Фашизмот повторно е во подем, во Европа и во светот. Процесот, иако шокантен, не е неочекуван. Уште во 2015 година, Пол Кругман објасни како сиромаштијата и нееднаквоста, заедно со политиките на штедење, ја поставуваат основата за фашистички подем низ целиот свет. Ова е нов свет, во кој секој појавен фашизам црпи голем дел од својата енергија од мрачниот и горчлив неуспех да се справиме со кризите и, секако, со растечкиот национализам. И покрај сите негови слогани, фашизмот на нашево време повеќе не е посветен на повторното раѓање на новиот човек на класичниот фашизам, туку на обратното инженерство на историјата и на карикатуристичкото митско минато на големите и моќните. За разлика од класичниот фашизам, кој сакаше да промени сѐ, амбицијата на новиот фашизам е да го трансформира системот одвнатре, што го прави поопасен од неговите минати инкарнации.
Фашизмот во 20 век вклучуваше спој на реакционерната политичка моќ со националниот капитал. Спротивно на тоа, фашизмот на 21 век вклучува фузија на транснационалниот капитал со реакционерната и репресивна политичка моќ во државата – израз на диктатурата на транснационалниот капитал. Згора на тоа, јакнењето на глобалната полициска држава централно е насочено кон принудно исклучување на вишокот хуманост. Механизмите на принудно исклучување вклучуваат масовно затворање и ширење на затворско-индустриски комплекси, продорно и насилно полициско работење, антиимигрантско законодавство и режими на депортација, затворени заедници и гета контролирани од армии на приватни чувари и технолошки напредни системи за надзор.
Тука се и сеприсутните, често паравоени „несмртоносни“ методи за контрола на толпата и мобилизација на културните индустрии и државните идеолошки апарати за дехуманизирање на жртвите на глобалниот капитализам. Затоа фашизмот од 21 век, како и неговиот претходник од 20 век, е насилно токсична мешавина на реакционерен национализам и расизам. Колку и да се обидуваме да ги бараме корените на новиот фашизам во историскиот фашизам, ќе видиме како фашистичкото движење мутирало оттогаш и како се движи во насока чиј конечен исход останува непредвидлив.
Гледам никој нема да ѝ каже на јавноста кај нас дека практично до вчера незамисливо беше европската интеграција да може некако, макар индиректно, да придонесе за повторно појавување на фашизмот во Европа. Ниту дека неофашизмот сега, многу повеќе од порано, се заканува да влезе во главните текови на европското општество и политичките институции. Зарем можеше некој да помисли дека европската интеграција, која беше започната како одговор на ужасите на фашистичката диктатура, може некако, макар индиректно, да придонесе за повторно појавување на фашизмот. Очигледно може. И не го велам јас ова. Ова е генерална констатација на многуте аналитичари што ги детектираа новите форми на фашизам во Европа приспособени на 21 век. А ние, заслепени и некритички кон проектот на интеграција во ЕУ, ниту гледаме, ниту читаме, ниту можеме да ги разбереме овие процеси. Зарем може да го барате тоа од интелектуални и образовни политички евнуси. Нивниот шизофреничен кризен менаџмент и проект Европска Унија по секоја цена, многу лесно може да го заживее екстремизмот на националистичките реторики, иредентизмот и насилството како процес на враќање „назад во иднината“.
Ако веќе не го заживеа. Колку само хартија се потроши детектирајќи го фашизмот на претходниот „режим“, колку само хистерични изливи на грозење од растечкиот фашизам во Македонија, за денес, кога ни се случува во реалноста, молк. Одеднаш како да не сакаме да видиме дека македонската држава е повеќе од плодна почва за крајните забегани дегенерирани историски политички идеологии што ги пробиваат политичките бариери на кои се потпира политичкиот демократски мејнстрим повеќе од 30 години. Промоцијата на новиот политички фетиш на безалтернативноста на нашите евроатлантски интеграции креира нова квазиидеолошка матрица, која ги засили антидемократските чувства, ги направи гневни и разочарани гласачите од демократијата, која одеднаш си поигрува со нивниот идентитет и опстанок. Овој проект на власта, кој не прави разлика помеѓу вистината и лагата, ги крие социјалните фрактури што ги создаде и можноста за сериозна идентитетска криза, која секогаш е добра можност за будење на фашистичките идеи внатре и во нашето опкружување. Не верувам дека власта е свесна за ова што се случува во моментов со македонската држава. Од незнаење, неспособност, полтронство, питачење и арогантност не може да го види бранот што доаѓа. Бранот на новиот фашизам, кој многу лесно може да нѐ збрише, како држава и како народ.
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски