- Во овој изборно-„френетичен“ транс на демократијата, ѓубрето од височина до први кат може да се качи до третиот. Мачките ги кинат ќесињата, па ѓубрето е „на прошетка“ низ улиците и тротоарите. Вашите деца го газат и го носат дома. Вие го носите дома. Чистите многу, знам, ама бактериите се сместени. Епидемијата е влезена во вас. Инфицирани сте. Инкубирани сте. Одговорните – градоначалници, министри, доктори, санитарна инспекција, комуналци, агенции… сите се изборно хипнотизирани
Овој наслов е алузија на прочуениот филм „Апокалипса сега“ од фамозниот Френсис Форд Копола. Значи, кога почнуваме да зборуваме за епидемија, таа е – сега. Повторно сме на исто – ѓубре, па ѓубре, па ѓубре. Епидемиолозите и бактериолози Даниловски и Пановски стручно и јасно укажаа на опасностите од размножување на глувци и стаорци и дека над 35 болести може да се појават поради нив. Ако велат „може“ значи „тука се“, спиете врз нив… Еден американски историчар, Питер Торнсхајм, напишал книга како може ѓубрето да се користи како оружје. Значи – наоружани сме. Тоа се вика биолошка војна. Интересно. И минатиот пат зборувавме за тоа. Во нашето маало се појавија огромни стаорци, ни влегоа и во куќа… Големи количества отров ни требаа за да ги отстраниме. Ама тие не се уништени – тие секој ден може да се вратат. Видов како преку гранките на дрвјата влегуваат во покривот, а и преку прозорец. Да спомнам дека тоа е само на стотина метри од претседателската куќа. А што станува во центар? Во еден полски роман прочитав дека рој гладни стаорци изеле човек, како пирани. Тоа се случува често во Африка и Азија, а за змиите овој пат не зборувам.
Не чувајте бебиња близу до ѓубрето. Како што рекоа експертите, болестите поврзани со глувци и стаорци се пренесуваат со угриз, или урина и фецес, па во храна, па во фрижидер. Може на лименка да се налепат – значи може и на флаши, чаши, чинии итн. Што правиме со кафеаните? Што правиме со пазарите? А хотелите, а парите? Може да се пренесуваат и преку воздух! – Колку да знаете. Популарно – тоа се болести на мозокот, белите дробови, бубрезите, цревата и слезинката, но може да биде нападнат секој орган и да бидат смртоносни.
Организмите се бактерии (најчесто), спирохети, вируси, протозои и глисти. Во овој изборно-„френетичен“ транс на демократијата, ѓубрето од височина до први кат може да се качи до третиот. Мачките ги кинат ќесињата, па ѓубрето е „на прошетка“ низ улиците и тротоарите. Вашите деца го газат и го носат дома. Вие го носите дома. Чистите многу, знам, ама бактериите се сместени. Епидемијата е влезена во вас. Инфицирани сте. Инкубирани сте. Одговорните – градоначалници, министри, доктори, санитарна инспекција, комуналци, агенции… сите се изборно хипнотизирани. Се сомневам може и мизофиличари да бидат, би рекол – термин за некој што ужива и се возбудува од валканост, зар не? Шампион во ѓубре-оранжирање е Клиничкиот центар. Не е само сега – тоа е 30 години. Дискутиравме. Доктори од странство тоа го нарекуваат „масовно убиство на пациенти“.
Уво не ги боли тие што треба. Ааааа… ќе заборавев – и околу Собранието има купишта ѓубре – поминував пред некој ден. Пред три-четири години ја раскопуваа канализацијата во Клиничкиот центар и знаете ли што се најдоа? – Хируршки инструменти, шприцеви, ракавици, униформи и чаршафи! Можно ли е? – Е па, ете. Интересно – она што Канал 5 го прикажа во одлична емисија под Камени мост, на англиски јазик, се вика исто како чаршаф („шит“). Значи, цела нација ја покриваат со чаршафи. Во нашето маало „господата“ шетаат кучиња и уживаат да ви пласираат кучешки чаршафи пред врата. Намерно! Значи не се само министрите со цефаличен синдром – веројатно тоа иде на цело население. Ееееееј – пред некој ден видов фрлен кондом на асфалтот. Со месеци коли и камиони проаѓале преку него и не успеале да го скинат – браво бе, произведуваме суперцврсти кондоми. Одамна не сум ги видел така фрлени на улица – порано ги имаше со купишта. Тоа е знак дека младиот свет си оди од тука или, пак, – имаме недостиг од љубов.
Дали увезуваме ѓубре? Тоа е добар бизнис. Ууууфф… жива вакцина. Ако и бегалци примиме, ќе имаме и гига-чаршафи (како што беа оние во Стенковец во текот на војната). Бидејќи толкаво гига-количество ѓубре тешко ќе можат да го исчистат службите – ете предлагам да се ангажира војската. А вонредна состојба да се воведе?… Ех бре, заборавив дека не сме имале закон за вонредни состојби. И така, само армијата може да се справи со такви количества отпад. За таа работа ќе бидат потребни можеби стотина камиони, а не само шест како што прикажаа на вестите. Во време на титоизмот имаше и армија и разни работни акции, па направивме магистрали, пруги, го чистеа Скопје при земјотресот, ама сега во „либерализмот“, „маркетизмот“ или „суверенизмот“ (бре-бре-бре што сме авангардни) станавме пу-пу-господа, па такво чистење не ни прилега! Некој на ТВ предложи и да се купат автоклави и системи за процесирање на ѓубрето (зборевме минатиот пат). Одлична идеја. И артифициелна интелигенција може да примениме. Идни градоначалници – послушајте – знаеме дека ќе направите „рај на земјата“, чуда, Ајфелови кули, летачки возила, космичко метро ќе направите, и Катар и Неом ќе ги „шишнете“, па во Европа „ќе нѐ молат да влеземе“, нови закони ќе фрчат како торнада – земја се дрма, најмногу нови закони во светот – Француската револуција е „турска серија“ за вас, па и царот Али го „дрибнавте“ (машала, машала…), Европа ќе се стресе од нашиот футуризам!, Бугарите ќе пукнат од мака…. не дај боже некој да се самоубие од завист кон вашата грандиозност… ама ајде, средете го ѓубрето – ѓубренцето на мама! Граѓаните ве молат! Пациентите ве молат! Старците ве молат! Бебињата ве молат! Вашите внуци ве молат! Ајде, ајде – граѓаните чекаат и чекаат и чекаат…
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио

































