Историски исчекор на ЕУ за прием на нови членки

ЕУ мора да го закотви Западен Балкан во европското семејство, на кое тој
му припаѓа географски, историски и културно

Руската воена акција во Украина ја потресе Европската Унија (ЕУ), забрзувајќи ја нејзината еволуција во полноправна суверена политичка сила, дополнувајќи ја нејзината постојна економска сила. Унијата стана помоќна низ неколку кризи. „Економската Европа“ прерасна во силна и стабилна единствена валута, со што девалвациите од ерата на системите на флексибилни девизни курсеви остана во далечно сеќавање. Од кризата на суверениот долг во еврозоната, блокот исто така ги зајакна својот финансиски систем и монетарни алатки.
Во поново време, како одговор на пандемијата на ковид-19, ЕУ разви конвергентни економски структури и заеднички буџетски капацитет. Исто така, го обедини купувањето вакцини и ги постави темелите за „Европа во заштита на здравјето“. И сега, како одговор на руската воена операција во Украина, покрај брзото спроведување на санкциите против Москва, ЕУ презема конкретни активности во четири области.
Првата област ја опфаќа „одбраната на Европа“. Во неа, Унијата добива нова димензија во одбраната. По самитот во Версај во март, ЕУ почна да ги зајакнува, унапредува и координира националните и европските инвестиции во одбранбените капацитети. Исто така, воспостави заеднички финансиски иницијативи, како што се Европскиот фонд за одбрана и новата организациска структура за одговор на сајбер-ризиците. Референдумското гласање во јуни за приклучување на Данска во европската одбранбена политика е знак за оваа забрзана динамика.
Втората област е „Европа на индустриски суверенитет“, која ќе се фокусира на развој на енергетскиот и индустрискиот сектор, како и на дигиталната технологија. Во наредните месеци, Европа ќе продолжи драстично да ја намалува својата енергетска зависност од Русија преку координирани заштеди на енергија, како што беше одобрено од Европскиот совет на крајот на јули, ќе ги прошири снабдувањето и механизмите за солидарност врз основа на енергетските потреби на секоја земја-членка. Тоа ќе даде простор идејата за енергетската унија да стане реалност. Но тоа е само почеток. Стратегијата за забрзана енергетска транзиција, усвоена во јуни, ќе биде клучна во гаранциите дека европскиот енергетски суверенитет ќе се воспостави на одржлива основа.

Понатаму, делумно благодарение на „Следната генерација на ЕУ“, програмата за финансирање од 750 милијарди евра започната во пресрет на кризата со ковид-19, европските програми исто така градат силни капацитети во областите на дигиталната технологија, здравјето, водородот и полупроводниците. За да се помогне во поддршката на големите инвестиции потребни во овие одбранбени и индустриски планови, треба да се развијат фискалните правила на ЕУ, како што тврдеа во декември италијанскиот премиер Марио Драги и францускиот претседател Емануел Макрон.
Третата област е „Европа на демократијата“. ЕУ ќе продолжи да го афирмира својот идентитет како демократска сила силно закотвена во владеењето на правото. Нема и ниту ќе има некаков компромис или ќе им се попушта на оние во и надвор од Европа што се обидуваат да ги попречат слободата и интегритетот на европските изборни процеси, независните и непристрасни правни системи или борбата против корупцијата.
На крајот, тука е и „Европа како геополитичка сила“. ЕУ мора да стане сидро на стабилноста на европскиот континент како целина. Во тој контекст треба да го разбереме историскиот чекор за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија, признавањето на европската перспектива на Грузија, како и отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија. ЕУ мора да го закотви Западен Балкан во европското семејство, на кое тој му припаѓа географски, историски и културно.

Не сме наивни. Знаеме дека ЕУ мора да се реформира за да може ефикасно и ефективно да работи во пошироката Европа. Ова се однесува на институционалното управување, како и на донесување одлуки, како што е преиспитување на правилото за едногласност и гласање со квалификувано мнозинство во одредени области од заедничката европска безбедносна политика или во даночни прашања. Ова е целта на Европската политичка заедница предложена од Макрон: да се консолидира европската стабилност преку соработка за прашања од надворешната политика и безбедност и меѓусебните врски во трговијата, истражувањето и образованието.
Жан Моне, еден од првобитните архитекти на европската интеграција, славно рече: „Европа ќе се гради во кризи и ќе биде збир од решенијата усвоени за тие кризи“. Нападот на Русија врз Украина и европските вредности ја направија трансформацијата на Европа во светска политичка сила итен колективен приоритет за сите нас.

Автор: Лоренс Бун, француска министерка за европски прашања

(„Фајненшел тајмс“)