Дали палатата Берламон ќе го оправда сопственото прогласување за „геополитичка европска комисија“? Тогаш новоименуваната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го прогласи сопствениот состав на клучното европско тело за „геополитичка комисија“. Навидум тоа е крупна промена затоа што комисијата и нема намена да биде извршно тело, „европска влада“ како што милуваат да ја нарекуваат во медиумите низ Европа. Срцевината на европскиот проект и натаму останува единствениот пазар, тој прв и клучен столб на Европската Унија, а Европската комисија е едноставно регулатор на пазарот. Меѓутоа, тоа нималку не изгледа привлечно („секси“ како што би рекол Зоран Заев), па затоа е поинтересно да се даде своевидна политичка ѕвездена прашина околу институцијата што ја предводите.
Во суштина, идејата на претседателката на ЕК е одлична. Европската геополитика претрпе пресериозни удари во изминативе години. Сè започна уште со фамозниот француски референдум од 2005 година (претходно холандскиот плебисцит) со кој се погреба уставот на федерализираната Европската Унија, а кулминација беше британското изјаснување за излез од Унијата од 2016 година, популарно наречениот брегзит. Иако во меѓувреме ЕУ успеа да преброди пресериозен предизвик со должничката криза, особено кога грчката економија беше доведена на самиот раб на банкротот. Деновиве медиумите објавија дека Грција го повратила својот инвестициски рејтинг, нешто што Македонија никогаш го немала, па тоа сведочи за моќта на Унијата за продолжување, продлабочување и проширување на европскиот проект. Самиот факт дека земјите од Западен Балкан и трите постсоветски земји од поранешното Источно партнерство бараат влез во ЕУ како полноправни членки, зборува дека Унијата сè уште има огромна привлечна моќ.
Меѓутоа, геополитиката на ЕУ сега е предизвикана и од двете војни во Украина и во Газа, каде што улогата на Унијата е очигледно второстепена. За жал, справувањето со последиците од овие два судира повторно ќе падне на грбот на ЕУ, како во обновата на Украина и на Газа, така и во поддршката за кое било мировно решение што ќе следува по заклучувањето на двата судира.
Единствената точка каде што ЕУ може геополитички сериозно да поентира останува Западен Балкан, но тука се судираме со друг комплекс прашања. Очигледно нема интерес за натамошно проширување кај земјите од јадрената Европа, без претходна темелна реформа на Унијата, со други зборови, без федерализација на ЕУ. Прашање е дали, кога и како ќе се спроведе оваа и ваква реформа. Имајќи го предвид тоа, стратезите во ЕУ предлагаат некаков меѓучекор за земјите од Западен Балкан што ќе подразбира влез во единствениот пазар, самото срце на ЕУ и единствена точка каде што се среќаваат националните интереси на сите земји членки. Урсула фон дер Лајен, како претходно на Глобсек во Братислава, така и при блиц-посетата на Балканот, спомна некаков „фазен влез“ на земјите од Западен Балкан во единствениот пазар, веројатно со целосен влез на единствениот пазар за стоки, капитал и дигитални услуги, нејасен е планот за преостанатите услуги, а ништо не се спомнува за слободното движење на луѓе. Овој фазен влез е далеку помалку отколку што е потребно за трајно закотвување на земјите во ЕУ, но би било добро и тоа да се понуди со јасен план. Неколку државници од Западен Балкан излегоа и со барање за итен пристап на земјите од регионот кон структурните и кон кохезивните фондови на ЕУ, уште пред членството. За жал, нема интерес за таков пробив и затоа разочара планот од дополнителни 6 милијарди евра, кој е многу пократок од основните потреби. Се спомнува и идејата земјите од Западен Балкан, но и трите постсоветски земји, да добијат веднаш делегати во Европскиот парламент, по можност уште во следниот состав. Тоа ќе значи многу на симболички план, но далеку посуштински е да дојде до интеграција на земјите во единствениот пазар.
Што треба да бараат Македонија и другите земји од Западен Балкан како резултат на декемврискиот совет на Европската Унија?
Целосна интеграција на една европска земја во западните структури значи пат каде што првата станица е прием во Советот на Европа, потоа влез во НАТО, интеграција на економијата во единствениот пазар (како полноправна членка на ЕУ, дел од Европскиот економски простор или со билатерални договори, како Швајцарија), вклучување во шенгенскиот простор, воведување на еврото како валута, а на крајот и станување земја членка на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Во нашето непосредно соседство единствено Грција го има изодено целиот овој пат, на Хрватска ѝ преостана уште влез во ОЕЦД, Бугарија и Романија заглавија при влезот во шенген-просторот, а сите ние од Западен Балкан сме во некоја небиднина на вечен лет во место пред портите на единствениот пазар. Токму јасен регионален повик кон ЕУ за итен влез на сите земји од Западен Балкан во единствениот пазар, но и барање одредници за шенген, за воведување на еврото и некакво придружно членство во ОЕЦД, ќе го изложи патоказот на регионот кон полна западна интеграција.
Отсуството на јасен европски план за целосна западна интеграција на Западен Балкан го пополнуваат Соединетите Американски Држави. САД ќе инсистираат Киев да добие јасна европска перспектива, а по можност на брза лента, како дел од мировниот план по крајот на судирите во Украина. Европската интеграција на Украина може трајно да ја врзе оваа несреќна земја во западните институции, што би била некаква „утешна награда“ доколку не биде можно тие да влезат во НАТО. Сепак, за да се стави тоа маса, ќе мора да бидат надминати сите точки што ја кочат интеграцијата и на Западен Балкан и на трите постсоветски земји од поранешното Источно партнерство кон ЕУ. Во тој збир се косовско-српскиот јазол, уставните измени во Македонија и внатрешните реформи на уставниот поредок во БиХ. Притисокот кон сите овие земји и по сите наведени точки ќе продолжи, а САД ќе го предводат како водечка земја од западниот свет. Покрај овие три прашања, се јави уште еден проблем со грчко-албанскиот судир околу статусот на новоизбраниот градоначалник на Химара. Ќе видиме дали некои од овие прашања ќе се надминат до самитот.
Најверојатно сценарио од декемврискиот совет ќе биде за Македонија да се потврдат извештаите на „геополитичката“ европска комисија од пакетот за проширување, да се усвои некаква мапа за „фазен влез“ на сите земји во единствениот пазар, како и да се поддржи планот од дополнителни шест милијарди евра за Западен Балкан за идните шест години. Идеално сценарио би било да се излезе со јасен патоказ за итен влез на сите земји од Западен Балкан во единствениот пазар, како составни земји членки, да се отворат структурните и кохезивните фондови на Унијата за земјите од регионот, како и да се забрза политичката интеграција на тие држави преку овозможување избор на делегација во Европскиот парламент. Најголемо разочарување, пак, би било да не се случи ништо, како во изгубената деценија од 2010-тите (хрватскиот исклучок не го потврдува правилото дека ЕУ продолжува со проширување, туку само предизвика непотребен наплив на теории на заговор и фрустрации во преостанатиот дел од заборавениот регион).
Пред цели 18 години, едно студено декемвриско утро кога Македонија осамна со многу снег, Тони Блер објави дека Македонија станала земја кандидат за членство. Тогаш сметавме дека брзо ќе ја стигнеме Хрватска во нејзиниот европски поход, па дека заедно ќе влеземе во Унијата, некаде во 2010 (дури и се навредувавме кога беше спомнувана 2012 година). Во меѓувреме не се случи ништо… Хрватска влезе во ЕУ, Црна Гора и Србија започнаа преговори (кои, исто така, никаде не одат), а сега друштвото во чекалницата ни се зголеми со уште три нови земји. Декемврискиот совет на ЕУ може да биде вододелница, а може да биде уште една типична бриселска епизода на пумпање огромни очекувања што кулминираат со едно големо ништо. Резултатот од самитот ќе го даде и одговорот дали Европската комисија е геополитичка или, пак, ништо посебно.
Автор: Ивица Боцевски