Човекот е битие што има духовна и материјална природа. Духот може да се дефинира како кредибилитет на личноста, какви морални вредности поседува, колку е богата со знаења, колку е цврста во своите убедувања, колку е рационална во донесувањето одлуки. Фактички, духот е разумната страна на човековото битие, компасот по кој се води низ животот. Од друга страна, луѓето имаат потреби и нагони што се исконски вградени во човековата природа, имаат материјален карактер, и тие мора да бидат задоволени на соодветен начин. Секојдневниот живот е доминантно материјален и човекот мора да донесува разумни одлуки за реализација на материјални потреби.
Добро е познато дека луѓето што имаат слаб дух (јас како најчест извор на оваа криза ја гледам неписменоста), лесно се подложни на компромитација т.е. да го изгубат кредибилитетот, само да ги задоволат материјалните потреби. Човек се претвора од свесно во несвесно битие, кое се раководи само од вградените потреби и ги губи сите морални кочници. Си го губи компасот.
Во моментот кога некој ќе почне да ги заобиколува духовните вредности, во суштина го применува механизмот на лага. Се лаже себеси, ги лаже и другите, да се убеди дека тоа што го прави е оправдано. Колку е послаб духот на човекот, толку полесно се корумпира, се бајпасираат контролните механизми со лага и човекот понатаму функционира претежно според своите потреби, тие го водат, не користи разум да стигне до материјалната цел. Остварувањето на материјалните цели секогаш дава моментално задоволство, кое е опипливо и во принцип е ниска страст. Зајакнувањето на духот, спротивно на првото, е долг процес, кој не ги покажува своите благодати веднаш, туку по долги години макотрпна работа. Македонскиот народ за ова има изрека: „трпение, спасение“.
На 2 август, претседателот г. Стево Пендаровски им додели ордени на лица заслужни за постоењето на државата Македонија. Сите заслужни што се обратија, по повод свечената пригода, кажаа јасно дека орденот што го примаат се однесува на државата Македонија. Освен претседателот, никој друг не спомна дека одликувањето го прима за заслуги кон државата Северна Македонија. Ветеранот Никола Стојановски, иако во длабока старост, многу јасно кажа: „Држава не се прави со декрет, држава се прави со борба и со крв“. Сите се свесни во какво тешко време се бореле овие луѓе за да се изроди слободата на Македонија, која сега ни се лизга низ раце.
За споредба, наспроти духот на борците за Македонија, во една дискусија претседателот изјави: „Да не бев претседател, и јас би се иселил од Македонија“. Дополнително трагично, овој функционер, пред да стане претседател, бил професор во високообразовна институција во државава.
Како се доведе нашата татковина, од водачи со грамаден кредибилитет и цврст карактер, денес да ја водат функционери на кои кариерата и платата им се пред интересите на државата?
Во повеќе наврати, претседателот, во своите обраќања, ја користи фразата „да му разјасниме на обичниот народ“, што има крајно пејоративно значење и се сведува на потценување. Кој е тој „обичен народ“? Дали претседателот смета дека академици, универзитетски професори, доктори по науки, магистри, стручњаци во своите области, чесни луѓе итн. немаат доволно интелект да ги разберат случувањата што тој ги карактеризира како геостратегиски?
Сите сме сведоци дека македонскиот народ беше убедуван во безброј наврати, од наши политичари, странски мисионери, дека со прифаќањето на договорот со Грција, тој и понатаму ќе биде именуван како македонски и дека ќе се промени само името на државата. Но, спротивно на тоа, од потпишувањето на договорот до денес, не помина ден некој странец намерно и свесно да не нѐ нарече „северномакедонци“. Според жаргонот на претседателот, „обичниот народ“ сега без основа реагира на ваквите провокации, бидејќи големите политичари од рангот на претседателот Макрон не ги знаат деталите на договорот со Грција. Лагата во случајов е очигледна. Видлива е од Месечината, а можеби и од подалеку.
Доколку претседателот има чесна намера „обичниот народ“ да ја разбере вистината, тој треба јавно отворено да каже дека името Македонија и сѐ придружно со него, за севкупна употреба ѝ е отстапено на Грција. Државата на која тој е сега претседател се вика Северна Македонија, а државјанството/нацијата гласи државјанин на Северна Македонија. Со договор, нашата влада го отстапила (за мене лично го предала) македонскиот идентитет. За возврат, „северномакедонците“ се примени во НАТО.
Последните геостратегиски случувања што се случуваат во светот и кај нас, претседателот Пендаровски му ги презентира на „обичниот народ“ дека со себе носат голем ризик по безбедноста на државата Северна Македонија. Тоа го наведува како главна причина зошто е неопходно да се прифати преговарачката рамка со ЕУ.
Денес не постои нормален човек што верува дека светот некогаш ќе се врати во состојбата пред коронавирусот. Очигледни се промените во светската политика и се наѕира крајот на доминацијата на САД и западниот свет. ЕУ слабее поради свои внатрешни поделби и битката за превласт.
Имајќи ги предвид последните случувања, војна, економска криза, пандемија, колапс на западниот систем, се поставува прашањето кои се гаранциите што ги добива претседателот и од кого, за да ги прифати барањата што произлегуваат од преговарачката рамка? Зошто од нас се бара да испорачаме 100 отсто однапред, а потоа врз основа на дадено „ветување“ да се надеваме дека тој некој што ветил, ќе си стои на зборот. Веќе еднаш сме брутално излажани со промената на името. По сѐ изгледа, лагата со промената на името е направена од „домашни“ душегрижници поради некои лукративни причини.
Претседателот Пендаровски, во недостиг од аргументи, се поставува како месија пратен од Бог да му соопшти на „обичниот народ“ дека сето ова што ни се случува во суштина е логично, само ние „обичните“ не можеме да го разбереме. Претседателот на МАНУ, кој е на листата топ 2 проценти научници во светот, во колумни и интервјуа ги образложува своите погледи и дилеми околу штетноста на Преспанскиот договор и договорот за добрососедство со Бугарија, на многу јасен, концизен и научно поткрепен начин. Сепак, претседателот Пендаровски, во телевизиско интервју без преседан се дрзна да го навреди човекот, како академикот да е уличар, никој и ништо. Тоа го направи од едноставна причина, а таа е немање аргументи да му се спротивстави. Каква хипокризија владее во нашето општество? Затоа, ќе повторам, неписменоста е главен извор на кризата со духот.
Последно во низата бесрамни барања кон Македонија е македонските самосвесни Бугари да се впишат како конститутивен дел од народ во македонскиот устав, во преамбулата. На последниот попис тие изнесуваа cc. 3.500 луѓе. Тие самосвесни Бугари, кои излегуваат по медиуми, не пропуштаат шанса да го негираат постоењето на македонскиот народ како посебен од бугарскиот. Дополнително, секоја ситуација ја користат за искажување говор на омраза кон нас Македонците, кој не се казнува. По која логика, а очигледно „обичниот народ“ не може да ја согледа, претседателот смета дека ова барање треба да се спроведе во Уставот? Зошто некој што очигледно шири омраза кон македонскиот народ да се впише како конститутивен народ?
Понатаму, зошто македонското МНР даде еднострана изјава за објаснување на македонскиот јазик и неговите атрибути доколку ЕУ го прифаќа? Која е поентата да се објаснува нешто за кое Владата тврди дека е неоспорен и прифатен факт од ЕУ? Ако Бугарија дава изјава, зошто и нашата страна дава изјава? Изгледа дека сме условени да ја дадеме оваа изјава и да се ограничиме во просторот и времето. Но, како што би рекол претседателот Пендаровски, оваа работа „обичниот народ“ не ја разбира, јазикот е „бетониран“, но по сѐ изгледа на надгробна плоча. Оваа изјава од МНР го поткопува или, уште пострашно, го брише исказот на академик Блаже Конески дека „јазикот е нашата единствена неподелена татковина“. Сега, со изјавата на МНР, ни забранува и оваа фиктивна неподелена татковина. Сметајте дека следува цензура на едукативната серија „Бушава азбука“.
Претседателот затскриено, а премиерот насилно и очигледно, применуваат проѕирна практика, една очигледна голема лага да ја претстават како вистина, користејќи се со друга лага, која е многу блиска до вистината, но сепак е лага. За среќа, светот не функционира на тој принцип, туку сите лаги на крајот излегуваат на светлото на денот. Лошото секогаш ќе биде лошо, а лагата секогаш ќе биде лага. Не постои мала или голема лага. Така, на пример, фактот дека сме идентитетски обезличени, дека сите нѐ нарекуваат „северномакедонци“, се заменува со тезата дека никој не може да ни забрани како да се декларираме, а сепак ги сменивме сите лични документи, називи на институции, од македонски станаа национални. Кога не бевме членка на НАТО, нѐ лажеа дека ќе пропаднеме и дека промената на името ја правиме за нашата безбедност и опстанок. Еве денес, повторно, ни ја кажуваат истата лага, дека мора да ја прифатиме преговарачката рамка за да имаме безбедност и опстанок, а ЕУ не е воен сојуз. Веќе им нема крај на лагите. Се сеќаваме на ветувањето на премиерот за отворање на македонски културен клуб во Благоевград во Бугарија. До каде е со тоа ветување?
Вчудовидувачки и вџашувачки, со помош на меѓународната заедница, а пред сѐ и над сѐ благодарение на домашни потпомагачи, материјалисти по природа, власта насилно и бесправно ги потпиша договорите со Грција и со Бугарија. Соседите во минатото водеа војни, нѐ окупираа, правеа сѐ целосно да нѐ асимилираат или уништат, но, ете, не успеаја, барем досега. Со последните договори што ги потпишавме, власта ја исполни нивната главна цел, нешто за што тие мечтаеја. Сами се самоукинавме, написмено, на документ со потпис и печат. Соседите ни ја подадоа ортомата со насмевка на лицето, а ние само ја ставивме на вратот и се обесивме. Со филмски жаргон, направено е „совршено злосторство“ без трага.
Корупцијата е толку навлезена во сите пори на општеството, усовршена е до перфекција. Никој, ама баш никој од власта не прави дури ни обид да ја намали, а камоли пак да ја елиминира. Жално, но оваа власт се претвори во олицетворение на злото и материјалната корупција. Нема никаков морален кредибилитет. Немајќи економија, ние финансиски пропаѓаме, сиромаштијата чука во домовите, па како некој зависник од коцка, власта прави распродажба на националните интереси. Се надева дека следната „рака“ ќе ѝ донесе повеќе среќа. Прво ги дадоа името и идентитетот, но не дојдоа инвестиции и пари, сега ги даваа јазикот и историјата, и повторно ни трага ни глас од големите пари што ќе нѐ вратат во живот. Сѐ е гола вода. Провидна приказна за мали деца.
По сѐ горенаведено, се поставува прашањето дали ние, „обичниот народ“, имаме право да очекуваме дека оваа ситуација, крајно песимистичка и без иднина, може да се надмине, пред сѐ за нас Македонците, или ќе исчезнеме во целост? Историјата ни говори дека не треба потполно да се обесхрабруваме. Македонците долго чекале, се бореле со цврст дух и јасни пароли и дочекале да ја видат својата татковина делумно ослободена во 1944 година и на таа територија формирале своја држава. Држава со крв, а не со декрет. Интересите на македонскиот народ, никогаш, па еве и денес, не се поклопуваат во целост со интересите на големите сили. Но едно треба да ни биде јасно на сите, човекот вреди во очите на другите онолку колку што му тежи зборот. Кредибилитетот се гради со работа, со учење, со јак дух, а не со брзи пари, не со материјални добра. Луѓето што се поткупливи, материјални во природата, посилниот противник знае дека секогаш може да ги стави во „џеб“, да ги има под своја команда. Спротивно на нив, луѓето со силен дух и јасни пароли, секогаш ја заслужуваат почитта од посилниот. Тие остануваат во колективната меморија на народот како херои и добродетели.
Совет за во иднина е да не очајуваме, да не се плашиме, треба да сме храбри, и да се бориме. Да не подлегнуваме под притисоци, бидејќи времето работи во корист на праведните и чесните. Да се обединиме околу идејата за Македонија. Македонија да ни биде заеднички именител во сите наши одлуки. Немаме право животите на борците положени на олтарот за слободна Македонија да останат залудно потрошени. Кај и да одиме, Македонија секогаш ќе нѐ прими назад со отворени раце, како мајката што го прифаќа своето чедо. Да ги воспитуваме децата во духот на македонизмот и секаде со гордост да ја носат Македонија во своето срце. На овој начин Македонија ќе остане жив пламен во секого од нас и ќе ни го осветлува патот. Ќе дојде подобро утро, Македонија повторно ќе изроди синови и ќерки родољуби, кои на друг начин ќе ги решат сите овие неправди што во моментов нам ни изгледаат несовладливо. Македонското име нема да загине.
Д-р Филип Здравески
(Авторот е професор на Машински факултет)