Мораме да ги обучиме нашите деца во љубов и почит кон оние работи што ги сметаме за драги и свети во државата. Мора да ги научиме дека патриотизмот не е мртов и не може да умре зашто е највисок израз на жртвувањето за нацијата. Мораме да започнеме да ја менуваме деконструкцијата на македонизмот, потребна ни е усогласена контрареволуција, онаа во која традиционалниот македонски здрав разум е издигнат над поплаките и политичкото обезличување
Проф. Звонимир Јанкулоски
Не можам да разберам зашто е изненадување дека сегашниот премиер свесно го избегнал служењето на воениот рок во турбулентната 2001 година, кога една цела партија конфликтот го помина на безбедно – во Грција. Барем во нешто „државотворната“ партија е чесна, и тоа го призна несудениот нобеловец од Муртино: дека неговата партија кокетирала со патриотизмот и згрешила и дека патриотизмот на неговата партија не ѝ личи. Барем денес нема што да се залажуваме и да бидеме изненадени. Луѓето си држат до зборот. Презирот кон знамето, непочитувањето на националната химна, историјата, културата и нашето минато е сликата на „државотворните“ денес. И оние членови што имаат минимум чувство на љубов кон својата земја го закопале поради срам, плашливост и функција. Затоа лесно е да подлегнеме на цинизмот, кој претпоставува дека верувањето во патриотизмот на оваа власт е наивно и политички несериозно.
Очигледно за „државотворните“ патриотизмот се идентификува со незнаење, заостанатост и глупост. И, секако, национализам. Патриотизмот, кој се толкува како бенигна наклонетост кон сопствената држава, грубо е идентификуван со национализмот, кој е поврзан со ирационална склоност кон насилна идеологија.
Притоа се заборава, секако намерно, дека и двата израза се конструирани од политичките и економски елити што управуваат со општеството, со единствена цел – остварување на нивните политички бенефиции. Да немате дилема. Не може да барате да бидат патриоти политичари што не се способни да промовираат толкувања на минатото и сегашноста, кои ги потиснуваат конкурентските и дестабилизирачки интереси на другите. Не може да барате да бидат патриоти политичари што свесно се обидуваат да го контролираат, или барем се обидуваат да го контролираат претставувањето на минатото и сегашноста, исклучувајќи ги оние аспекти од историјата што можат да понудат конфликтни, па дури и двосмислени толкувања.
Минатото, кое денес ни се нуди филтрирано, е и обликувано за да се претстави временска верзија на идентитетот. Секако онаа повоената, толку посакувана од нашите соседи. Во светот на оваа власт патриотизмот станува заборавен мит каде што посредници ни го обликуваат минатото. Притоа не се нималку загрижени дека без патриотизмот ние сме народ без приказна. А токму самиот национален идентитет зависи од тоа како ја раскажуваме приказната – за нашето минато, нашиот сегашен момент и нашата иднина.
Очигледно дека недостигот од патриотизам кај власта е симптом на болест. Тоа во основа е духовна болест за оние што ја понижуваат и ѝ се потсмеваат на нашата земја. Луѓето во оваа состојба не се нашле случајно на овој начин. Тие се резултат на генерации комунистичко обезличени индивидуи што немаат всадени духовни и патриотски вредности на своите потомци. Законот на жетвата е секогаш вистинит. „Што човек посее, тоа и ќе жнее“. Ние го жнееме „црното семе“ на една изгубена и национално амбивалентна генерација на комунизмот. Затоа патриотизмот не им личи, затоа со леснотија работат на распарчување на ткаенината на нашиот национален идентитет. За нив патриотизмот е одамна мртов; љубовта кон татковината е архаична.
Затоа ништо во „нивната“ држава веќе не се слави. Кога нема што да славите, кога нема да ја одбележувате историјата на Македонија, нема место за патриотизам. За жал, „државотворните“ не веруваат дека Македонија вреди да се сака. Нам „на кои ни нема спас“, што сѐ уште веруваме во патриотизмот, ваквата амбивалентност кон судбината на својата нација ни е разочарувачка и поразителна за државата.
Македонската национална идеја денес свесно се „деконструира“ во некои туѓи наративи, со придружното губење на самодовербата што историски ги проткајува Македонците со заеднички национален идентитет и посветеност на идеалите на борбата за слобода и национална држава. Без патриотизмот, нашата историска и културна ДНК повеќе нема да се пренесува на следните генерации. Народот разбиен од внатрешни несогласувања и сè повеќе лишен од чувството на гордост во сопствената нација е ранлив на надворешно мешање во нејзините национални работи и, на крајот, може да ја нема потребната издржливост за кохезивност во услови на национална криза, или не дај боже нов конфликт како оној од 2001 година. Дали е доцна? Дали можеме да го промениме трендот на рамнодушност кон земјата на нашето раѓање? Повторно да го изградиме патриотизмот на нацијата. Секако дека можеме.
Мораме да ги обучиме нашите деца во љубов и почит кон оние работи што ги сметаме за драги и свети во државата. Мора да ги научиме дека патриотизмот не е мртов и не може да умре зашто е највисок израз на жртвувањето за нацијата. Мораме да започнеме да ја менуваме деконструкцијата на македонизмот, потребна ни е усогласена контрареволуција, онаа во која традиционалниот македонски здрав разум е издигнат над поплаките и политичкото обезличување. Да ѝ ја вратиме гордоста на нацијата со патриотизмот. Зашто на Македонецот му личи патриотизмот. Всушност, отсекогаш му личел.