Камелија Шојлевска
Замислете си еден идеален свет во кој од себе изнедруваш некоја нова вистина… пишувајќи со часови на својот компјутер и кога си завршил и си воодушевен од тоа што излегло од тебе, полн со надеж дека тоа ќе отвори еден нов поглед во оваа веќе стагнантна реалност… и? Започнува твојот пат како да го споделиш тоа со другите.
Па некому му се допаѓа, некој нема поим што писателот сака да каже со делото, некој просудува дека може подобро (јас препорачувам да го стори тоа) и така натаму приказните на тие што пишуваат им се познати.
На крајот книгата се издава… сите среќни и весели, особено пријателите и толку. ПИСАТЕЛОТ ЗАВРШУВА СО СВОЈАТА АВАНТУРА. Тој понатаму нема ништо од продажбата, од пласманот на книгата, од односите што владеат, важно со љубов го дал она што како вредност го носи.
А токму тоа го насочува општеството напред. Идејата споделена со другиот.
Е кај нас писателот од тоа нема ништо, освен да се пофали себеси дека, ете, напишал книга.
Како е во светот?
Издаваштвото и писателството се бизнис, не во онаа смисла како што ние даваме негативна конотација, туку бизнис од кој и писателот и издавачот и книжарниците живеат.
Во светот писателот добива од секоја продадена книга ројалтис… како што музичарот добива тантиеми и тоа за цел век на постоење на неговата книга, музика, уметничко дело. Неговите деца, внуци, правнуци, и тоа се нарекува авторско право.
Се одлучив да го напишам овој текст само од една длааааабокааа желба писателството да го добие своето заслужено место во општеството како една водечка сила, која може преку идеи, ментални комуникации, разни содржини да го придвижи општеството. Така секогаш било со тие луѓе што имаат нешто ново да кажат и да го изнедрат од себе и да искомуницираат со другите што го воделе светот напред, на секое поле.
Авангардата е таа што ги создава идеите на планетата.
Затоа и го пишувам текстов од огромна љубов и желба да се промени нешто, да нѐ натера да размислуваме, нешто менуваме затоа што така настанува промена.
Целиот процес, кој е голем предизвик, некој го вика среќа, некој случајност, но да најдеме човек што ќе биде отворен за нашите идеи и да се реши дека тие идеи треба да допрат до светот е голема работа. Тоа е исто и во секојдневниот живот, а уште повеќе на планот на пишувањето, бизнисот и отворањето кон светот.
На крајот на краиштата токму во такво време живееме, во една постојана борба да се знае што имаме како вредност и другите да го видат тоа во нас и да допрат до онаа убавина што ја имаме во нас.
Писателката Џеки Ролингс, нејзиниот Хари Потер и нејзината романтична приказна речиси сите ги знаеме…, самохрана мајка, спиење во автомобил, мал издавач што нејзината книга ја објави во 1.000 примероци. Потоа сѐ е историја, таа е најбогатата жена писател во светот, а исто така и нејзиниот издавач.
Замислете таа да не добиваше ништо од својата книга, да немаше ројалтис, да немаше вредност писателот итн…
Доволна била само една книга за да ѝ се промени целиот живот и децата да поверуваат во своите моќи. Постои музеј во Лондон „Хари Потер“… за кој со месеци порано треба да купиш карта, доаѓаат луѓе од цел свет.
Ќе речете ама тоа е Хари Потер…, а јас ќе прашам од кај знаеме дека во нашите скриени полици не постои некој сличен?
Дали можете да замислите до какви димензии може да нѐ доведат една книга и еден писател. Некогаш можеби ќе има критики, но некогаш ќе донесе сосема ново, не знаеме, дали сме пробале?
Она пак што се случува кај нас на планот на писателството, книгоиздавателството, пласирањето е една сосема друга приказна.
Можеби ќе си речете еее… па кај нас нема такви писатели како во светот. А јас пак ќе прашам од каде ние го знаеме тоа?
Ние во својата суштина малку го почитуваме она што го имаме… на секој план…, а сакаме некој друг да нѐ потврди… дали тоа е возможно, одговорете сами.
Писателот тука пишува книга, изнедрува делови од најранливиот дел од себе… има храброст да биде искрен, оти идеите понекогаш му се толку необични, што ни самиот не знае дали може да ги сподели, а сепак го прави тоа. Таа необичност создава уникатност, нова идеја, пример на другите дека уникатноста вреди, нови кодови за размислување и полека полека создава ново општество. Затоа што ако некој го прочита и допре тоа до него веќе се создава нова реалност.
Таа вредност што писателот, уметникот му ја дава на едно општество е неизмерна. Сега ќе зборувам само за писателот не и за сите други уметности, кои се токму таа авангарда што нѐ носи напред.
Во таа практична смисла тука помага и државата, на која сум ѝ благодарна за своите конкурси, издвоени средства, како да се поттикне оваа дејност.
Ние сме мала земја, не сме богата земја, ако гледаме во пари… инаку нашето изобилство е наизмерно. Издаваштвото е индустрија во која работат врвни професионалци, лектори, дизајнери, печатари и што уште не за некогаш да излезе една мааааала книга. Да дизајнираш книга што ќе биде пријатна кога читателот ќе ја држи во рака, тоа е уметност, тоа не е само редење страници.
Еве сега што се случува, „Амазон“ станува една од најголемите издавачки куќи и милиони ги праќаат своите дела. Има интернет-формулар, го вметнуваш и сѐ друго прави „Амазон“… Нема плаќање, писателот добива до 70 отсто… Милиони пишуваат и печатат… После ќе му бидеме лути на Џеф Безос… Е па, додека ние се тегнеме вака така, тој создава и им овозможува другите да создаваат… „Амазон“ ја прави рекламата, „Амазон“ печати по побарувачка, „Амазон“ те плаќа од секоја книга, „Амазон“ заработува од секоја книга… и иднината е создадена.
Тие ќе овозможат допир до милијарди луѓе низ целиот свет… Секој што има нешто да каже ќе може да го направи тоа… Од вредноста на неговата мисла ќе зависи колку истиот тој ќе може да заработи… На крајот на краиштата и уметниците плаќаат сметки за струја, вода, парно и сѐ што користат.
Кај нас уште по старо. Пишуваш, добиваш мал хонорар и сѐ тука завршува… Дали книгата ќе се продава, дали книгата ќе ја читаат, дали книгата ќе ја критикуваат, дали ќе ја сакаат дали, дали, дали, дали? Писателот од тоа нема ништо.
Зеро. Нула…
Па каков свет сакаме да создаваме?
Во каков свет сакаме да живееме?
Каква ќе биде нашата креација и дали сме спремни на промени?
Јас да…, а вие?
(Авторката е новинарка и писателка)