Како до признаен сертификат

Целиот процес на добивање сертификат е следлив, транспарентен, видлив, непристрасен, компетентен и со негова правилна примена крајните потрошувачи добиваат позитивна слика и сигурност за одредена компанија што ќе се сертифицира. Сето тоа се однесува доколку доследно се испочитува целата постапка, но доколку се работи само за да се добие сертификат, тогаш има тела што ќе ви продадат каков било сертификат прекуноќ

Љупчо Давчев

Многумина се јавуваат и поставуваат прашања, дали со купување на стандардот ИСО 9001 или ИСО 50 001 или ИСО 22301 или кој било стандард од одредена област ги исполнуваат условите за добивање сертификат за таа област. Тоа е исто како да купите книга од Ајнштајн, Бор, Нилс за начинот како тие ја разбираат квантната механика и да се фалите дека со тоа сте го впиле целото тоа знаење, а без да ја прочитате книгата. И ако сте ја прочитале, поради специфичноста и тежината на тоа што е напишано ништо не сте разбрале. Значи да се купи стандард е лесна работа, ИСО 9001 чини 1.331,00 МКД, има 30 страници и може да се купи во електронска форма на голем дел портали. За да се имплементираат тие 30 страници во пракса во одредена компанија, невладина, владина институција…, потребни се време, знаење, искуство и одредена сума финансии. Таа имплементација може да се направи без никакви финансиски издатоци доколку сопственикот на компанија е аудитор или има пријатели со знаење од одредена област што ќе му помогнат околу сето тоа. Но обично тоа го прават приватни консултантски компании и нивната задача е да направат пресек на компанијата, да му ја објаснат на топ-менаџментот важноста (а менаџментот на пониските ешалони), да работат со тимовите поставени од менаџментот на компанијата (посебно со менаџерот за квалитет). Искусните и истренирани консултанти одат точка по точка во содржината на стандардот и детално ги разработуваат барањата. Тие им укажуваат на вработените во компанијата како да ги изработат процедурите, записниците, ризиците, листите, чек-листите, корективните и превентивните мерки…, а понекогаш вршат и обука. Во зависност од големината на организацијата, бројот на локации, бројот на вработени, овој процес може да трае и по неколку месеци и да чини од 800 евра, па нагоре. Така што она парче хартија составено од триесет страници (ИСО 9001) прераснува во купишта податоци или во хартиена верзија може да дојде и до 300 А4-страници. Откако целата поставена задача е извршена, се прават внатрешен аудит и преиспитување на раководството т.е. практично се проверува дали стандардот е правилно имплементиран.

Следниот чекор е сертификација или на некој начин некое тело да потврди (да издаде сертификат) дека барањата во стандардот се имплементирани правилно. Тоа значи дека сертификациските тела врз основа на она што претходно го направиле консултантските тела заедно со вработените од компанијата вршат аудит (оценка). На вакви аудити обично одат по двајца аудитори (од кои еден главен аудитор со сертификат и искуство за водечки оценувач), може да има плус и експерти и ја проверуваат целата постапка на самото место. Ги споредуваат барањата од стандардот и она што е направено. Обично ваков аудит трае два дена на самото место за помали компании. Но претходните подготовки, како и запишувањата на недоследностите, состаноците и записниците пред и по аудитот носат уште два дена. Тоа значи дека двајца аудитори по четири дена се осум аудит дена и се смета во часови и е еден од клучните фактори на обликување на цената. Цената што сертификациското тело ја наплаќа, ја вклучува и цената на самиот сертификат со логото, но исто така цената зависи и од тоа дали сертификатот ќе трае една година или како што е вообичаено еден тригодишен циклус, а секоја година сертификациското тело прави еден вид контрола. Обично тука се прават манипулации при јавните набавки, односно се бара сертификат, а не се спомнува за колкав период, па обично добива оној со пониска цена без разлика дали важноста на сертификатот е една или три години.

Во зависност од големината на организацијата, бројот на локации, бројот на вработени, овој процес може да трае и по неколку месеци и да чини од 1.000 евра, па нагоре. Доколку нема некои клучни недоследности, компанијата добива сертификат дека е сертифицирана по тој и тој стандард. Строго е забрането исто тело да дава и сертификациски и консултантски услуги. Врз основа на сето горе искажано, за консултантски услуги и сертификациски услуги се потребни најмалку 1.800 евра за мали компании, но за големи компании со повеќе локации тоа може да чини и неколку десетици илјади евра, а ако се вршат одредени тестирања, испитувања, тогаш и до неколку стотици илјади евра.

За да може сертификациското тело да работи веродостојно треба да биде надгледувано, т.е. некој треба да види дали ги исполнува условите што се дадени во друг стандард (за ИСО 9001 тоа е ИСО 17021), а се однесува на истоветната област. Е тоа го прави телото за акредитација, и тоа тело прави независна евалуација на телата за оцена на сообразност (такво тело е телото за сертификација) во однос на признаените стандарди за извршување специфични активности за да се обезбеди нивната непристрасност и компетентност. Преку примената на националните и меѓународните стандарди, Владата, набавувачите и потрошувачите можат да имаат доверба во резултатите од калибрацијата и тестовите, извештаите од инспекцијата и доставените сертификати. Тие одат од точка до точка по одредениот стандард, ги гледаат перформансите на сертификациското тело, начинот на работа и финансирање, сите потребни правилници, процедури, записници и одат на терен да видат како работи тоа тело во контакт со заинтересирана компанија. Ако е сѐ во ред, тогаш им издаваат некаков тип сертификат / уверение дека се акредитирани по тој и тој стандард, за тој и тој код. И тука не завршува целата постапка. Некој треба да надгледува дали добро работи телото за акредитација. Телото за акредитација на матичната држава е дел од ЕА (зборуваме за европски земји). ЕА е здружение на национални тела за акредитација во Европа, формирано во 1997 година, кое се официјално признаено од нивните национални влади да ги процени и акредитира (врз основа на стандарди) организациите што вршат услуги за оцена на сообразност. Исто така, ЕА обезбедува рамка за заемно признавање на резултатите на акредитирана оцена на сообразност заедно со Форумот на Меѓународната акредитација (ИАФ) и Меѓународната организација за тела за акредитација (ИЛАЦ) на глобално ниво. Многу важен договор е Мултилатералниот договор (ЕА МЛА), кој е потпишан договор помеѓу членките на ЕА, со кој потписниците ја препознаваат и прифаќаат еквивалентноста на системите за акредитација управувани од членовите потписнички. ЕА МЛА го обезбедува европскиот пазар со мрежа на тела за оцена на сообразност, кои се надлежни во рамките на нивниот делокруг на акредитација за издавање сигурни и веродостојни изјави за сообразност за производите и услуги, со што се намалуваат трошоците. За да може да работи телото за акредитација мора да има правила, и тие правила се исти насекаде низ светот. Дел од тие правила (но најбитните) се запишани во стандарди, и тоа:
– за производи, стандардот ЕН ИСО/ИЕЦ (EN ISO/IEC) 17065;
– за менаџмент на системи, стандардот ЕН ИСО/ИЕЦ 17021;
– за лаборатории, стандардот ЕН ИСО/ИЕЦ 17025;
– за медицински тест лаборатории ЕН ИСО/ИЕЦ 15189;
– …
Сево ова покажува дека целиот процес на добивање сертификат е следлив, транспарентен, видлив, непристрасен, компетентен и со негова правилна примена крајните потрошувачи добиваат позитивна слика и сигурност за одредена компанија што ќе се сертифицира. Сето тоа се однесува доколку доследно се испочитува целата постапка, но доколку се работи само за да се добие сертификат, тогаш има тела што ќе ви продадат каков било сертификат прекуноќ. Но не е тоа поентата.

(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетско машинство)