Македонците помеѓу правната држава и извозот на мозоци

  • Без правна држава нема сигурност и безбедност, нема конкуренција, нема економски развој, нема надеж. А без надеж – нема иднина! Сите други визии, политики и стратегии паѓаат во вода ако правдата не е еднаква за сите

1. Сегашните процеси – држава без компас

Македонија подолго време живее во процес на погубна и хронична неизвесност. Не затоа што граѓаните не знаат да работат, не затоа што нема ресурси или потенцијал, туку затоа што државата одамна го загуби, ако воопшто го имаше, својот компас. Наместо систем, имаме импровизација! Наместо правна држава, имаме селективна правда! Наместо визија и стратегија, имаме преживување од ден за ден!
Граѓаните се уморни! Од ветувања, од промашени „реформи“ што почнуваат и никогаш не завршуваат, или „историски шанси“ што редовно завршуваат како лични бизнис-можности за мал број луѓе, одбрани и послушни.
Во таква атмосфера, младите не сонуваат за иднина. Тие планираат бегство! „Средната класа“ тивко исчезнува. А државата, наместо да биде заштитник, сè почесто станува пречка за развој.
Овој процес не е случаен! Тоа е резултат на години лошо управување, клиентелизам и отсуство на отчетност. Институциите постојат формално, но суштински се празни. Законите се донесуваат, но не се применуваат! Системот не ги наградува знаењето, творештвото, искуство и претприемаштво, туку само послушните партиски војници и припадниците на „вистинската“ структура.
Затоа граѓаните се демотивирани. Уморни се од лажните ветувања, од „реформи“ што свечено започнуваат, тивко умираат и никогаш не завршуваат. Општеството е длабоко поделено. Недовербата меѓу луѓето и кон институциите е огромна. Доминантна колективна психологија е чувството дека „ништо не зависи од нас“.
Во таква средина се развиваат две опасни појави: лажен елитизам и конформизам. Мал круг на политичка, економска, академска и партиска „лажна елита“ живее во паралелна стварност самоизолирана од секојдневните проблеми на граѓаните. За ова „малцинство“ државата функционира одлично. Но затоа државата е нефункционална за мнозинството. Од друга страна, голем дел од општеството западна во конформизам. Прифаќањето на неправдата стана нормалност. Помирувањето со негативните процеси станува логиката „само да не е на полошо“.
Најопасен, сепак, е опортунизмот. Тивката согласност дека работите не треба да се средат, зашто хаосот некому му одговара. Во ваков „изопачен систем“, нередот е предност, а редот е закана! Секое вистинско средување на државата значи губење на моќта и влијание на привилегиите што следуваат, и да не ја заборавиме неказнивоста. Затоа реформите се глумат, а суштинските промени се саботираат.
Ова, всушност, не е нов феномен. Историјата веќе има видено држави што влегле во слична спирала – од крајот на Отоманската Империја, преку европски режими во 20 век, па сè до поновите таканаречени постсоцијалистички општества. Секогаш сценариото е слично: слаби институции, силни „елити“, идеолошка реторика и реална неправда. Во тие примери, лажниот елитизам и конформизмот ретко се појавуваат отворено. Најчесто се маскираат зад идеологии што по потреба се менуваат. Кај нас, тие појави умешно се кријат зад наративите на необолшевизмот (идеологија да се одземе сѐ од приватниот сектор, дури и незаконито) и неоврховизмот како прикриен антимакедонизам.
Затоа Македонија со години се движи без компас. Насоката ѝ е намерно одземана и искривувана од интересите на лажните „елити“. Каде ќе заврши државата е наша поединечна должност и отчетност, како пред себе така и пред нашите предци и потомци. Или со еден збор, време е да станеме активни креатори на сопствената држава и судбина.

2. Правната држава – клучот што недостига

Во срцето на сите овие проблеми лежи суштинско прашање: зошто не постои правна држава? Без правна држава нема сигурност и безбедност, нема конкуренција, нема економски развој, нема надеж. А без надеж – нема иднина! Сите други визии, политики, стратегии паѓаат во вода ако правдата не е еднаква за сите.
Ако навистина сакаме да зборуваме за пресврт, а не за козметички реформи, тогаш две законски решенија се клучни и неизбежни.
Прво, треба Закон за потекло на имот! Во Македонија одамна не е проблемот што граѓаните не знаат кој и како се збогатил. Проблемот е што државата одбива институционално да праша: од каде ти е имотот. Да, треба да нѐ праша сите, а најмногу оние и нивните семејства што работат за државата. Јавна тајна, но и табу-тема, се луксузни вили, скапи автомобили, офшор-сметки и животен стил што не може да се оправда со официјални примања! Искуствата од други држави покажуваат дека ваквиот закон е темел на правната држава, а не средство за политичка пресметка. Италија, преку строгите антикорупциски и антимaфијашки закони, овозможи конфискација на имот за кој не може да се докаже законско потекло, што директно ја ослаби организираната криминална мрежа. Романија, со зајакнување на институциите за проверка на имот на функционерите, направи сериозен исчекор во борбата против високата корупција. Слични механизми постојат и во Франција и Шпанија, каде што јавните функционери се должни детално да го образложат својот имот. Закон за потекло на имот не е одмазда, ниту реваншизам – тој е порака дека никој не е над системот и дека криминалот, дури и кога е „елитен“, има цена. Без таква порака, правната држава останува празен поим.
Второ, а можеби и најважно е изборниот модел, поточно Законот за избори, каде што мора да има една изборна единица со отворени листи за избор на пратеници! Додека граѓаните гласаат за партии, а не за луѓе, одговорноста ќе биде разлеана, а пратениците ќе им останат лојални на партиските врвови наместо на граѓаните што ги избрале. Искуството на повеќе европски држави покажува дека отворените листи го менуваат квалитетот на политиката. Во Финска, Шведска и во Холандија, граѓаните директно одлучуваат кои кандидати ќе ги претставуваат. Пратениците ја градат својата политичка кариера врз личен интегритет, знаење и јавен углед. Во Словенија и Хрватска, воведувањето елементи на отворени листи доведе до поголема отчетност и поголем притисок врз избраните функционери да работат во интерес на јавноста.
Во Македонија, може да се освои власт со поддршка од едвај една петтина од гласачите, додека околу 900.000 граѓани со право на глас воопшто не излегуваат на избори. Страшно, но вистинито!
Една изборна единица со отворени листи не е само техничка реформа. Тоа е битна промена на филозофијата на владеење. Само докажани луѓе, со личен кредибилитет, професионално искуство и претходно изграден авторитет, можат директно да ја добијат довербата на граѓаните за да придонесат на развојот. Таквите луѓе не можат да се скријат во партиски листи, ниту да бидат заменливи фигури во туѓи политички агенди. Токму тие – луѓе избрани со име и презиме, а не по партиска директива – можат да донесат пресврт за промена. Без нив, парламентот останува продолжена рака на партиските врхушки, а не дом на народниот суверенитет! Едно е јасно: сите, ама баш сите партиски врхушки што се извор и отпор кон промените досега се единствени само во тоа како да го минираат овој процес за да ја попречат промената на врхушката. Или се за една изборна единица, но не со отворена листа. Или обратно, а тоа е што им е јасно дека ова е последниот бастион на нивната диктатура и самоволие. Изгледа сѐ уште ние Македонците не сме ги почувствувале благодатите на вистинската демократија!
Без овие две промени – вистинска контрола на потеклото на имотот и суштинска изборна промена – секој разговор за „реформи“, „преобразба“, „трансформација“ или за промена на македонското општество кон подобро останува празна реторика, а правната држава недостижен идеал.

3. Извозот на мозоци – прикриена катастрофа

Деновиве јавноста е бомбардирана со бизарни и понижувачки наративи – дека наводно се „извезуваат мозоци од шизофреничари“. Евтин сензационализам, пласиран како димна завеса, со единствена цел: да се прикрие вистинската трагедија и да се релативизира сопствениот неуспех. Наместо државата да се соочи со фактот дека ја губи својата интелектуална основа, полесно е проблемот да се исмее, да се карикира и да се сведе на фарса.
Она што дополнително загрижува е целосната конфузија меѓу науката и опасните процеси, меѓу стручната анализа и политичката пропаганда. Во земја каде што со години се игнорираат системски проблеми, каде што институциите молчат пред многу посериозни злоупотреби, сега одеднаш се најавуваат истраги – и тоа не за корупција, не за организиран криминал, не за нарушена правна сигурност, туку за медиумски конструиран апсурд.
Прашањето не е каде наводно бил случајот што денес се најавува како предмет на истрага, туку каде беше обвинителството сите овие години кога државата тивко ја губеше својата стручна, образована и креативна сила. Каде беше институционалната одговорност кога се разградуваше правниот поредок, кога се уриваше довербата во системот и кога граѓаните масовно ја губеа надежта дека во оваа држава може да постои ред, правда и хармонија.
Наместо сериозна саморефлексија и признавање на сопствениот неуспех, сведочиме за обид за дефокусирање. Создавање бучава таму каде што треба тишина и отчетност, и глумење акција таму каде што одамна требаше да постои систем.
А вистината е многу посериозна – и многу поболна.
Од Македонија не заминуваат „поединци“: лекари што не сакаат да молат за специјализација, инженери што не прифаќаат партиска книшка како квалификација, ИТ-стручњаци што одбиваат да работат во држава со аналогна администрација, научници без лаборатории, професори без академска слобода. Заминуваат луѓе во кои државата до дваесет години вложувала во образование, но никогаш не вложила во услови за достоинствен живот и професионален развој.
И не, тие не си заминуваат само поради (по)голема плата. Тоа е удобната лага на таканаречената политичка „елита“. Заминуваат поради неправда, поради партизација, поради понижување. Поразително е кога знаењето вреди помалку од телефонски повик, кога напредувањето зависи од лојалност, а не од резултати и кога системот постојано им порачува на способните дека се „вишок“.
Самонаречените политички елити, пак, со завидна леснотија ја следат оваа појава од безбедна дистанца. За нив одливот на мозоци не е проблем – тој е олеснување. Колку помалку критички мислечки луѓе, толку помалку прашања. Колку помалку професионалци со интегритет, толку повеќе простор за „прикриени медиокритети“ со партиски беџ. Затоа одливот или извозот на мозоци не е случаен ефект. Тој е тивка перфидна стратегија.
Никој од овие луѓе не бега од Македонија како кандидат за Европска Унија. Бегаат од неправната држава, од системот што ги казнува затоа што не сакаат да бидат послушни. Бегаат од институции што не ги штитат, од закони што не важат за сите и од политичка класа што со години глуми „реформи“, а перпетуира статус кво.
Кога нема правда, нема сигурност. Кога нема сигурност, нема мотив да останеш. Затоа е крајно лицемерно кога истите тие политички „елити“ зборуваат за „патриотизам“, додека системски го уништуваат секој што сака да остане и да гради тука. Патриотизмот не е да останеш во неправда, туку да создадеш држава во која вреди да се остане.
Извозот на мозоци не е само последица на глобализацијата, ниту на „модерните трендови“. Тој е директен резултат на нефункционален систем, на заробени институции и на самонаречените „елити“, кои ја доживуваат државата како приватна сопственост што ја киднапирале. И додека тие држат говори за иднината, иднината веќе ја пакува својата куферска диплома. Во последните три децении, од Македонија се иселиле повеќе од половина милион граѓани, претежно млади, образовани и работоспособни луѓе.
За разлика од оваа деструктивна рамнодушност, постојат држави што проблемот со извозот на мозоци го третираат како прашање на национална безбедност и стратешки опстанок. Израел, на пример, иако и самиот се соочува со иселување на високообразовани кадри, реагира системски и проактивно. Наместо да ги понижува своите научници, инженери и лекари, државата инвестира во нивно задржување и враќање: преку даночни олеснувања за професионалци од дијаспората, сериозни вложувања во истражување и развој, силна поврзаност меѓу универзитетите и индустријата, како и институционална поддршка за оние што сакаат да се вратат и да придонесуваат дома. Таму знаењето не се третира како закана, туку како ресурс. Критичкото мислење не се исмева, туку се охрабрува. И токму затоа, и покрај глобалните миграциски трендови, Израел успева да ја зачува и да ја обнови својата интелектуална база.
Израел, со „извоз на мозоци“ од околу 6 отсто од вкупното население, се соочува со предизвик што е сериозен, но институционално управлив. Македонија, пак, со околу 30 отсто „извоз на мозоци“, се соочува со длабока системска ерозија, а не со обичен миграциски тренд.
Вистинското прашање не е зошто младите си заминуваат, туку зошто дозволивме системот да ги турка надвор. Решението не е во празни патриотски пораки, туку во враќање на правдата, меритократијата и институциите во служба на граѓанинот. Затоа што кога знаењето се вреднува, кога законот важи за сите и кога достоинството не се преговара – луѓето не си заминуваат. А тоа не е утопија. Тоа е избор.