Државата е и морално и правно должна да води сметка за достоинството на своите граѓани, да го чува нивното достоинство и дома и надвор од своите граници. Достоинствена држава (држава со достоинство) не дозволува да биде раскринкана, клекната на коленици, со свиткан ’рбет, урнисана и легната на земја. Достоинството на државата е сеизмографот што ја покажува нејзината стабилност, а недостигот од него е индикаторот за нејзината слабост, ранливост и ронливост
Уште пред две и пол илјади години кинескиот филозоф Конфуциј (Конфучие) меѓу многуте мудри изреки ја кажал и таа дека „благородниот човек е достоинствен, но не е горд. Простакот е горд, ама не е достоинствен“.
Една друга источна поговорка објаснува дека „најтажната работа на светот не е сиромаштијата. Најтажно е губењето на достоинството. Човека најлесно можеш да го уништиш ако му го урнеш достоинството“.
„Бидете горди – бранете го своето достоинство“, е една од главните морални поуки за човекот.
Наведените три цитати иако се однесуваат на човекот – поединецот, без никакво сомневање, може да важат и за достоинството на еден народ или за некоја држава. Тие може да послужат како поука за македонските актуелни политичари, кои се вплеткани во новосоздадениот Гордиев јазол заврзан со договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија (со тогашно вистинско име) и Република Бугарија.
Договорот од август 2017, кој при самото потпишување беше оценет и пофален како ставање крај на историските недоразбирања меѓу двете држави, всушност го чукна гонгот за почеток на губење на достоинството на македонската држава и македонскиот народ во неа. Од него се изродија провокации, навреди, уцени, ултиматуми, до непризнавање на идентитет, историја, јазик и писмо. Она што за Македонија претставуваше национален камен-темелник, по потпишувањето на договорот Бугарите сакаат да го раздробат во песок.
Додека македонските власти пет години летаат на крилјата на вознесот и на сопствените заблуди, Бугарија умешно, практично и реално ја користи секоја пригода да го урне достоинството на државата и да го испровоцира гневот на народот во нејзина корист. Бугарските искусни, итри, дури и дрски политичари и дипломати ги ставија во дланка своите македонски таканаречени колеги. Ги вртат на малиот прст.
За таквата ситуација сведочи и последниот случај со кафеанската тепачка во Охрид. Кафеански тепачки во Скопје и во Македонија има секој ден, не само по една, дури и на национална основа. Македонци со Албанци, Албанци со Турци, Македонци со Срби. Полни се порталите со такви вести. Иако иницијалите што се објавуваат ги кријат официјалните идентитети, секој и помалку писмен човек разбира за каква пресметка станува збор. Која било од тие тепачки, ако се сака, може да се подведе под националистичка пресметка и под „излив на омраза“ и да се крене голема врева, како што се крена за инцидентот во Охрид.
Се крена врева со намера. Со намера влакното стана ортома.
Намерата е Македонија повторно да се стави на срамен крст.
Немил настан за Македонија, мил за Бугарија. Ќе прави источниот ни сосед вакви заседи и во иднина, не грижете се. Потоа ќе напаѓа. А ќе има, ќе има повремено и француски бакнежи од двете страни. Во таа страсна врска ништо не треба да се исклучи.
Само наивните може да мислат дека целата оваа охридијада е игра на братска љубов и случајности. Максималното пропагандно користење на најмалите поводи, на најобичните вербални или физички инциденти е осмислена бугарска државно-дипломатска и правна стратегија. Светлосната брзина со која реагираа по тој инцидент, авионите што ги кренаа во воздух за помош на тој пациентот, мерките што ги презедоа, постапките што ги направија јасно покажуваат дека зад решавањето на прашањето на статусот на македонските Бугари стојат една силна државна и една посилна парадржавна организација.
Македонските неуки власти повторно, којзнае по кој пат, се фатени во стапица. Пред очи им го украдоа нивниот граѓанин, го качија на авион без царински и други контроли и веднаш го исплодија во јаболко на раздорот. Има Бугарија вековно искуство со таквите кидап-афери. Таму уште владеат оние обучени во СССР, во КГБ.
На македонските власти како бумеранг им се враќаат возгордеаноста, заслепеноста и глувоста за гласот на мнозинството од народот. Губејќи го постепено, од случај до случај, личното, политичкото, националното и државотворното достоинство се прпелкаат во лавиринтите на бугарскиот и европскиот аквариум, во кој големите риби ги јадат малите и неотпорните, оние што покажуваат слабост.
Иако вербално македонската стратегија формално беше заснована на темелите дека со Бугарија нема да се прифатат недостоинствени решенија, решенија што го уриваат националното достоинство на Македонија и Македонците, сепак, во реалноста недостоинствено го прифатија како преговарачки систем. Како што беше лицемерството за името со Грција така е сега со Бугарија по низа прашања.
Што ни открија тие два таканаречени „историски договори“?
Ни покажаа дека секоја наметната и принудна мерка, секое насилно решение спротивно на волјата на мнозинството е напад на достоинството и честа, не само на државата туку и на достоинството на секој поединец, на секој граѓанин во неа. Секој нормален човек срамот на власта си го чувствува и како свој срам, нејзината неспособност како своја немоќ.
Државата е и морално и правно должна да води сметка за достоинството на своите граѓани, да го чува нивното достоинство и дома и надвор од своите граници. Достоинствена држава (држава со достоинство) не дозволува да биде раскринкана, клекната на коленици, со свиткан ’рбет, урнисана и легната на земја. Достоинството на државата е сеизмографот што ја покажува нејзината стабилност, а недостигот од него е индикаторот за нејзината слабост, ранливост и ронливост.
Како што човекот има образ, така и државата има образ – лик, слика, изглед, свој специфичен говор, препознатлив тон. Да имаш образ, да ги зачуваш образот и добриот глас истовремено значи да го имаш и да го чуваш достоинството, да имаш карактер, нужна самопочит, чест и гордост како нација, како народ. Тие се атрибути за национална идентификација за една слободна, демократска и независна држава. Ако и нив ги нема, ако и тие се подзаборават, се избришат, се посрамотат или бидат жртвувани за некакви нејасни политички или партиски цели, тешко дека таквата земја ќе се запише на која било мапа на вистинските држави. Држава без име, без јазик, без идентитет, без историја, култура, традиција и обичаи, држава без достоинство и без образ ќе биде или лажна или вештачка, а со самото тоа и краткотрајна.
П.С. Во контекстот на најновиот развој на односите меѓу Македонија и Бугарија, интересно е да се припомнат неколку работи поврзани со политичарите и медиумите. Имено, сите новинари и медиуми (вклучувајќи го или ставајќи го на прво место весникот „Нова Македонија“) што предупредуваа дека следуваат од бугарска страна не баш позитивни чекори за остварување на договорот и на таканаречениот француски предлог, на еден или друг начин, беа оквалификувани како противници на тој договор. Иако тие новинари, аналитичари, други граѓани укажуваа на можни сериозни провокации од бугарска страна, македонските власти не покажуваа ни грам внимателност кон тие предупредувања.
Останува надежта дека по охридската трубадурска случка, истата власт или некоја друга ќе извлече соодветни поуки. И дека отсега, по попарувањето од жешкото млеко, ќе треба да дува и на матеницата.