Ѓорѓи од Лихнидос, топчијата во испреплетената историја

Ѓорѓи е првиот Македонец што стапнал на почвата на Америка во 1492 година заедно со Кристифор Колумбо, но тој податок нашата од скоро пишувана историја сѐ уште не го детектира и го држи настрана

Млад докторанд на престижниот универзитет „Принстон“, по трагата на пештерски цртеж во Средна Америка, на кој е претставен долгокос маж што излегува од морето со топ што фрла пламен, под рака, го открива идентитетот од преписката на шпанска принцеза со нејзината братучетка во австроунгарскиот двор.
Во едно од своите писма ѝ пишува како ѝ фатил око висок личен морнар со долга руса коса. Пред насобраниот народ во пристаништето во Севилја, тој е претставен како главен оружар на бродовите на Кристифор Колумбо. На испраќањето на бродовите присуствува и кралското семејство, меѓу нив и младата шпанска принцеза, која го бендисала топчијата и го запомнила како Ѓорѓи од Лихнидос.
Значи Ѓорѓи од Лихнидос, а не Драган како што милуваат да го нарекуваат (и присвојуваат) извесни креатори на историско-митолошки конструкти во соседството. А Охрид отсекогаш, фала богу и денес, е македонски и само македонски град. Ѓорѓи е првиот Македонец што стапнал на почвата на Америка во 1492 година заедно со Кристифор Колумбо, а тој податок нашата од скоро пишувана историја сѐ уште не го детектира и го држи настрана. Но во ерата на информатичката експанзија, многу приказни пловат низ етерот, се вкрстуваат и допираат на лабавите струни во нашите кревки информациски тела. Тоа ни овозможува благо да изромантизираме, истражуваме и да конституираме сопствен историско-митолошки дискурс.
Од каде и како Ѓорѓи стигнува во Шпанија. Според американски истражувања, постојат две толкувања. Според едното, Ѓорѓи бил религиозен еретик од Македонија што прогонет бега во Шпанија. Таму е пронајден и осуден на смрт. Од клада го спасува Колумбо и подоцна го регрутира на својот брод. Стандарден филмски стереотип. Според втората можна варијанта, уште како мал, откако Охрид паднал во рацете на Турците, неговото семејство се сели во Шпанија. Таму тој изградил брилијантна кариера во армијата и станал омилен и во шпанската круна. Така стигнал и во посадата на Колумбо. Според трета романтична варијанта на мојот пријател Кире Тренчески, во времето многу охриѓани гурбетувале и учествувале во пиратски авантури во водите во зоната околу Отранскиот Теснец. Ѓорги станал легенда на Медитеранот, па што поради храброста, што поради морнарското искуство, бил добредојден и во посадата на Кристифор Колумбо. Подоцна, по освојувањето со Колумбо, тој формирал и своја експедиција и пловел до денешна Панама, до Венецуела – која ја нарекол според нему омилената Венеција итн.

И сега еве сме на почетокот – кој и чиј е Ѓорѓи, и дали е вклучен во договорот за општата заедничка „преплетена“ историја од 2017 г., за што како држава имаме преземено обврска. Дали за етничкиот Македонец Ѓорѓи – алиас Драган, има место во „преплетената историја“, „споделена историја“? Повторно во зоната на пресметка со фактите, митологемите, стварноста, фактите како став, сѐ во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс. Дали е Ѓорѓи навистина тој самиот или е Драган од некогашен нечиј Охрид?
Битката за Македонија започната во далечната 1870 година, продолжува и од историски план се проширува во зоната на митовите и легендите. Свесно и смислено посегање и буричкање низ историските, фолклорните и други ризници се дел од стратегијата за континуирано разнебитување на македонскиот идентитет. Рационално, на прв поглед, неразбирливите нови координирани негации на македонскиот народ и држава, кои сега синхроно ги прават соседите, се знак за предупредување до меѓународните релевантни фактори, но и мотив повеќе како ние да се справиме и да градиме стратегијата за „одбрана“.
Предлог до Обединетата македонска дијаспора: иницијатива, проект за изградба на споменик на Ѓорѓи во родниот Охрид, за да не ризикуваме во Европа да биде окарактеризирано како проширување на антиквизацијата, а од домашната јавност како трошење средства за споменици. Покрај Охридско Езеро, покрај светите Климент и Наум, нека никне и споменик на храбриот морепловец, на кого предците и потомците на македонските Американци би биле горди и што ќе означува мост меѓу старата и новата татковина. А ние овде на Балканот ќе се поклонуваме и ќе го водиме, славиме и претставуваме како човек на светот. Ѓорѓи од Лихнидос го заслужува тоа.

Аљоша Симјановски