Економски придобивки од примена на стандардите

Беспредметно е ако цело време се објаснуваат значењето и придобивките од примена на доброволните стандарди и ако не се покаже како дејствува тоа во пракса, и тоа од повеќе аспекти – економски, еколошки, стратегиски, ергономски… Дека правилната примена, изработка и усвојување на стандардите е една од најжешките теми говори податокот дека Германија од 1отсто до 1,3 отсто од учеството на својот БДП го засновува токму на стандардите. Во оваа колумна ќе се обидам да навлезам во делот на економските придобивки со повеќе примери.
ИСО (меѓународната организација за стандардизација) разви своја сопствена методологија за процена и мерење на економските придобивки од стандардите (ИСО-методологија), со поддршка на „Роланд Бергер стратеџи консалтантс“. Целта е да се измерат влијанијата (во случајов микровлијанијата, но може да се прошири и на цел индустриски сектор) на стандардите врз различни типови организации и поедноставно споредувањето на резултатите од оценувањето. Иако ИСО ја развила оваа методологија, таа може да се примени не само на ИСО-стандарди туку и на европски, македонски т.е. на сите стандарди.
Основата околу која се гради оваа методологија е синџирот на вредности, во кој се дели работењето на компанијата во голем број поситни клучни деловни функции, кои, пак, групираат одредени активности. Постојат четири клучни чекори, и тоа:

Чекор 1: Разбирање на синџирот на вредност. Првиот чекор е да се позиционира компанијата во контекст на поширок синџир на вредност на индустријата, а потоа да се подели синџирот на вредност на компанијата за да се разберат нејзините клучни деловни процеси и неговите основни активности за додавање вредност.

Чекор 2: Идентификување на влијанијата на стандардите. Одредување на деловните функции и активности во синџирот на вредност на компанијата каде што стандардите играат значајна улога.

Чекор 3: Анализирање на двигателите на вредноста (клучни организациски способности што ѝ даваат на компанија конкурентна предност и одредување на оперативните индикатори (поврзани мерливи количества со активности на компанијата што покажуваат подобрување или деградација на перформанси). Овој чекор ги анализира двигателите на вредноста на компанијата (т.е. нејзината конкурентна јака страна) и ги одредува оперативните показатели.

Чекор 4: Процена и пресметување на резултатите.
Целиот процес на примена на методологијата за една компанија е сложен, интерактивен, долг (може да трае и повеќе од шест месеци), со огромна ангажираност на вработените на клучните позиции. Она што е краен резултат се економски придобивки генерирани според стандардите.

Примери:
I. Име на компанијата: Пластични цевки и системи за цевки за производи (PPP PSL) Лтд и е дел од „Десбро груп оф компанис“ (Desbro Group of Companies), конгломерат активен во производствени и трговски активности во различни сектори во Маврициус, Мадагаскар, Јужна Африка, Кенија, Уганда, Танзанија, Сејшелите
Земја: Маврициус
Индустрија: Цевки и цевководни системи
Број на вработени: 140
Приходи: 8 милиони УСД ($) во 2011 година
Главни производи/услуги: Пластични цевки и фитинзи за вода, снабдување, канализација, одводнување и спроводници за електрични жици. Двоѕидни цевки за телекомуникации и апликации за канализација.
Применети стандарди:
• ISO 1452 – Пластични цевководни системи за водоснабдување и одводнување
• ISO 3633 – Пластични цевководни системи за почва и испуштање
• ISO 4435 и EN 13476 – пластични цевководни системи за подземна дренажа и канализација
• ISO 9001 – Системи за управување со квалитет
• Други стандарди за барања за производи и тестирање
Сѐ додека не ги применија европските и меѓународните стандарди имаа проблеми: со квалитетот на цевките, сигурноста, отпадот, користењето на енергијата, управувањето и не можеа да им парираат на производителите од Источна Азија, кои на нивниот пазар извезуваа релативно евтини цевки. Откако успеаја да ги имплементираат горенаведените стандарди, станаа лидери на пазарот, посебно за структурни ѕидни цевки (европскиот EN 13476) што им овозможија да произведуваат цевки со структура со двоен ѕид, при што имаат заштеда на материјали додека го задржаа истото ниво на квалитет.
Економски придобивки генерирани според стандардите: Околу 177.700,00 УСД ($) или 4,5 отсто од приходите без структурирани ѕидни цевки и околу 364.300,00 УСД ($) или 9,2 отсто вклучувајќи структурирани ѕидни цевки.
II. Име на компанијата: „Балтика пивари“ (Baltika Breweries). Од 2012 г. станува дел од „Карлсберг груп“ (Carlsberg Group), (Данска)
Земја: Руска Федерација
Индустрија: Производство на пиво/пиварници
Број на вработени: 8.840
Приходи/профит: 2,7 милијарди УСД/194,8 милиони УСД (во 2012 година)
Главни производи/услуги: Големо портфолио на пива (и некои безалкохолни пијалаци)
Применети стандарди:
• ISO 9001:2008 – Системи за управување со квалитет
• ISO 14001:2004 – Системи за управување со животната средина
• OHSAS 18001:2007 – Системи за управување со здравјето и безбедноста при работа
• HACCP – Анализа на опасност и критични контролни точки
• ISO 10002:2004 – Постапување по жалби од клиенти
• ГОСТ-стандарди – (за слад и пиво, складирање, постпродажна услуга)
Пред да ги примени и ИСО-стандардите, „Балтика“ се потпираше исклучиво на ГОСТ – руските стандарди, кои колку и да беа квалитетни не можеа да ги задоволат строгите барања на пазарот надвор од Русија. Со имплементирање и на меѓународните и на европските стандарди тие успеаја да ја зголемат продуктивноста на трудот, да ги намалат трошоците за набавка на суровините што се користат во пивото, заштеда на електрична енергија, вода и други ресурси, купување квалитетни суровини од меѓународниот пазар со помала цена, подобрување на своето работење преку охрабрување на клиентите да ги идентификуваат слабите страни на компанијата, да понудат предлози и да ги изразат своите преференции. Стандардите помогнаа да се воспостави ефикасно и висококвалитетно производство и брендирање производи, како и широка дистрибутивна мрежа.Економски придобивки генерирани според стандардите: 3,4 отсто од годишниот приход или 94,1 милиони УСД ($).
III. Име на компанијата: „Данпер Трухило“ (DANPER)
Земја: Перу
Индустрија: Земјоделско-прехранбен бизнис
Број на вработени: 6000
Приходи/профит: 88 милиони УСД ($) во 2010 година.
Главни производи/услуги: Аспарагус (бел и зелен), артичока, пиперки, грав, манго, папаја – конзервирана и свежа, и замрзнат зеленчук и овошје.
Применети стандарди:
• ISO 9001:2008 – Системи за управување со квалитет
• ISO 14001:2004 – Системи за управување со животната средина
• OHSAS 18001:2007 – Системи за управување со здравјето и безбедноста при работа
• HACCP – Анализа на опасност и критични контролни точки
Националните перуански стандарди (NTP) за аспарагус:
• NTP 011.109 (2008), АСПАРАГУС – Свеж аспарагус – Барања
• NTP 011.116 (1991), АСПАРАГУС – Водич за транспорт во фрижидер
• NTP 209.401(2001), АСПАРАГУС – Хигиенски практики за обработка од свеж аспарагус
Со примена на горенаведените стандарди: постојано се подобруваат вештините и се спроведува ефикасен и сигурен синџир на производство, како и квалитетни услуги за испорака на свежи производи. Се обезбедува исполнување на барањата за квалитет на производите на прекуокеанските пазари, со што им се покажува на клиентите во странство способноста за создавање висококвалитетни производи, кои се произведуваат и испорачуваат безбедно, како и создавање доверба во меѓународната трговија. Стандардите помогнаа да се всади култура на континуирано подобрување во компанијата
Економски придобивки генерирани според стандардите: 648.158,00 УСД ($) годишно или 0,73 отсто од приходите од продажба. Клучни квалитативни придобивки: Стандардите помогнаа да се всади култура на континуирано подобрување во компанијата

Љупчо Давчев

Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство и поранешен директор на Македонскиот институт за стандардизација