оваа логика не исчезна. Таа само се пресели во институции. Германија денес е економски хегемон без политичка одговорност!
Денешна Германија, преку Европската Унија, игра улога што формално не ја признава, но суштински ја практикува: централен регулатор на балканската периферија.
Германската политика кон Македонија е јасна: поддршка на грчкото вето (Преспански договор), поддршка на бугарската блокада, иако директно ја негира македонската јазична и историска посебност, инсистирање на „билатерални решенија“ за прашања што според меѓународното право не смеат да бидат услов за членство. Ова не е европеизација – ова е условена лојалност. Грција и Бугарија се членки на ЕУ како извршители на идентитетски притисок. Грција ја искористи својата позиција во НАТО и ЕУ за да изнуди промена на уставното име – чин без преседан во современите меѓународни односи. Бугарија, со отворена поддршка од одредени европски престолнини, бара ревизија на историјата, јазикот и националната самосвест. Овие политики се директно спротивни на: членот 1 од Повелбата на ОН (право на самоопределување), Декларацијата на ОН за пријателски односи (1970), Хелсиншкиот завршен акт (1975). Но кога прекршителите се членки на ЕУ, правото станува флексибилно, а Македонија – експеримент.
Фанар, Истанбул и неоосманлиската мекa моќ
Од другата страна, Истанбул никогаш не ја напуштил Македонија. Само ја сменил формата. Денес, Турција не настапува со империјална администрација, туку со: економски капитал (Халкбанка), стратешка инфраструктура (ТАВ – аеродроми), културно-религиска експанзија (образовни, медиумски и верски мрежи).
Фанар, пак, продолжува да игра улога на духовен арбитер, со директни политички импликации врз македонското црковно прашање, секогаш во согласност со грчката државна агенда.
Капиталот како нова форма на протекторат
Суверенитетот не завршува со знамето. Тој почнува со контрола врз стратешките ресурси. Во Македонија: ЕВН (Австрија) – електроенергетска дистрибуција, Дојче телеком (Германија) – телекомуникации, ТАВ (Турција) – аеродроми, Халкбанка (Турција) – финансиски сектор.
Ниту една сериозна држава не би ги отстапила овие сектори без јасна национална стратегија. Македонија го направи тоа без дебата, без долгорочни заштитни механизми и без визија. Ова не е слободен пазар. Ова е економска зависност.
Меѓународното право: Македонија има право да каже „не“
Правото на самоопределување не е морална желба, туку ius cogens норма – задолжителна норма на меѓународното право. Идентитетот, јазикот и историското наследство не смеат да бидат предмет на преговори, уште помалку услов за интеграции.
Економскиот суверенитет е признаен како составен дел од државната независност уште од Резолуцијата 1803 на Генералното собрание на ОН (постојан суверенитет над природните ресурси). Македонија има правна основа да постави црвени линии. Прашањето е дали има политичка волја.
Еврејската лекција: соработка – да, покорност – никогаш
Евреите никогаш не ги мешаа сојузништвата со потчинетоста. Тие преговараа со империите, но никогаш не дозволија империите да им го дефинираат идентитетот. Македонците мора да ја научат истата лекција: кој прифаќа сè, на крајот губи сè.
Заклучок: Македонија мора да стане „неудобна“
Време е Македонија да престане да биде удобна за туѓи агенди. Суверената држава не е онаа што молчи, туку онаа што знае кога да каже „доста“. Историјата нè стави помеѓу Виена и Истанбул. Иднината зависи од тоа дали конечно ќе застанеме на свои нозе.
Тони Менкиноски

































