Според четирите критериуми, големина и број на изборни единици, изборна формула, изборен праг и број на пратеници, актуелниот изборен модел во Македонија е еден од најпропорционалните изборни модели во Европа и е на второ место од 32 земји, а ако се исклучат земјите под еден милион жители би била прва во Европа. Македонија има попропорционален модел од четирите земји со една изборна единица (Србија, Црна Гора, Косово и Словачка)
Минатата недела започнав да пишувам, поттикнат со „Доживотен мандат за Павле Трајанов“ одговорот од Демократската унија за интеграција (ДУИ), за барањето на повеќе политички партии за реформи во изборниот систем со воведување една изборна единица. Очигледно нервозен одговор на ДУИ, кои не можејќи да аргументираат зошто се против воведување една изборна единица, се обидуваат да ја дискредитираат иницијативата. Од друга страна тоа што ДУИ не е способна за аргументирана расправа, не значи дека иницијативата за воведување една изборна единица е оправдана. И во претходни коментари, како и сега, тврдам дека во моментот е постигната добра комбинација на изборни модели на различни нивоа: мнозински изборен модел за претседател на Републиката, пропорционален изборен модел за Собрание со шест изборни единици, затворени партиски листи и родова квота, мнозински изборен модел за градоначалник и пропорционален изборен модел за совети на општините со затворени партиски листи и родова квота. Различните модели, со нивните предности и недостатоци, носат баланс на легитимност, репрезентативност и стабилност.
Значајни аргументи против воведување една изборна единица донесе студијата на Институтот за демократија (ИДСЦС), каде што авторите Кристијан Фидановски, докторанд на „Оксфорд“, и Влора Речица, магистерка на Лондонската школа за економија, ќе заклучат дека сегашниот модел има „исклучително високата пропорционалност (репрезентативност)“. Овој заклучок е темелен на анализа на четири критериуми, и тоа: број и големина на изборни единици, изборна формула, изборен праг, број на пратеници и споредба со 32 земји од Европа. За бројот и големина на изборните единици пишував минатата недела, со резиме дека Македонија „има натпросечно големи изборни единици во споредба со остатокот од Европа“, што значи дека влезот во парламентот на Македонија е полесен за помалобројни партии во споредба со други земји во Европа.
Вториот критериум е изборната формула. Разни формули ги преточуваат гласовите во пратеници и со тоа се влијае врз степенот на пропорционалност на целокупниот изборен модел. Македонија ја користи Донтовата формула, која е најчесто употребувана во Европа (14 земји). Ова формула е најмалку пропорционална од сите седум формули што се користат. На пример, со добиени 46 проценти гласови во изборната единица три може да се добијат 50 проценти од пратениците. Сепак, изборната формула е релативно мал фактор за севкупната пропорционалност на изборниот модел и да се употреби најпропорционалната Сен-Лаг разликата би била неколку пратеници.
Изборниот праг е третиот критериум. Тој го воведува Германија и изнесува 5 проценти. Целта на ваквиот изборен праг е да се спречи влез во парламентот на мали радикални партии. Ваков изборен праг имаат 11 од 32 земји. Советот на Европа препорачува изборен праг не повеќе од 3 проценти. И земјите што немаат изборен праг имаат скриен или природен изборен праг зависен од бројот на изборни единици и изборна формула. Со употреба на Липхартовата формула се пресметува ефективниот изборен праг. Според таа формула, во Македонија иако нема законски дефиниран изборен праг, ефективниот изборен праг изнесува 3 проценти. Македонија повторно се наоѓа помеѓу попропорционалните држави во Европа од аспект на изборниот праг.
И последниот четврти критериум е бројот на пратеници. Македонија има натпросечен број пратеници (6,4 на 100.000 жители), што ја надминува просечната вредност низ примерокот (4). Земји со слична големина како Словенија, на пример, со своите 80 пратеници при население од 2,1 милион жители, имаат една третина помалку пратеници од Македонија. Ова покажува дека Македонија е една од државите со најголем број пратеници во однос на жители во Европа.
Според четирите критериуми, големина и број на изборни единици, изборна формула, изборен праг и број на пратеници, актуелниот изборен модел во Македонија е еден од најпропорционалните изборни модели во Европа и е на второ место од 32 земји, а ако се исклучат земјите под еден милион жители би била прва во Европа. Македонија има попропорционален модел од четирите земји со една изборна единица (Србија, Црна Гора, Косово и Словачка).
Другите опции како една изборна единица со 5 проценти праг или без праг не се подобри опции од статус кво. Со изборен праг од 5 проценти, кој е најчест изборен праг, ќе биде невозможно за партиите баратели на изборните промени да влезат во парламентот. Без изборен праг Македонија ќе стани аномалија во изборните модели во Европа. Сето погоре води до заклучок на одржување статус кво во изборниот модел.
Благодарност до Институт за демократија, Кристијан Фидановски и Влора Речица за одличната студија, која е достапна на www. idscs.org.mk. За жал, на дебатата во април учествува само две-три политички партии.
Авторот е аналитичар, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични