Приказната за говорот на омраза нема крај. Но што покажува праксата од работата на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите (СЕММ)?
Обидите да се спречи говорот на омраза во медиумите и на социјалните мрежи засега не даваат плод. Говорот на омраза не се намалува, ниту исчезнува од медиумите – печатени радиодифузни, од порталите и социјалните мрежи.
Во Македонија, работите не се разликуваат многу од состојбите во регионот. Изминативе години се направени голем број истражувања и анализи за говорот на омраза. Од разни организации и од Хелсиншкиот комитет, и од Македонскиот институт за медиуми, од Институтот за комуникациски студии, „Метаморфозис“… Во нив јасно се констатирани состојбите со говорот на омраза. Констатирани се причините зошто нема резултати борбата со тој говор. Укажани се слабостите на системот, пред сѐ, на правозаштитните органи, судови и обвинителства и на други институции, како и на медиумските институции задолжени со закон да водат грижа за медиумите и нивната работа.
Еве една мала статистика за одлуките во кои има детектирано говор на омраза и дискриминација врз која било основа, а кои ги донела Комисијата за жалби на СЕММ. Ги има најмногу за онлајн медиумите. Интересно, податоците еден период покажуваа дека опаѓа бројот на жалби за говор на омраза. Од 2014 до 2017, за три години, сме донеле 49 одлуки за говор на омраза или дискриминација. Во 2018 има девет одлуки, во 2019 – 12, во 2020 – шест, во 2021 и во 2022 година по четири одлуки. Дали ова значеше дека во Македонија сѐ помалку се користи говорот на омраза? Не. Тоа се потврди лани.
Според статистиката на Советот за етика за 2023 година, веднаш по бројот на одлуки, кои се однесуваат на неточно или невистинито известување или прекршувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите и од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, вкупно 31, се најдоа и 15 одлуки за говор на омраза и дискриминација. Тоа потврдува дека нема намалување на говорот на омраза, туку станува збор за селење на говорот на омраза од медиумите во социјалните мрежи, поточно, селење во коментарите на социјалните мрежи, каде што некои медиуми ги постираат своите содржини. Кај нас, многу малку медиуми овозможуваат коментирање на своите страници. Веројатно се плашат од неочекувани коментари или немаат администратори или монитори што би воделе сметка што и како се коментира. Ако се знае дека дури и сериозните портали имаат по двајца-тројца вработени, некои и малку повеќе, тоа зборува дека тие и кадровски не се подготвени да се фатат со предизвикот – уредување коментари за да се отстрани говорот на омраза.
На што се должи зголемувањето на бројот на одлуките за говорот на омраза на Комисијата за жалби при СЕММ во минатата година? Пред сѐ, на активноста на невладините организации, кои почнаа почесто да ги следат постовите на медиумските содржини на социјалните мрежи. Во нивните жалби се доминантни говорот на омраза, повикувањето на насилство, дискриминацијата и стигматизацијата, нападите врз ЛГБТ-личности или други поединци од маргинализирани групи, токму на социјалните мрежи. Не се случајни повиците за одредување правила и обврски за онлајн медиумите и социјалните мрежи, кои доаѓаат од релевантни организации или институции во Европа. Но едно е да се бараат правила, а сосема друго е тоа да се спроведе во практиката. Постои голема опасност од сѐ поголемо мешање на државите во етичките прашања. Опасност од самоцензура, па и цензура. Искуството од работата на Комисијата за жалби при СЕММ покажува дека ЛГБТ-заедницата е „распната“ меѓу говорот на омраза и слободата на изразување. Дека ова е така, се потврдува особено ако се слушнат ставовите на жалителите од една или на медиумите од друга страна, во поглед на жалбите што ги добиваме. Членот 10 од Конвенцијата за човекови права, кој се однесува на слободата на изразување, е многу јасно дефиниран. Но за говорот на омраза нема една дефиниција.
Обично говор на омраза се смета дека е секоја форма на изразување што поттикнува дискриминација, непријателство или насилство кон личност или група поради нивната раса, пол, сексуална ориентација, религија, етничка припадност, јазик, политичка припадност. Говор што може да се манифестира во различни форми, вклучувајќи погрдни навреди, навредливи шеги, закани, стереотипи или… Тој може да прерасне во ширење страв, поттикнување насилство и поттикнување дискриминација и непријателство.
Комисијата за жалби при СЕММ го третира говорот на омраза преку Кодексот на новинарите на Македонија и преку Насоките за етичко известување на онлајн медиумите. Членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија вели дека: „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка припадност…)“. Одредбите од Насоките се во заемна врска со Кодексот, во членот 10, има точка 10.4, која вели: „Онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството“. Во Насоките има и посебен член 20, кој се однесува на одговорноста на објавените коментари од читатели. Онлајн медиумот е одговорен и за содржините на коментарите поставени кон новинарските содржини објавени во медиумот, но и објавени на неговиот профил на социјалните мрежи. Во тој член се вели дека онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари што содржат: повикување на насилство или други кривични дела, говор на омраза, дискриминација, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што се обработува во него.
Сето погоре, во Кодексот и Насоките, предизвикува „отпор“ во медиумите. Тие знаат за одлуки на ЕСЧП во кои токму се дефинираат правилата на игра кога станува збор за говорот на омраза кон ЛГБТ-групите. Но малку од нив ги применуваат. Има примери кога политички партии шират таков говор, а медиумите го пренесуваат. Еве еден случај од минатата година.
Коалицијата „Маргини“ поднесе жалба за неколку медиуми за текстови со наслов: „Непримерен притисок врз јавноста со ЛГБТ+ медиумски кампањи“, упатен кон американската амбасада, по повод „Месецот на гордоста“. Во жалбата се вели:. „Тие пренесоа соопштение на политичката партија Интегра, кое содржи говор на омраза кон ЛГБТ+ луѓето, т.е. говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Без разлика што се работи за ’туѓо‘ соопштение, преку неговото пренесување медиумот шири говор на омраза и дискриминација. Во соопштението, ЛГБТ-луѓето се прикажани како извитоперени, зли, неприродни, противправни, дека се ’зло кое треба од корен да се сотре‘. Говорот во соопштението е школски пример за говор на омраза што треба да се ограничи во демократски општества… Во овој случај се работи за директно пренесување и овозможување платформа за ширење говор на омраза. Соопштението е пренесено без критички став, осуда или какво било врамување на говорот на омраза“.
На ова следуваа неколку одговори од медиуми до кои беше пратена жалбата во согласност со Правилникот за работа на Комисијата за жалби. Па така, еден медиум одговори: „Тоа што за едни е говор на омраза, за други е слобода на изразување! Им препорачувам на активистите од Здружението на граѓани Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници ’Маргини‘ од Скопје да публикуваат реакција на соопштението на политичката партија Интегра, и ние тоа ќе го објавиме без никаков проблем. Доколку сметаат поинаку, слободно може да си поднесат тужба до надлежниот суд.“
Друг медиум за истата жалба одговори: „Во однос на наведеното мислење на Коалицијата, познато е дека се работи за постојан обид да се наметне цензура со секојдневни жалби за каков било текст што се однесува против ЛГБТ-заедницата. Нашиот медиум пренесува соопштение на партија и тоа ќе го прави и во иднина без да бара мислење од невладини организации како треба да известува. Секој став за нас е важен. Во конкретниов случај нема повик на насилство, има квалификации што секојдневно можат да се слушнат и за разни групи во општеството, но секогаш е проблематично само ако се однесуваат на ЛГБТ-заедницата. Нашиот медиум не секогаш се согласува со ставовите што се искажани, но тоа не значи дека нема да ги пренесеме на јавноста“.
Комисијата долго дебатираше за оваа жалба. И со мнозинство гласови донесе одлука дека е нарушен Кодексот на новинарите. Во образложението се вели дека „во случајов станува збор за пренесување на јавна комуникација од страна на политичката партија во вид на соопштение преку медиумите, во која се содржи говор на омраза кон одредена група на граѓани, и со тоа Комисијата заклучи дека е прекршен Кодексот во членот 10“. Според дел од членовите, станува збор за мошне очигледна повреда на членот 10, кој се однесува не само на информација создадена од медиумот туку и на преработена или пренесена информација. Медиумот не може да биде никогаш само пренесувач на туѓи изјави, туку кога станува збор за вакви изјави, кои прават сериозна штета во општеството, има обврска да ги разобличува, критикува, да посочува на одговорноста на актерите што го произведуваат таквиот говор. Интересно е што припадниците на ЛГБТ-заедницата се цел на говор на омраза или дискриминација во периодот кога треба да се одржува „Викендот на гордоста“. Тогаш дури и текстови што ѝ даваат поддршка на таа манифестација ставени на ФБ-страниците на медиумите добиваат коментари што се со говор на омраза или со навреди. Медиумите забораваат или не знаат дека тие се одговорни и за коментарите на нивните ФБ-страници, а не само за коментари под нивните текстови објавени на нивните портали. Некои велат дека на ФБ има име и презиме на тие што коментираат, па одговорноста нека се бара од нив, а не од медиумот. Но дали е баш така?
„Квир центар“, здружение за сексуални и родови малцинства, поднесе жалби до неколку медиуми за говор на омраза за текстови околу „Викендот на гордоста“ објавени на ФБ-страниците на тие медиуми.
Од „Квир“ дури им оставиле пораки, како физички лица, на ФБ, дека на нивната страница има коментари со говор на омраза и да ги избришат таквите коментари. Но порталите не ги модерирале коментарите. Од „Квир“ укажуваат дека „во коментарите од читателите се повикува на линч на ЛГБТИ+ заедницата и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството“… и додаваат дека „покрај тоа што се гарантираат слободата на изразување, сепак, јасно утврдуваат дека правото на слобода на изразување не е безусловно право“. На ФБ-страницата на еден од медиумите имало дури 224 коментари и пет споделувања.
Од еден од медиумите велат дека со искрено жалење и резигнација ја примиле жалбата на здружението за сексуални и родови малцинства скопски „Квир центар“ до Советот за етика, затоа што нивниот медиум е еден од ретките, „ако не и единствена професионална новинарска редакција што упорно и посветено известува за активностите и борбата за правата на ЛГБТИ-заедницата, зашто сметаме дека таквото известување е од исклучителна важност за јавниот интерес“. Од медиумот го нагласуваат и јавниот интерес од објавување на текстовите на социјалните мрежи. Медиумот во одговорот вели дека имаат речиси 130.000 следбеници, кои може да ја видат објавената содржина: „Филтрирањето на коментарите е според нашите ограничени ресурси и ние се трудиме редовно да го извршуваме тоа, иако е огромен напор. Но сметаме дека целосното затворање на можноста за коментари на објавите не е во корист на јавниот интерес. Исто така, не е во корист на јавниот интерес нашите текстови на овие теми да не ги објавуваме на нашите официјални профили на социјалните мрежи, и покрај негативните коментари“.
Има уште еден одговор од друг медиум во врска со бришењето на коментарите од ФБ-страниците на медиумите. Оттаму велат: „Со оглед на нашето темпо на креирање содржини и живоста на големата онлајн заедница што нѐ следи, би ни требала служба од 24/7 (приближно четири-пет луѓе), кои би се занимавале само со тоа. Ако вие и вашите домашни и странски поддржувачи најдете финансиско решение што би ни помогнало, со задоволство ќе формираме таква служба“.
По контакти со некои од медиумите, „Квир“ повлече дел од жалбите, а за оние за кои расправаше Комисијата за жалби беше утврдено дека ги нарушиле Насоките за етичко известување на онлајн медиуми, во делот каде што се зборува дека медиумот е одговорен за коментарите на негови текстови постирани на социјалните мрежи.
Што значи ова? Самоцензура. Медиумите повеќе ќе одберат откажување од постирање на нивните содржини отколку да се најдат на тапет пред Комисијата за жалби при СЕММ. Втора работа е јавниот интерес. Дали тој надвладува над негативните коментари? И трето, колку можат медиумите да ги администрираат своите ФБ-страници, знаејќи дека дури и на поголемите редакции им се ограничени можностите за следење и реакција на коментарите на ФБ.
Прашањето што сега се поставува пред нас е како да се продолжи? Како да се зголеми професионалноста и да се подигне етиката во медиумите? Како да има помалку жалби, а повеќе етика? Како да има помалку говор на омраза? Многу експерти препорачуваат поддршка на саморегулацијата, но истовремено, да се направи сѐ таа да станува повидлива. Потребно е и медиумско описменување на новинарите, на оние што работат во порталите. Исто така, треба да им се даде поддршка на граѓанските организации што го мониторираат нарушувањето на етичките норми во поглед на говорот на омраза. Овде може да се помогне со регистрирање онлајн медиуми во рамките на Законот за медиуми или некои нови законски решенија.
Конечно, ЗНМ најави подготовки за правење нов Кодекс на новинари, можеби и на медиуми. Тука треба да се вклучат сите медиумски организации. Во него да се вградат најновите правила за етичко медиумско работење, кои ќе бидат прифатени и почитувани од мнозинството медиуми во државата.
Мирче Адамчевски
(Республика.еду.мк)